Преработувачите на земјоделски производи оваа година ќе преработат 10.000 тони повеќе производи во однос на минатата година.
Ова денеска го соопшти претседателот на Асоцијацијата на преработувачи, Борис Алексов по средбата со примарните производители на градинарски производи.
Двете страни денеска се состанаа во просториите на министерството за земјоделство за да ги доближат ставовите околу количините и цената на производите кои треба да ги откупат преработувачите.
Целта на средбата е да се иницира процес на договорно производство кој ќе гарантира добри цени и пласман за примарните производители од една и доволно количини за преработувачите од друга страна, изјави заменик министерот за земјоделство Перица Ивановски.
Претставник на федерацијата на примарни производители на градинарски производи рече дека ги добиле предложените цените и дека истите ќе мора дополнително да ги дефинираат.
Производителите побарале нагорна корекција на цените, бидејќи според нив, има простор за добијат поголеми откупни цени.
Земјоделците наведоа дека ја имаат загубено довербата во откупувачите поради претходните варирања на цените, а како проблем го истакнаа и времето на исплата на откупот.
За Асоцијацијата на преработувачи најважно е да се обезбеди доволна количина на суровини бидејќи речиси 80 отсто од производите се за извоз.
“Капацитетите на преработувачки објекти се зголемуваат, а со тоа се зголемува и потребата од суровини за производство. Во моментов бројот на преработувачки капацитети е 53, од кои 44 се во функција. Во 2008 година за 10 отсто се зголеми откупот на земјоделски производи во однос на претходната година и за оваа година планираме да преработиме 70.000 тони“, рече Борис Алексиев.