pretraga

kursna lista

RS

BA

HR

MK

EUR 118.3363
USD 104.206
CHF 104.7873
GBP 131.5725
CAD 77.9143
HRK 15.9936
BAM 60.5044
EUR 1.955830
CAD 1.349428
HRK 26.179579
CHF 1.775370
GBP 2.573629
USD 1.757863
RSD 1.592767
CAD 5.051136
CZK 0.281834
CHF 6.985052
GBP 9.636229
USD 6.918497
EUR 7.624184
PLN 1.743468
EUR 61.505
USD 46.5066
GBP 72.8128
CHF 46.4119
CAD 45.4818
10.10.2018.Makfax Macedonia

НБРМ: Растот на БДП за првата половина од годината е послаб од очекуваниот

НБРМ: Растот на БДП за првата половина од годината е послаб од очекуваниотКомитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија вчера одржа седница на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Комитетот оцени дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови, при што одлучи да ја задржи каматната стапка на благајничките записи на нивото од 2,75 отсто. На седницата исто така се одлучи понудата на благајнички записи за аукцијата што ќе се одржи на 10 октомври 2018 година да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари.

Општо земено и на оваа седница, Комитетот ги задржа досегашните согледувања за здрави економски основи и стабилни очекувања на економските субјекти видливи преку поволните движења на девизниот пазар и растот на депозитната основа на банките. Ризиците за економијата од домашното, но и од надворешното опкружување, и понатаму се присутни.

Споредбата на последните макроекономски показатели за домашната економија со нивната проектирана динамика од априлскиот циклус проекции упатува на одредени отстапувања во одделни сегменти од економијата. Во согласност со објавените проценети податоци растот на БДП за првата половина од годината е послаб од очекуваниот главно поради привременото запирање на дел од поголемите проекти во рамките на јавните инфраструктурни инвестиции.

За третиот квартал, при ограничен обем расположливи податоци, засега не може да се даде попрецизна оцена за состојбата во економијата, но, сепак, најголемиот дел од високофреквентните податоци упатува на продолжување на поволните движења во економијата и во овој квартал од годината.

Во однос на инфлациските движења, во периодот јануари-септември, просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени изнесува 1,5 отсто, што претставува надолно отстапување во однос на априлската проекција. Во услови на послаби остварувања, но и нагорна ревизија на надворешните влезни претпоставки кај проекцијата на инфлацијата, се оценува дека ризиците за проектираната стапка на инфлација за 2018 година се урамнотежени.

Последните податоци за девизните резерви покажуваат раст во однос на крајот на претходната година за што во голем дел придонесуваат и интервенциите со нето-откуп на девизи од страна на НБРМ. Растот кај девизните резерви е малку повисок од очекуваниот со априлската проекција, а анализата на показателите за адекватноста на девизните резерви покажува дека тие и понатаму се во сигурната зона.

Расположливите показатели од надворешниот сектор за третиот квартал од годината засега се ограничени. Податоците за надворешнотрговската размена за периодот јануари-август укажуваат на малку повисок трговски дефицит во однос на априлската проекција, а расположливите податоци за менувачкиот пазар покажуваат повисок нето-откуп.

Во однос на остварувањата во вкупниот биланс на плаќања, податоците за првата половина од годината упатуваат на подобри остварувања и кај тековните и кај финансиските трансакции во однос на априлската проекција.

Првичните монетарни податоци за септември 2018 година покажуваат натамошен раст на кредитите при забележано месечно намалување на депозитната база. Имено, во септември депозитите забележаа мал пад, што произлезе од намалувањето на корпоративните депозити, а штедењето на домаќинствата и натаму се зголемува. На кредитниот пазар во септември се забележуваат позитивни поместувања кај корпоративното кредитирање, ко по намалувањето во претходните два месеца, во септември бележи раст и има најголем придонес кон растот на вкупните кредити.

Воедно, продолжи и трендот на зголемување на кредитната поддршка на населението. Депозитните и кредитните текови во текот на третиот квартал се повисоки од очекуваните за овој период, при што и нивото на депозитите и на кредитите во септември го надминува проектираното.

Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот денарските ликвидни средства на банките се намалија под влијание на трансакциите на државата, што делумно беше надоместено со сезонски пониската побарувачка за денарска готовина.

На девизниот пазар Народната банка, и во текот на септември и првите денови од октомври, интервенира со откуп на вишокот девизи придонесувајќи за умерено зголемување на денарската ликвидност на банките. Од почетокот на годината досега вкупниот откуп на девизи од страна на Народната банка изнесува речиси 250 милиони евра. Интервенциите ги одразуваат поволните поместувања на девизниот пазар во трансакциите на банките со корпоративниот сектор, но и поголемиот нето-откуп на менувачкиот пазар, а при истовремено солидна девизна ликвидност на банкарскиот систем.

Високата денарска ликвидносна позиција кај најголем дел од банките и во септември придонесе за намален обем на тргување на пазарите на пари, а банките го пласираа поголемиот дел од вишокот денарски средства во расположливи депозити преку ноќ кај Народната банка.

Во септември беше забележано зголемување на приносите на државните обврзници од двете страни на Атлантикот под влијание на постепеното враќање на склоноста кон преземање ризик и потврдата за постепено намалување на монетарниот поттик во еврозоната.

Имено, на последниот состанок на ЕЦБ беше потврдено дека, почнувајќи од октомври, ќе се намалува месечниот откуп на хартии од вредност во рамките на програмата за квантитативно олеснување, а претседателот Драги посочи на очекувања за натамошно приближување на инфлацијата кон целната инфлација, што создава простор за почеток на нормализирање на политиката во текот на наредната година.

Централната банка на, ФЕД, продолжи со почнатата нормализација на монетарната политика, така што третпат во 2018 година го зголеми целното ниво за распонот на каматните стапки за 25 базични поени на нивото од 2 до 2,25 отсто. И покрај ваквата стабилизација, во текот на месецот на пазарите се појавуваше одредена неизвесност и зголемен интерес на пазарните учесници за инвестиции во сигурни финансиски инструменти.

Оваа неизвесност беше реакција на ризиците за фискалната позиција на Италија. Натамошното заострување на трговските тензии помеѓу САД и Кина, по стапувањето во сила на дополнителните царини воведени од страна на САД за увоз на кинески производи во вредност од 200 милијарди долари, предизвика дополнителна пазарна неизвесност.

Општо гледано, на седницата беше заклучено дека од намалувањето на каматната стапка во август, па досега, не се забележани поголеми промени во трендовите кај показателите клучни за монетарната политика. Последните макроекономски показатели и оцени кај одредени сегменти упатуваат на извесни отстапувања во однос на проектираната динамика, кои засега не предизвикуваат поголеми промени во согледувањата за амбиентот во кој се спроведува монетарната политика.

На седницата беше констатирано дека и натаму постојат ризици и од домашното и од надворешното окружување, при што Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи сите економски и пазарни показатели во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Ocena
Vaša ocena
Bookmark and Share