Македонија се задолжи со 450 милиони евра

Bez autora
Jul 21 2016

Македонија се задолжи со 450 милиони евра на меѓународниот пазар на капитал, откако завчера вечер ја издаде петтата по ред еврообврзница, овој пат со камата од 5,625 отсто и со рок на доспевање седум години. Иако износот е за 200 милиони евра помал од максималниот кој беше предвиден во владината одлука од почетокот на овој месец, и вчера продолжија жестоки обвинувања на релација опозиција - власт и обратно, од една страна за (не)законитоста на постапката, а од друга за попречувањата во издавањето кои влијаеле да се зголеми каматата.

Македонија се задолжи со 450 милиони евраМакедонија се задолжи со 450 милиони евра на меѓународниот пазар на капитал, откако завчера вечер ја издаде петтата по ред еврообврзница, овој пат со камата од 5,625 отсто и со рок на доспевање седум години.

Иако износот е за 200 милиони евра помал од максималниот кој беше предвиден во владината одлука од почетокот на овој месец, и вчера продолжија жестоки обвинувања на релација опозиција - власт и обратно, од една страна за (не)законитоста на постапката, а од друга за попречувањата во издавањето кои влијаеле да се зголеми каматата.

Економистите, пак, акцентот го ставаат врз потребата од поголема транспарентност за трошење на парите. Еврообврзницата беше издадена во вториот обид, откако минатата недела беше одложена поради забелешките од страна на опозицијата, која со писмо реагираше до потенцијалните инвеститори.

За Министерството за финансии условите кои ги постигна Македонија на пазарот на капитал се исклучително поволни со оглед на сложената политичката ситуација во земјата.

„Доколку ги немаше злонамерните опструкции и попречувања од страна на опозицијата, со оглед на првично пројавениот огромен интерес од инвеститорите, каматната стапка ќе беше далеку поповолна, односно истата ќе беше дури под 5 отсто годишно, согласно со очекувањата на меѓународните инвестициски аналитичари“, соопштија од Министерството за финансии.

Од таму велат дека средствата од еврообврзницата ќе се користат за буџетски потреби во фискалните 2016 и 2017 година, како и за отплата на долгови кои доспеваат.

„Владиниот тим успеа да ги обезбеди неопходните средства значајни за одржување на макроекономската стабилност и развојниот тренд на македонската економија“, се вели во соопштението, при што уште еднаш се нагласува дека постапката за издавање на еврообврзницата се одвивала согласно со законските прописи.

Кире Наумов, претседател на Комисијата за финансии на СДСМ, вчера на прес- конференција рече дека СДСМ ќе ги искористи сите механизми да спречи непродуктивни трошења со кои власта ги задолжи граѓаните.

„Министерот за правда не смее да се крие и мора јавно да излезе и да одговори дали Министерството за правда има издадено правно мислење за правната важност за издавањето на оваа еврообврзница“, рече Наумов. Тој се сомнева дека средствата ќе се користат во наредните две до три години, како и дека до вчера во ставката Депозити во ребалансот на Буџетот не било планирано да пренесат средства во 2017 година.

„Новото задолжување ќе ги чини граѓаните вкупно 627 милиони евра“, рече Наумов, имајќи го во предвид износот на еврообврзницата и каматите. Според него каматата би била пониска, доколку власта ги почитувала законите и го прифатела укажувањето на СДСМ да се издаде еврообврзница согласно со постапката од ноември 2015 година. Со најновото задолжување, како што кажа Наумов, јавниот долг е зголемен за над 3 милијарди евра и е на ново историско ниво од речиси 5 милијарди евра или над 50 отсто од БДП.

Одговарајќи на новинарски прашања, Наумов рече дека доколку дојде до формирање на техничка влада, и преку дополнителниот заменик министер ќе се обидат што е можно повеќе овие средства да не се трошат непродуктивно.

„Македонија останува меѓу десетте најмалку задолжени земји во Европа“, реагираа вчера од Министерството за финансии, од каде што тврдат дека доколку се вкалкулираат средствата од еврообврзницата, согласно со податоците на ЕУРОСТАТ, Македонија е меѓу десетте најмалку задолжени земји во Европа со јавен долг под 50 отсто од БДП.

Демократскиот сојуз вчера соопшти дека во соработка и консултација со финансиски експерти, ќе предложи законски решенија со кои ќе се оневозможи Владата да ги задолжува граѓаните без согласност од парламентот.

„Последниот долг со издавање еврообврзница е направен без претходна анализа и консултација на експерти, како и без елементарно информирање на Собранието и пошироката јавност“, оценува ДС.

Доколку се точни процените за зголемување на каматата, произлегува дека внатрешните политички кавги ќе ја чинат Македонија 20-ина милиони евра повеќе, проценуваат финансиски експерти. Тоа, според нивни пресметки е разликата доколку за обврзницата се постигнеше камата од 5 отсто како што се најавуваше, и сегашната, која е за 0,6 процентни поени повисока.

Од една страна нетранспарентноста на државните органи за доспеаните обврски и за вистинските потреби за задолжување, а од друга страна, прикажувањето на земјата во негативно светло пред кредиторите, влијаеја врз зголемување на цената која ќе треба да се плати.

„Излегува дека сами си пукаме во нога“, вели Коста Костадиновски, првиот човек на Друштвото за управување со инвестициски фондови „Илирика“. Според него, кој и да ја води државата, ќе има потреба од надворешно задолжување, но не е сеедно по која каматна стапка.

„За финансиските пазари најважни фактори се имиџот на земјата, рејтингот и довербата“, вели Костадиновски. Тој се согласува дека сега е најважно за што ќе се искористат парите, односно дека тоа треба да бидат проекти кои ќе обезбедат економски развој.

Инаку, агенцијата „Блумберг“, во врска со најновото задолжување на Македонија, оценува дека примерот на нашата земја за издавање државни обврзници ќе го следат Црна Гора, Мексико и Катар.

„Македонија покажа дека дури и земја со политичка криза може да продаде обврзници и да има побарувачка од страна на инвеститорите“, изјави за „Блумберг“ Луц Роемејер, менаџер во Ландсбанк Берлин инвестмент. „Но, цената е помал обем и повисок принос“, додава тој.

Македонија минатата година во ноември издаде обврзница од 270 милиони евра на пет години, со принос од 5,125 отсто.

Обврзницата требаше да е под 300 милиони евра

За универзитетскиот професор Марјан Петрески добро е што Владата го намали задолжувањето од 650 на 450 милиони евра, иако според него тоа требало да биде под 300 милиони евра, бидејќи смета дека олку големо задолжување државата не може да издржи со оглед на економскиот раст што може да го оствари.

„Целокупниот притисок што се создаде во јавноста придонесе Владата да го намали износот на еврообврзницата, што е мал позитивен чекор, иако ќе беше разумно ако износот беше под 300 милиони евра. Каматната стапка е во зоната на очекувањата, иако останува впечатокот дека сите случувања во текот на издавањето оставија печат и врз каматата. Во секој случај, каматната стапка е висока споредено со економскиот раст што го генерира економијата, и од таа перспектива содржи елементи на неодржливост, односно задолжувањето е скапо“, вели Петрески.

Според аналитичарите она што е најважно е за што ќе се потрошат парите, а во суштина никој конкретно не открива за што точно ќе бидат наменети. Тие ја повикуваат Владата да излезе со јасен план за трошењето, за тоа колку средства доспеваат за враќање и кон домашните и кон странските кредитори, односно го повикуваат Министерството за финансии да даде отчет.

„Не знаеме конкретна намена на парите, па и не можеме да процениме дали се задолжуваме рационално или не. Затоа апелирам Владата да ја ажурира својата фискална стратегија со планираните износи на задолжувањето, со изложување јасен план за трошењето на средствата над износите што доспеваат за враќање и да ја даде фискалната стратегија на широка јавна расправа. Само така ќе покажат отчетност и транспарентност во делот на јавните финансии, што досега беше една проблематична слаба страна“, вели Петрески.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik