Еврообврзницата намалена на 270 милиони евра

Bez autora
Nov 25 2015

Наместо 500 милиони евра, колку што на стартот беше најавено дека ќе изнесува новото задолжување на странскиот пазар, Македонија вчера издаде еврообврзница на речиси двојно пониска вредност, 270 милиони евра. Промени има и кај рокот на отплата, односно тој ќе изнесува пет години, наместо 10 години, колку што претходно планираше и најави Владата. Каматната стапка што се постигна изнесува 4,875 отсто. Одлуката да се намали износот на еврообврзницата завчера доцна попладнето Владата ја објави и во „Службен весник на Македонија“. Оваа одлука, како што е наведено, ја донела на 21 ноември годинава, односно за време на викендот.

Наместо 500 милиони евра, колку што на стартот беше најавено дека ќе изнесува новото задолжување на странскиот пазар, Македонија вчера издаде еврообврзница на речиси двојно пониска вредност, 270 милиони евра. Промени има и кај рокот на отплата, односно тој ќе изнесува пет години, наместо 10 години, колку што претходно планираше и најави Владата. Каматната стапка што се постигна изнесува 4,875 отсто.

Одлуката да се намали износот на еврообврзницата завчера доцна попладнето Владата ја објави и во „Службен весник на Македонија“. Оваа одлука, како што е наведено, ја донела на 21 ноември годинава, односно за време на викендот.

„Врз основа на член 18, став 5 од Законот за јавен долг, Владата донесе Одлука за изменување на одлуката за максималниот износ на ново задолжување преку издавање државни хартии од вредност на меѓународниот пазар на капитал - еврообврзница на Македонија“, стои во „Службен весник“. Во новата одлука е наведено дека „сумата од 500 милиони евра се заменува со 270 милиони евра“ и се наведува дека таа влегува во сила со денот на донесување. На одлуката стои потписот на вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески. Во одлуката не е наведено од кои причини е решено безмалку двојно да се скуси износот на задолжувањето.

Новото задолжување ќе биде доволно за од него да се покрие исплатата на старата еврообврзница на износ од 150 милиони евра, која доспева наредниот месец, потоа 100 милиони евра да бидат наменети за покривање на буџетскиот дефицит за следната година, како и за раздолжување кон домашните кредитори и 20 милиони евра ќе бидат пари кои ќе се чуваат на посебна сметка и ќе служат единствено како резерва, доколку неочекувано ескалира кризата со бегалците, за што ургентно би биле потребни финансиски средства.

Исто така, наместо рокот на отплата на еврообврзницата да биде 10 години, се постигнала согласност тој да се намали на пет години, со цел да се намали висината на каматната стапка. Ова е од причина што еврообврзниците со подолг рок на доспевање имаат повисока камата, наспроти оние со покус рок, кај кои таа е пониска.

Инаку, во проспектите за еврообврзницата, стои дека земјава има оценки ББ- (стабилен) од страна на „Стандард и Пурс“, како и ББ+ (негативен) од страна на рејтинг агенцијата „Фич“.

Еврообврзницата ќе котира и со неа ќе се тргува на Ирската берза на хартии од вредност.

Како што е познато, роуд-шоуто меѓу нашата страна и потенцијалните инвеститори стартуваше пред три недели, организирани од трите странски банки што ги ангажираше Владата, Ситигруп, Дојче банк и Ерсте груп.

Експертите во земјава од поодамна сугерираат дека земјава мора да внимава на висината на задолжувањето. Укажуваат и дека Владата мора да го почне процесот на раздолжување.

„Долговите лесно се кумулираат, особено при евтини позајмици и токму таквото акумулирање на долговите беше во основата на европската должничка криза. Врвните економисти сугерираат дека за да не се акумулира нов меур, всушност треба да видиме процес на раздолжување. Македонија не е имуна на таквите размислувања на глобално ниво“, смета професорот Марјан Петрески. Според него, едно од поважните и стари прашања е за што ќе ги потрошиме парите.

Оваа обврзница ќе биде четврта по ред издадена од земјава. Првата се емитуваше во 2005 година, на износ од 150 милиони евра (износ кој сега ќе се враќа во декември годинава), со камата од 4,6 отсто и рочност од 10 години. Втората беше издадена во јуни 2009 година, на 175 милиони евра, со камата од 9,8 отсто годишно, а беше отплатена во јануари 2013 година. И во јули минатата година Македонија ја издаде третата еврообврзница, на износ од 500 милиони евра, со рок на достасување од 7 години, односно јули 2021 година. Каматната стапка изнесуваше 3,975 отсто на годишно ниво.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik