Лицата што купуваат станови и брзо ги продаваат со цел да остварат печалба, во иднина ќе плаќаат персонален данок на доход за целата разлика на цената, а не само на 70 отсто како до сега. Ова се предвидува во измените од Законот за персонален данок од доход, кој вчера попладне ја помина првата фаза во Собранието, а се однесува на капиталните добивки и донесува новини за утврдување на купопродажната цена. Со ова, како што оценуваат даночни експерти, ќе се стесни просторот на оние кои преку купување и продавање недвижност на брз начин сакаат да стекнат добивки, односно купуваат по пониска, а продаваат по повисока цена. Во законските новини се предвидуваат и исклучоци кои овозможуваат повластици при оданочувањето на ваквите приходи. Така, доколку оној кој го продава станот, живеел во него најмалку една година пред продажбата, во даночната основа ќе се внесат 70 отсто од разликата во цената.
Лицата што купуваат станови и брзо ги продаваат со цел да остварат печалба, во иднина ќе плаќаат персонален данок на доход за целата разлика на цената, а не само на 70 отсто како до сега. Ова се предвидува во измените од Законот за персонален данок од доход, кој вчера попладне ја помина првата фаза во Собранието, а се однесува на капиталните добивки и донесува новини за утврдување на купопродажната цена. Со ова, како што оценуваат даночни експерти, ќе се стесни просторот на оние кои преку купување и продавање недвижност на брз начин сакаат да стекнат добивки, односно купуваат по пониска, а продаваат по повисока цена.
Во законските новини се предвидуваат и исклучоци кои овозможуваат повластици при оданочувањето на ваквите приходи. Така, доколку оној кој го продава станот, живеел во него најмалку една година пред продажбата, во даночната основа ќе се внесат 70 отсто од разликата во цената. Притоа, при утврдување на основата за пресметување на данокот, покрај добивката се земаат предвид и вредноста на инвестициите и издатоците за инвестициско одржување. Во случај, пак, обврзникот кој живее најмалку една година во недвижниот имот пред продажбата, го продава по истекот на три години од денот на стекнувањето, или го продава по истекот на пет години од денот на стекнувањето, тогаш нема да плаќа ако оствари капитална добивка од продажбата. Истото се однесува и на продажба на недвижниот имот добиен во наследство или подарок, доколку е ослободен од плаќање на данок во согласност со одредбите од Законот за даноците на имот. Персонален данок на капитална добивка нема да се плаќа и на приходот остварен од продажба извршена помеѓу брачните другари, како и од страна на брачните другари, извршена на трето лице во случај кога продадениот недвижен имот е во непосредна поврзаност со развод на бракот.
Вчера овие законски измени се најдоа и на собраниска седница, откако минатата недела тие добија виза на матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет.
Целта на измените е допрецизирање на одредбите кои се однесуваат на дефинирање на продажната цена при продажба на недвижен имот, образложија од Министерството за финансии.
Во таа насока, предвидена е можност, државните институции да ја коригираат купопродажната цена доколку оценат дека е пониска од пазарната.
Тоа значи дека доколку Управата за јавни приходи се посомнева во договорената купопродажна вредност, односно смета дека е пониска од пазарната, тогаш ќе се примени процената која сега се прави кај утврдување на данокот на имот, односно ќе се користи Методологијата за процена на пазарната вредност на недвижен имот, без данокот на промет на недвижности, се вели во образложението.
Кај оние, пак, кој сами изградиле стан, куќа и сл. за набавна цена ќе се смета цената на чинење на недвижноста, којашто ќе треба документирано да ја докажат врз основа на трошоците за изградба. Ако тоа не може да се стори, тогаш за набавна ќе се смета цената на чинење на ист или сличен недвижен имот. Ако во тоа подрачје нема таков објект, тогаш за набавна цена ќе се смета цената на чинење на ист или сличен недвижен имот во периодот на изградбата, која ќе се утврдува како просечна цена за територијата на Република Македонија.
Брокерите очекуваат да продолжи ослободувањето за акциите
Во предложените законски измени е и одредбата што се однесува на оданочувањето на капиталните добивки од продажба на хартии од вредност. Притоа, се вели дека „како продажна цена при продажба на хартии од вредност и учеството во капиталот се смета договорената цена, односно цената која органот за јавни приходи ќе ја утврди ако оцени дека договорената цена е пониска од пазарната“.
Инаку, капиталните добивки од хартии од вредност, пред 2,5 години привремено беа ослободени од плаќање персонален данок. Ова ослободување истекува годинава, но брокерите очекуваат тоа да се продолжи, имајќи ги предвид состојбите на пазарот на капитал.
Ослободени од плаќање персонален данок се и приходите од камати од штедни влогови. По неколку одложување, пратениците одлучија ова ослободување да важи до влезот на Македонија во ЕУ.