Алфа банка Скопје, која до сега беше целосно во сопственост на истоимената грчка банкарска групација, ќе се преименува во Силк роуд банка, откако за 1,2 милиони евра беше купена од Швајцарецот со пакистанско потекло Анис Кан, преку неговиот фонд „Силк роуд“. Банката, како што посочи Кан на прес-конференција вчера во Скопје, ќе продолжи да работи како со граѓаните така и со претпријатијата, а ќе се фокусира кон унапредување на работењето и воведување нови современи продукти кои сега ги нема во банкарскиот систем кај нас. Ќе донесеме нови вредности и принципи во работењето. Ќе се свртиме многу повеќе кон клиентите, кои кога ќе влезат во нашата банка ќе може да ја завршат работата нежно како што е свилата.
Алфа банка Скопје, која до сега беше целосно во сопственост на истоимената грчка банкарска групација, ќе се преименува во Силк роуд банка, откако за 1,2 милиони евра беше купена од Швајцарецот со пакистанско потекло Анис Кан, преку неговиот фонд „Силк роуд“.
Банката, како што посочи Кан на прес-конференција вчера во Скопје, ќе продолжи да работи како со граѓаните така и со претпријатијата, а ќе се фокусира кон унапредување на работењето и воведување нови современи продукти кои сега ги нема во банкарскиот систем кај нас.
„Ќе донесеме нови вредности и принципи во работењето. Ќе се свртиме многу повеќе кон клиентите, кои кога ќе влезат во нашата банка ќе може да ја завршат работата нежно како што е свилата“, рече Кан, алудирајќи на новото име на банката (Патот на свилата).
Постојното име ќе може да се користи во наредните три месеци, со можност тоа да се продолжи уште за еден месец, што е дел од договорот со грчката групација.
Одговарајќи на новинарски прашања, Кан рече дека трансферот на услугите како што се картичките, кредитите и сл. со новото име, ќе оди постепено, така што постојните клиенти, граѓаните и компаниите, нема да ги почувствуваат промените.
Осврнувајќи се на повеќе дилеми кои се појавија во македонската јавност, поврзани со продажбата на Алфа банка, меѓу кои цената, на вчерашната прес-конференција беше истакнато дека таа не е ниска ако се има во предвид вредноста на акциите на другите банки кои котираат на берзата, кои се 30 до 50 отсто пониски од книговодствената вредност.
„Имајте предвид дека состојбите беа едни пред 2008 година и сосема поинакви по 2008 година“, рече Кан додавајќи дека тој има големо искуство во сферата на финансиите. Според него, економската криза целосно ги променила условите во земјите во регионот, па и пошироко. Тој меѓу другото рече дека е на чело на мала банка во Швајцарија со само деветмина вработени, но која остварува поголема добивка од многу банки овде.
„Во последните десетина години во Македонија немало банкарска трансакција. Никој не сака да инвестира во банки“, рече Кан, кој сепак, купувањето на Алфа банка го смета за добра инвестиција, иако банката во последните шест години работела со загуба.
Тој најави преструктурирање банката, а одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има намалување на бројот на вработени (во моментов се околу 240), одговори дека не планираат нагло кратење на работните места, туку тоа ќе биде преку природен одлив, а ќе обезбедат соодветна обука на вработените, додека оние кои ќе заминат ќе добијат социјален пакет.
На чело на банката ќе биде Ралф Шнебели, кој ќе го преземе управувањето откако ќе ја добие потребната лиценца од Народна банка на Македонија.
Шнебели изјави дека во Македонија има потенцијал за раст на банкарскиот сектор, имајќи предвид дека засега 37 отсто од населението се' уште нема банкарска сметка, како и дека Алфа банка има добра основа за развој. Тој најави воведување нов информативен систем и воспоставување „швајцарски модел на работење“ со воведување нови процеси и пренесување на дел од бизнисот кој се однесува на меѓународното работење.
Богов: Цената е резултат на пазарните околности
Гувернерот Богов вчера за медиумите повторно објасни дека цената што се постигнала при продажбата на Алфа банка е резултат на пазарните околности, а НБМ има документ со кој се легитимира сопственикот на фондот кој се јави како купувач на Алфа банка.
„Цената е резултат на пазарните околности и се договара меѓу купувачот и продавачот. НБМ нема никакво влијание врз цената. Ако гледате кои се цените по кои се тргуваат акциите на оние македонски банки кои се котирани на берзата, тоа е 30 до 50 отсто од книговодствената вредност. Ако видите по која цена се продале банки во Европа во последните неколку години, цената не се разликува многу од оваа цена по која беше продадена Алфа банка“, рече Богов.
Тој нагласи дека новиот сопственик на Алфа банка е со висок кредибилитет, со исклучително банкарско искуство. Бил основач и сопственик на Фонд во кој имале инвестирано и реномирани институционални инвеститори, како што е германска КФВ и други, а овој Фонд бил сопственик на акции во банки во Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Македонија.
„Во 2007 година тогашниот гувернер на НБМ го лиценцира истиот овој акционер како основач и управител на Фондот кој купил околу 9 отсто од акциите на тогашната ИК банка, а кога оваа банка ја купи Демир Халк, тој Фонд излегол од оваа банка. Така што, не се работи за инвеститор кој е непознат и кој не бил присутен во Македонија и во регионот“, тврди Богов.
Тој додаде дека во Македонија повеќе од десетина години има случај кога два фонда од Швајцарија, со акции на доносител, се сопственици во една македонска банка. „И во тој случај НБМ постапила на истиот начин и го идентификувала крајниот сопственик. Не очекувам никакви проблеми, туку со оваа трансакција се намалува системскиот ризик во банкарскиот сектор и ќе биде успешна приказна“, изјави Богов.