Просечната годишна стапка на инфлација годинава е 1,3 процент

Bez autora
Dec 13 2017

На 12 декември се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика. На седницата беше оценето дека монетарната поставеност е соодветна и беше одлучено аукцијата на благајнички записи на 13 декември да се спроведе под непроменети услови, односно да се понудат благајнички записи во износ од 25.000 милиони денари и каматна стапка од 3,25 отсто. Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија во контекст на новите макроекономски проекции, при што беше заклучено дека економските фундаменти се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата.

Просечната годишна стапка на инфлација годинава е 1,3 процентНа 12 декември се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата беше оценето дека монетарната поставеност е соодветна и беше одлучено аукцијата на благајнички записи на 13 декември да се спроведе под непроменети услови, односно да се понудат благајнички записи во износ од 25.000 милиони денари и каматна стапка од 3,25 отсто.

Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија во контекст на новите макроекономски проекции, при што беше заклучено дека економските фундаменти се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата. Сепак, беше истакнато дека сè уште постојат сегменти каде што има одредени ризици и за кои ќе треба да измине време за да се подобрат очекувањата и довербата на економските субјекти. Во вакви услови на здрави економски основи, но и понатаму присутни ризици, потребна е внимателност во однос на промените во монетарната поставеност.

Во однос на најновите макроекономски показатели, по падот на активноста во првата половина од годината, проценетите податоци за БДП за третото тримесечје упатуваат на одредено закрепнување и умерен раст на годишна основа од 0,2 отсто.

Од гледна точка на структурата, растот на активноста во третиот квартал се должи на извозната и на личната потрошувачка, а инвестициската активност продолжи да се намалува, но со побавно темпо во споредба со претходното тримесечје.

Овие остварувања не отстапуваат значително од очекувањата за третиот квартал. Бројот на досега расположливите високофреквентни показатели за активноста во последното тримесечје од годината е мал заради што тешко може да се даде попрецизна слика за движењата во овој период. Сепак, засега овие показатели упатуваат на нешто подобра состојба во економијата во однос на претходниот квартал.

Податоците за инфлацијата за ноември покажуваат континуитет на досегашните движења, односно на умерено забрзување на растот на цените, при што просечната годишна стапка на инфлација во првите единаесет месеци изнесува 1,3 отсто. Растот на инфлацијата во најголем дел се должи на базичната инфлација, а делумно и на цените на енергијата. Инфлациските остварувања се движат во рамките на проекциите.

Во однос на показателите од надворешниот сектор, податоците за билансот на плаќања, заклучно со септември, покажуваат умерен дефицит на тековната сметка од 0,6 отсто од БДП, кој е помал во споредба со претходната година, но воедно е во рамките на очекувањата.

Во склад со проекциите, во финансиската сметка се забележани нето-одливи врз основа на отплата на долгорочен долг, а одливи се карактеристични и за валутите и за депозитите. Од друга страна, краткорочните должнички текови и странските директни инвестиции создадоа нето-приливи во првите девет месеци од годината.

Расположивите податоци за надворешниот сектор за последното тримесечје упатуваат на малку подобри остварувања кај трговското салдо и кај приватните трансфери од очекуваните. Последните расположливи податоци за девизните резерви за последниот квартал покажуваат умерен раст при поволни движења на девизниот пазар и нето-откуп на девизи во текот на кварталот. Движењата на резервите се во рамките на очекувањата, a сите показатели за адекватноста на девизните резерви и натаму се движат во сигурната зона.

Првичните монетарни податоци за ноември, слично како и во претходниот месец, покажуваат солиден месечен прираст на вкупните депозити во банкарскиот систем како резултат на депозитите на населението, но и на прирастот на корпоративните депозити. На кредитниот пазар кредитирањето продолжи забрзано да се зголемува, при што речиси рамномерна е распределбата на кредитите кај секторот население и кај корпоративниот сектор. Засега се оценува дека депозитните и кредитните текови се движат во согласност со очекувањата.

На девизниот пазар поволните движења забележани од август наваму се задржаа и во првата половина од ноември овозможувајќи подобрување на девизната ликвидност на банките и натамошни интервенции на Народната банка за откуп на вишокот девизи во износ од 19,6 милиони евра.

Овие движења привремено запреа кон крајот на ноември кога се зголеми побарувачката на девизи од корпоративниот сектор која, пак, во најголем дел беше надоместена од сопствените средства на банките, а во помал дел и од страна на Народната банка (во износ од 6 милиони евра). Во првата недела од декември дојде до постепено стабилизирање на побарувачката, што во услови на вообичаено сезонско зголемување на понудата на девизи од страна на менувачниците овозможи намалување на меѓубанкарскиот девизен курс.

Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот, ликвидносниот потенцијал на банките се задржа на релативно стабилно и солидно ниво. Банките го пласираа вишокот слободни средства во 7-дневни расположливи депозити кај Народната банка, но и во подолгорочни и повисокоприносни инвестициски инструменти. Со оглед на релативно високата ликвидност, во текот на ноември банките имаа намалена потреба за финансирање преку пазарот на пари, каде што речиси еднакво се тргуваше со меѓубанкарски депозити и со хартии од вредност на секундарниот пазар.

За декемврискиот период на задолжителната резерва се очекува сезонски раст на денарската ликвидност на банките, која вообичаено кон крајот на годината се користи за кредитна поддршка на приватниот сектор.

Во ноември на меѓународните финансиски пазари курсот на еврото зајакна, а приносите на државните обврзници се зголемија во услови на согледувања за пониски политички ризици и умерено повисоки ценовни движења во еврозоната. Од другата страна на Атлантикот беше забележано натамошно израмнување на кривата на принос на американските државни обврзници поради очекувањата дека на состанокот во декември ФЕД ќе ги зголеми каматните стапки. Цената на нафтата забележа нагорна промена во исчекување на одлуката за дополнително намалување на понудата на нафта од страна на ОПЕК и по март 2018 година.

Како што соопшти Народната банка, на седницата e заклучено дека тековните економски и финансиски услови, како и постојните ризици, укажуваат на тоа дека постојната монетарна поставеност засега е соодветна. Екстерната позиција, доколку се оценува според остварувањата кај тековната сметка на билансот на плаќања, генерално е во рамките на очекувањата и покажува задржување на здравите економски фундаменти.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik