Секој втор вработен е пријавен на пониска плата од реалната

Bez autora
Oct 27 2016

Речиси секој втор работник е пријавен на плата што е пониска од онаа што реално ја добива, т.е. на која треба да му се исплаќаат придонеси за здравствено и за социјално осигурување. Дополнително, еден од 10 работници воопшто немаат потпишано договор за работа со својот работодавач, со што покрај социјалните придонеси, се избегнува и плаќањето на данок на приход. Последиците можат да бидат: слаба или неквалитетна социјална и здравствена заштита, необјективна процена на големината на БДП, нереален број на невработени - вработени и социјално загрозени лица, голема стапка на даночна евазија и помал буџет, што е предизвик и за фискалната политика на државата. Ова се дел од резултатите од „Анкетата на населението за непријавена работа во 2016 година“, на Центарот за истражување и креирање политики, ЦРПМ.

Секој втор вработен е пријавен на пониска плата од реалнатаРечиси секој втор работник е пријавен на плата што е пониска од онаа што реално ја добива, т.е. на која треба да му се исплаќаат придонеси за здравствено и за социјално осигурување.

Дополнително, еден од 10 работници воопшто немаат потпишано договор за работа со својот работодавач, со што покрај социјалните придонеси, се избегнува и плаќањето на данок на приход. Последиците можат да бидат: слаба или неквалитетна социјална и здравствена заштита, необјективна процена на големината на БДП, нереален број на невработени - вработени и социјално загрозени лица, голема стапка на даночна евазија и помал буџет, што е предизвик и за фискалната политика на државата.

Ова се дел од резултатите од „Анкетата на населението за непријавена работа во 2016 година“, на Центарот за истражување и креирање политики, ЦРПМ.

Истражувањето покажа и дека непријавената работа, иако обично се манифестира со непотпишување договор со работникот и неисплаќање на задолжително социјално осигурување, исто така може да се покаже и преку потпишување договор со скриени клаузули: плата во плик или дополнителен договор на дело, со што се избегнува плаќање придонеси во реална висина.

Резултатите од анкетата укажуваат дека од испитаниците кои имаат основно вработување: 46 отсто од приходите се делумно или целосно непријавени, во споредба со 40 отсто во 2014, девет отсто од вработените работат без договор за работа, во однос на седум отсто во 2014, најмалку или 7,4 отсто рекле дека имаат добиено дел од платата во кеш.

Сепак, не се сите показатели негативни. Во 2016 година имало подобрување на перцепциите и на процентот на несогласување со изјавата: „Повеќе би бил непријавен работник со повисока плата отколку пријавен со пониска плата“ . Процентот е зголемен на околу 70 отсто од испитаниците, независно од финансиската состојба во домаќинствата.

„Ова е подобар тренд во споредба со 2014 година, кој охрабрува и индицира подобро познавање на населението за негативните последици од непријавената работа“, стои во извештајот за анкетата.

Резултатите од неа укажуваат и дека 90 отсто од испитаниците, покрај основното, имаат и дополнително вработување, што е повеќе за 10 отсто во споредба со 2014 година. Потоа, дека околу 70 отсто не пријавуваат ниту пак плаќаат персонален данок за дополнителната дејност, во споредба со над 50 отсто од вработените во 2014.

Иако на речиси половината работници им се исплаќаат придонеси на сума пониска од реалната месечна плата, и во 2014 и во 2016 година, секој втор испитаник е свесен дека неплаќањето данок и непријавувањето приход негативно влијаат на локалната економија, а 7 од 10 испитаници се свесни дека даночната евазија за нив лично значи и понеквалитетни јавни услуги.

Одговорноста за непотполното исплаќање на придонесите најмногу лежи кај работодавците, но дел од вината имаат и работниците кои ги прифаќаат таквите услови. Во таа смисла, резултатите покажуваат дека нема поголеми промени од последните мерења од 2014 година и дека се уште околу 22,1 отсто од испитаниците би прифатиле да работат непријавени ако примаат повисока плата. Покрај тоа, фактот дека 62,7 отсто од испитаниците, во споредба со 56,4 отсто во 2014 изјавиле дека осигурувањето не им обезбедува доволно сигурност, може да се смета за дополнителна причина за прифаќањето на непријавена работа.

Теренската анкета на ЦРПМ е спроведена во мај и јуни годинава на репрезентативен примерок од 1.097 испитаници, со цел да се утврдат различните форми на скриени економски активности и тие да се споредат со истата анкета од октомври 2014 година. Проектот е делумно финансиран од „Балканскиот фонд за демократија“.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik