„Жетва“ од добри дивиденди на берзата

Bez autora
May 31 2016

Ова што во последниов период се случува на Македонската берза е навистина пријатно изненадување. Вака дел од брокерите со кои разговараше „Утрински“ ги коментираат одлуките на македонските компании и банки за поделба и исплата на дивидендите, кои кај најголемиот дел од акционерските друштва регистрираат пораст во однос на претходната година. По Комерцијална банка, НЛБ банка, „Алкалоид“, „Гранит“ и голем број други компании, деновиве на берзата се актуелни одлуките за распределба на добивките и на Стопанска банка Скопје, „Европа“ и други компании. Дивидендите кои се доделуваат оваа година, а кои се однесуваат на остварената добивка од работењето во минатата, 2015 година, генерално, многу позитивно не' изненадија.

„Жетва“ од добри дивиденди на берзатаОва што во последниов период се случува на Македонската берза е навистина пријатно изненадување.

Вака дел од брокерите со кои разговараше „Утрински“ ги коментираат одлуките на македонските компании и банки за поделба и исплата на дивидендите, кои кај најголемиот дел од акционерските друштва регистрираат пораст во однос на претходната година.

По Комерцијална банка, НЛБ банка, „Алкалоид“, „Гранит“ и голем број други компании, деновиве на берзата се актуелни одлуките за распределба на добивките и на Стопанска банка Скопје, „Европа“ и други компании.

„Дивидендите кои се доделуваат оваа година, а кои се однесуваат на остварената добивка од работењето во минатата, 2015 година, генерално, многу позитивно не' изненадија“, вели Коста Костадиновски, извршен директор на „Илирика“.

Според него, дел од дивидендите што ги исплаќаат компаниите и банките се во пораст во однос на претходната година, како што се дивидендите на „Алкалоид“, НЛБ банка, Комерцијална, „Гранит“, а има и компании кои првпат даваат дивиденда, како што се рафинеријата ОКТА и Охридска банка.

„Всушност, не би било претерување ако се каже дека годинава навистина имаме ’жетва‘ од добри дивиденди на берзата“, смета Костадиновски.

Неодамна одлука за распределба на дивиденди донесе фабриката за кондиторски производи од Скопје, „Европа“. Таа соопшти дека како дивиденди на акционерите ќе подели сума од 561 илјади евра.

Всушност, чоколадната фабрика лани остварила добивка од 28,27 милиони денари, или 460 илјади евра. Од оваа сума, како што одлучи Собранието на акционери на седницата одржана кон крајот на мај, како законски резерви ќе бидат издвоени 23 илјади евра, додека како награди за Управниот и Надзорниот одбор ќе бидат распределени 108 илјади евра.

И, најголемиот дел од добивката, односно 328 илјади евра, ќе заврши како дивиденда. Но, на оваа сума ќе се додадат уште 233 илјади евра од акумулираната добивка од 2014 и 2008 година, и тоа оданочена, како и дел од акумулираната добивка од 2009 до 2013 година, неоданочена. Односно, акционерите на „Европа“, како дивиденди ќе добијат 561 илјади евра.

„Дивидендата во бруто-износ по акција ќе изнесува 150.00 денари“, наведуваат од компанијата. Таа ќе се исплати во законски предвидениот рок, а најдоцна до 30 септември оваа година.

Најнова одлука за распределба на добивката е онаа на Собранието на акционери на Стопанска банка Скопје, но таа ќе биде зачувана, односно оди за акумулирана добивка.

Инаку, оваа банка за минатата година оствари добивка од 1,917 милијарди денари, или 31,17 милиони евра. Притоа, како што наведуваат од банката, во согласност со Меѓународните стандарди за финансиско известување, што се задолжителни за банките, овој износ вклучува сума од 2,73 милиони денари, или нешто над 44 илјади евра, која е распределена за плаќање дивиденда на имателите на приоритетни акции. А, банката одлучи добивката, во согласност со одредбите од Законот за трговски друштва, да се распредели за акумулирана добивка.

Стопанска банка Скопје, всушност, ќе изврши исплата на дивиденда по приоритетни акции во вкупен износ од 2.729.328 денари, или бруто-износ од 12 денари по акција. „Основицата за пресметка на дивидендата изнесува 90.977.600 денари (227.444 приоритетни акции со номинална вредност од 400 денари по акција)“, велат од банката.

Одлична дивиденда неодамна распредели и фармацевтскиот гигант „Алкалоид“. Односно од вкупната нето-добивка од 10,498 милиони евра, како дел за дивиденди и за персонален данок се исплаќаат 5,35 милиони евра. Додека, пак, делот од добивката за инвестиции кај оваа компанија изнесува 5,15 милиони евра.

Неодамна, пак, Собранието на акционери на НЛБ банка донесе одлука од добивката по оданочување во износ од 831,95 милиони денари, односно 13,53 милиони евра, за исплата на дивиденди да се распределат солидни 9,47 милиони евра.

Потоа, за задржана добивка за инвестициски вложувања се наменети 4,06 милиони евра. Износот на бруто-дивидендата по акција изнесува 682 денари. „Добивката која се распоредува во задржана добивка за инвестициски вложувања служи за развојни цели, односно во материјални и нематеријални средства за проширување на дејноста“, велат од банката.

Собранието на акционери на Комерцијална банка, пак, во март донесе одлука нераспределената добивка до крајот на минатата година да се распредели на дивиденда за обични акции 284,88 милиони денари, односно 4,63 милиони евра, а делот за резерви ќе изнесува 240,22 милиони денари.

Износот на дивиденда е за една обична акција 125 денари, односно 12,5 отсто во однос на номинална вредност од 1.000 денари.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik