Бизнисот бара Владата да ја зголеми капиталната база на државната банка за поддршка на развојот, со цел таа да може повеќе да кредитира и да гарантира за проекти, и на тој начин да му обезбеди посилна поддршка на домашното стопанство. На својата вчерашна прес-конференција Стопанската комора на Македонија побара Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР), во следните пет години да ја зголеми капиталната база, од постојните 20 милиони евра на 60 милиони, да ја прошири палетата на услуги, како и да му посвети внимание на своето кадровско зајакнување. Јелисавета Георгиева, потпретседателка на Комората, вели дека овие предлози, заедно со уште неколку други, компаниите ги подготвуваат подолг период, а во текот на вчерашниот ден и беа доставени до Владата. Нивната реализација е предвидена на среден рок. Ја охрабруваме Владата од идната година да почне со значајна буџетска поддршка за континуирано докапитализирање на банката. Цениме дека МБПР може и треба да има поголем обем на финансиски услуги за крајните корисници, со единствена цел - поддршка на домашните компании и на извозот, рече Георгиева.
Бизнисот бара Владата да ја зголеми капиталната база на државната банка за поддршка на развојот, со цел таа да може повеќе да кредитира и да гарантира за проекти, и на тој начин да му обезбеди посилна поддршка на домашното стопанство.
На својата вчерашна прес-конференција Стопанската комора на Македонија побара Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР), во следните пет години да ја зголеми капиталната база, од постојните 20 милиони евра на 60 милиони, да ја прошири палетата на услуги, како и да му посвети внимание на своето кадровско зајакнување.
Јелисавета Георгиева, потпретседателка на Комората, вели дека овие предлози, заедно со уште неколку други, компаниите ги подготвуваат подолг период, а во текот на вчерашниот ден и беа доставени до Владата. Нивната реализација е предвидена на среден рок.
„Ја охрабруваме Владата од идната година да почне со значајна буџетска поддршка за континуирано докапитализирање на банката. Цениме дека МБПР може и треба да има поголем обем на финансиски услуги за крајните корисници, со единствена цел - поддршка на домашните компании и на извозот“, рече Георгиева.
Според неа, докапитализацијата на МБПР е приоритетно прашање, на кое во изминатиот период Комората постојано инсистира, но тоа не е предвидено во Националната програма на економски реформи за 2015 година. „СКМ оценува дека постојниот капитал на МБПР е мал и недоволен за да може да одговори на успешно извршување на поставените законски обврски, како и на идните обврски што ги планира Владата и што ги очекува стопанството од неа. Такви се кредитирање инфраструктурни проекти, проекти за рамномерен регионален развој, споделување на ризикот кај кредитирање на поголемите проекти, гаранции за учество на покрупни меѓународни тендери, за добро извршување на работите, за поврат на аванс и за отстранување недостатоци во гарантен рок, поголемо вклучување во делот на кредитното осигурување и кај извозните побарувања од комерцијални и политички ризици“, нагласи Георгиева.
Комората, исто така, смета дека покрај докапитализацијата со средства од буџетот, во надлежност на МБПР, треба да се предвидат и одредени облици на државната помош (субвенции), пред се' за инфраструктурни проекти на локално ниво, отпишување или преземање долгови, изземање, намалување или одлагање на плаќање на јавни давачки, како и продолжување проекти за доделување кредити под поволни услови.
За реализирање на ваквите барања, Стопанската комора ќе достави и иницијативи за измени на соодветните законски решенија.
Според Георгиева, Комората има одлична соработка со МБПР, и смета дека таа одиграла и се' уште игра клучна улога во поддршката на македонското стопанство. Но, како што нагласи, потребата од повеќе средства за економијата е неминовна. Таа како пример ја посочи Хрватска, чија Развојна банка располага со 1,4 милијарди евра.
„Посебно треба да се подвлече улогата на МБПР во успешната реализација на проектот на Владата, за кредитот од Европската инвестициска банка во сите досегашни четири фази. Од ЕИБ 4 деновиве треба да се пушти нова транша од 6,8 милиони евра, за 60 проекти и можност за отворање 100 работни места, а до крајот на годината на домашните компании им стојат на располагање уште 30 милиони евра“, рече Георгиева.
Инаку, од државниот буџет годишно се обезбедуваат околу 200-350 илјади евра за субвенционирање на каматата за овие кредити. Банката континуирано го развива и делот на кредитното осигурување, и прва почна со примена на факторингот како нова финансиска услуга.
Сепак, дел од услугите што ги обезбедува МБПР не се искористени доволно од страна на компаниите.