Повеќе се земаат кредити за обртни средства отколку за инвестиции

Bez autora
Feb 09 2016

Порастот на кредитирањето на претпријатијата, што го регистрираше Народната банка на Македонија во последниот квартал лани, повеќе се должи на побарувачката на кредити за обртни средства, отколку за инвестиции или за финансирање нови проекти, велат банкарите. Тие и натаму се внимателни во прогнозите околу динамиката на зголемување на кредитирањето на компаниите годинава, имајќи го предвид влијанието на политичката криза врз носењето деловни одлуки кај фирмите. Од друга страна, асоцијациите на стопанствениците велат дека порастот на индустриското производство што го регистрира во континуитет Државниот завод за статистика покажува дека заживува економската активност, а со тоа и потребата на компаниите за финансиски средства.

Повеќе се земаат кредити за обртни средства отколку за инвестицииПорастот на кредитирањето на претпријатијата, што го регистрираше Народната банка на Македонија во последниот квартал лани, повеќе се должи на побарувачката на кредити за обртни средства, отколку за инвестиции или за финансирање нови проекти, велат банкарите.

Тие и натаму се внимателни во прогнозите околу динамиката на зголемување на кредитирањето на компаниите годинава, имајќи го предвид влијанието на политичката криза врз носењето деловни одлуки кај фирмите. Од друга страна, асоцијациите на стопанствениците велат дека порастот на индустриското производство што го регистрира во континуитет Државниот завод за статистика покажува дека заживува економската активност, а со тоа и потребата на компаниите за финансиски средства.

Според најновиот извештај на НБМ, во периодот октомври - декември лани, кај банките е забележано поголемо кредитирање на претпријатијата. „Обемот на новото кредитирање во последниот квартал е за 2,6 пати повисок од просечниот квартален износ одобрен во претходните три квартали на годината и претставува највисок квартален износ на пласирани кредити во периодот по кризата“, се вели во извештајот на НБМ.

Над две третини од новото кредитирање произлегува од зголемената кредитна поддршка на корпоративниот сектор, што според НБМ, претставува значително поместување во однос на движењата од претходните три квартали, кога кредитите на домаќинствата ја имаа улогата на главен носител на кредитниот раст. 

Пораст на побарувачката за кредити од страна на фирмите во последниот квартал лани регистрирале и во Комерцијална банка, но како што вели главниот финансов директор Маја Штериева, тоа повеќе се должи на потребата за обртни средства, а не за позначајни инвестиции или за финансирање нови проекти. Според нивните сознанија, главно станува збор за регулирање на билатералните односи меѓу фирмите, со оглед на крајот на годината.

Во Комерцијална банка се резервирани и околу прогнозите за поголем пораст на кредитирањето годинава, иако за голема банка како што е Комерцијална, и пораст од 3 отсто во апсолутен износ значи голема сума пари.

Со слични ставови се и во ТТК банка, од каде што велат дека кај нив во последниот квартал лани во целина имало намалување на кредитирањето, токму поради помалиот износ на одобрени кредити за фирмите, иако во истиот период кај населението имале значаен пораст на станбени кредити. 

„Ние повеќе се фокусиравме врз кредитирање на населението каде што порастот во овој период е 12 отсто во однос на една година претходно, но истовремено имаме 17 отсто помалку пласирани средства кај фирмите, што во целина значеше и помал обем на кредитирање“, вели генералниот директор на ТТК банка, Драгољуб Арсовски.

Тој додава дека ТТК банка, која зафаќа околу 1,5 отсто од банкарскиот сектор во земјата, сепак, не е репер за вкупните движења во кредитирањето на фирмите. Одлуката банката да се насочи кон населението била поради процената дека политичката криза влијае врз носењето инвестициски одлуки кај фирмите.

„Ние се' уште нудиме станбени кредити со ниска каматна стапка, што придонесе за значаен пораст на овие пласмани“, вели Арсовски. Во ТТК банка проектирале пораст на кредитирањето за 4-5 отсто годинава, но според Арсовски, тоа во многу ќе зависи и од разврската на политичката криза во земјава. 

Финансиски експерти коментираат дека од почетокот на политичката криза во земјава минатата година забележлива е внимателноста на банките кога станува збор за кредити што им се доделуваат на фирмите. Тоа се одрази и врз обезбедувањето што се бара и каде што најчесто поминуваат станови и деловен простор, а помалку фабричките хали или земјиштето кое тешко може да се реализира, доколку должникот навреме не ги враќа позајмените средства.

Дури предност не се смета и ако некоја фирма има добиено јавен тендер со оглед на нередовноста на наплатите, велат нашите соговорници. Според нив, наглиот пораст на кредитирањето на крајот од годината покажува дека, всушност, станува збор за меѓусебни плаќања меѓу фирмите, со цел некои од нив да не паднат во категоријата лоши должници.

Од друга страна, статистиката во изминатите месеци покажува континуиран раст на индустриското производство.

Тоа, според извршниот директор на Сојузот на стопански комори на Македонија, Митко Алексов, зборува дека на фирмите им се потребни нови финансии за финансирање на производството. 

„Компаниите имаат добри проекти. Доказ за тоа се искористените средства од кредитната линија на ЕИБ која се сервисира преку Македонската банка за поддршка на развојот и кои се со поволни каматни стапки, како и искористеноста на средствата од Фондот за иновации и технички развој“, вели Алексов.

Тој нагласува дека банките би требало да се вклучат и да понудат нови поволни кредитни производи, односно кредити со поволни камати, како што е кај проектот „купи куќа, купи стан“ за населението, се' со цел стимулирање на стопанството и на домашните компании.

„Имаме зголемена активност на компаниите. Како резултат на тоа, во последните 5 месеци од минатата година, односно во периодот од август до декември, во споредба со истиот период претходната година, индустриското производство се зголеми кумулативно за 11,23 отсто“, вели Алексов. 

Инаку, од НБМ очекуваат депозитната база на банките да се зголемува и во следниот период, обезбедувајќи стабилни извори за финансирање на кредитниот раст, кој според октомвриската проекција во следните две години би се движел помеѓу 7 и 8 проценти.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik