Владината мерка за намалување на ДДВ за продажба на нови станови, донесена пред две години, нема ефект врз намалувањето на цените на недвижнините. Иако данокот се намали од 18 на пет отсто, квадратниот метар не поевтини. Напротив, некаде и дополнително поскапе, а најверојатно овој тренд ќе се задржи и понатаму, покажуваат анализите на градежниците и на агенциите за недвижнини. Во моментов, просечната цена на квадратен метар стан во земјава е 795 евра. Но, има голема разлика меѓу цените во Скопје и во другите градови низ Македонија. Таа разлика особено е изразена во последниве две-три години. Така, квадратен метар во внатрешноста лани просечно се продавал за 795 евра, а во Скопје за 993 евра. И покрај ваквата состојба, Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија на вчерашниот состанок реши да побара Владата да ја продолжи мерката за понизок ДДВ на неодредено време.
Владината мерка за намалување на ДДВ за продажба на нови станови, донесена пред две години, нема ефект врз намалувањето на цените на недвижнините.
Иако данокот се намали од 18 на пет отсто, квадратниот метар не поевтини. Напротив, некаде и дополнително поскапе, а најверојатно овој тренд ќе се задржи и понатаму, покажуваат анализите на градежниците и на агенциите за недвижнини.
Во моментов, просечната цена на квадратен метар стан во земјава е 795 евра. Но, има голема разлика меѓу цените во Скопје и во другите градови низ Македонија. Таа разлика особено е изразена во последниве две-три години. Така, квадратен метар во внатрешноста лани просечно се продавал за 795 евра, а во Скопје за 993 евра.
ДДВ за становите да остане пет отсто
И покрај ваквата состојба, Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија на вчерашниот состанок реши да побара Владата да ја продолжи мерката за понизок ДДВ на неодредено време. Според измените во Законот за данокот на додадената вредност, намалениот ДДВ за становите треба да важи до 31 декември, по што стапката повторно се враќа на 18 отсто. Но, градежниците бараат ДДВ да остане пет отсто и по Нова година.
Од Здружението за градежништво признаваат дека намалувањето на данокот не ги стимулирало градежниците да ја спуштат цената на квадратниот метар. Но, сметаат дека доколку оваа мерка продолжи да се применува, ќе се зголеми обемот на градење, но и побарувачката на станови.
- Очекувавме дека ќе има поголемо намалување на цените на становите, но тоа не се случи. Сепак, сметаме дека стапката на оданочување треба да остане пет отсто, што ќе стимулира поголема изградба на станови. А и има многу згради кои во моментов се градат, а становите ќе се продаваат по 31 декември. Минатата година во земјава се изградија околу 5.000 стана, а пред неколку години таа бројка беше многу поголема. Има голема побарувачка и тоа се одразува врз цената - рече Марија Петровска, претставник на Стопанската комора.
Комуналиите ја креваат цената
Градежните компании признаваат дека цените на станбениот квадрат останале исти и покрај намалениот ДДВ. Но, тоа го правдаат со другите високи трошоци како што се цените на градежните материјали, земјиштето, комуналиите. Виолета Илиевска, финансиски директор на градежното претпријатие „Илинден“ смета дека ДДВ треба да остане пет отсто, што ќе придонесе за поголем промет, па и намалување на цените на становите.
- Во моментов луѓето не купуваат станови, само гледаат и дури не ни прашуваат за цената. Сите траат и чекаат нешто да се намали. А реално, тоа во моментов не е можно заради сите други високи трошоци. На пример, цементот од „Усје“ поскапе за четири евра по тон, а само кај нас цената на овој материјал е монополска. Цената на нафтата секаде се намалува, само кај нас расте, а тоа повлекува зголемување и на другите трошоци. Комуналиите се енормно високи. Во центарот на Скопје изнесуваат 136 евра за квадратен метар, а висока е и цената на земјиштето. Верувајте, работиме со минимална заработка иако општото мислење е поинакво - рече Илиевска.
Сепак, дел од градежниците сметаат дека ДДВ за новите станови нема никакво влијание врз цената по која се продаваат недвижнините. Поради тоа, сметаат дека данокот треба да се врати на 18 отсто.
- Купувачите и државата не добија ништо со намалувањето на ДДВ, туку добивме само ние градежниците. Нека провери некој дали кога се намали данокот некој стан поевтини. Цената ја диктира локацијата, а не данокот. Подобро ДДВ да се врати на 18 отсто бидејќи така ќе добие државата, а дел од тие пари пак ќе завршат кај нас - рече Илија Бреслиски од компанијата „Бетон-Штип“.
Од агенциите за недвижнини велат дека намалувањето на ДДВ за новите станови воопшто немало ефект врз нивната цена, која континуирано расте. Оттаму објаснуваат дека побарувачката за нови станови е навистина голема, но скапиот квадрат и отежнатите услови на банките за добивање кредит многумина одвраќаат од купувањето.
Становите требаше да поевтинат 13 отсто
Понискиот ДДВ требаше да ги спушти цените на становите за 13 отсто. Вакви беа првичните пресметки на Владата кога се донесе мерката. Според владините претставници, освен поевтинувањето на станбениот квадрат, таа требаше да има и други позитивни ефекти. Односно, да ја стимулира изградбата на станови со што ќе помогне во заживување на градежништвото, но и на дваесетина други стопански гранки поврзани со станбената изградба.