Без опомена нема блокирање на сметките од извршители. Оваа новина се предвидува со новиот Закон за извршување, кој почна да се применува од вчера. Со него се нудат поволности за доверителите, должниците и за извршителите, а пред се' за ранливите категории граѓани. Најважна новина во Законот е и тоа што за неплатени комунални сметки, извршителот нема да смее да ги блокира трансакциски сметки на граѓаните без претходно да го извести дека постои некој долг и од нив да побара да предложи начин на кој ќе се сервисира долгот. Ова предупредување ќе биде задолжително, пред присилно извршување. Досега граѓаните најмногу реагираа дека не биле предупредени и воопшто не знаеле дека против нив се води некаква постапка.
Без опомена нема блокирање на сметките од извршители. Оваа новина се предвидува со новиот Закон за извршување, кој почна да се применува од вчера. Со него се нудат поволности за доверителите, должниците и за извршителите, а пред се' за ранливите категории граѓани.
Најважна новина во Законот е и тоа што за неплатени комунални сметки, извршителот нема да смее да ги блокира трансакциски сметки на граѓаните без претходно да го извести дека постои некој долг и од нив да побара да предложи начин на кој ќе се сервисира долгот. Ова предупредување ќе биде задолжително, пред присилно извршување. Досега граѓаните најмногу реагираа дека не биле предупредени и воопшто не знаеле дека против нив се води некаква постапка. Напротив, кога ќе дознаеја дека сметката им е блокирана, се информираа каде и за што се тужени. Подоцна за деблокирање на сметката на банката мораа да и платат од 1.000 до 1.500 денари, во зависност од тоа која банка го извршила блокирањето.
Како поволен момент се воведува и вонсудската наплата која ќе овозможи пред почетокот на каква било постапка граѓанинот да го сервисира својот долг без поголеми трошоци.
Со вонсудската наплата, како што појаснуваат од Комората на извршители на Република Македонија (КИРМ), ќе се решаваат оние предмети што не го надминуваат утврдениот паричен лимит и тоа за комуналните сметки за струја, парно и вода до 6.000 денари и за телефон, кабелска и одржување на зграда до 2.000 денари. Тоа ќе значи дека доверителот пред да почне каква било постапка за тужење, со покана прво ќе се обрати до должникот, каде што ќе го повика да го плати долгот во рок од 15 дена. Ако долгот се плати во предвидениот рок, должникот нема да има никакви, односно ќе има занемарливи трошоци.
Досега за неплатена сметка од 3.000 денари, сумата која требаше да ја плати должникот некогаш можеше да достигне и до 16.000 денари, од кои за камати и судски такси се пресметуваа и по околу 1.100 денари, за адвокатски и нотарски трошоци од 8.000 до 9.000 денари, а извршителот наплаќа 2.500 денари.
Сите овие трошоци со новиот Закон ќе се исклучат, но само ако долгот се плати во предвидениот рок. Ова значи за неплатена сметка за вода од 3.000 денари должникот преку извршителот ќе го плати долгот зголемен за занемарливи трошоци и камата што нема да бидат поголеми од 5 до 10 отсто од самиот долг. Но, ако по истекот на рокот не ја плати сумата што ја должи, повторно се оди на постапка на тужење, која неколкукратно ќе ги зголеми трошоците, појаснуваат од КИРМ.
Според Комората, најважен момент е електронското поврзување на извршителите со сите институции од каде ќе се добиваат бесплатни податоци со што ќе се намалат трошоците.
Со присилна наплата собрани околу 75 милиони евра
За присилна наплата, извршителите во Македонија во првите девет месеци од 2016 година примиле 134.740 барања за извршување. Од нив реализирале 28,40 отсто, или 38.266 барања, а вкупниот износ на наплата од извршување е 75.715.471 евра. Овие средства се за околу 2 милиони евра помалку од минатата година.