
Северна Македонија ќе претрпи пад на БДП од 3,5 отсто во 2020 година како последица од пандемијата на коронавирусот, наведува Европската банка за обнова и развој во последното економско предвидување објавено во денешниот извештај. Банката очекува дека земјата ќе бележи раст од 5,5 отсто во 2021 година.
Според последното издание на извештајот „ЕБОР – регионална економска иднина“, ранливоста на Северна Македонија од епидемијата е средна и е под претпоставка за привремено влијание од неа.
Во 2020 година економиите во регионите каде што ЕБОР има свои канцеларии, можно е во просек да опаднат 3,5 отсто. Во 2021 година се очекува општ раст од 4,8 отсто, наведува извештајот, предупредувајќи дека проекциите се предмет на несигурност без преседан.
Главниот економист на ЕБОР, Беата Јаворчик, изјави дека светот излегува од кризата, но неопходно е да се гледа кон идна соработка и поголема економска издржливост.
„Кризата беше голем удар и излегувањето од неа ќе биде предизвик. Ова не е време за економски национализам и протекционизам, туку време за креирање подобра иднина преку меѓународна посветеност на слободна трговија, климатски промени и економска соработка“, истакна таа.
Извештајот предвидува скромно влијание на кризата врз долгорочната траекторија на економските резултати, со раст од крај на третиот квартал, но со потенцијално значајни долгорочни економски, политички и социјални ефекти.
„Доколку социјалната оддалеченост продолжи подолго од планираното, рецесијата може да се продлабочи, со нивото на излезни показатели на жител од 2019 година, кои не би можеле да се постигнат во наредните години”, стои во извештајот.