Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николчо Бабовски денеска во село Кравари, Битолско ги доделија првите персонализирани платежни картички за набавка исклучиво на ,,Еуродизел” гориво за земјоделска механизација, со кои државата субвенционира 30 проценти од трошокот за гориво, со цел да се поттикнат и да им се помогне на земјоделските производители да го окрупнат своето производство. За мерката од Програмата за директни плаќања обезбедени се 200 милиони денари, а премиерот вели дека тоа значи оти толку пари ќе се вратат назад кај земјоделците. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 55.000 земјоделци, кои имаат градинарски и полјоделски култури, лозови и овошни насади.
Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николчо Бабовски денеска во село Кравари, Битолско ги доделија првите персонализирани платежни картички за набавка исклучиво на ,,Еуродизел” гориво за земјоделска механизација, со кои државата субвенционира 30 проценти од трошокот за гориво, со цел да се поттикнат и да им се помогне на земјоделските производители да го окрупнат своето производство.
За мерката од Програмата за директни плаќања обезбедени се 200 милиони денари, а премиерот вели дека тоа значи оти толку пари ќе се вратат назад кај земјоделците. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 55.000 земјоделци, кои имаат градинарски и полјоделски култури, лозови и овошни насади.
Посочувајќи дека земјоделците повеќе од 10 години ја истакнуваа потребата од “зелена” или поевтина нафта, премиерот Заев подвлече дека постои тенденција за зголемување на процентот на субвенционирање од сегашните 30 проценти до 50 проценти од малопродажната цена на горивото.
Пресметката за тоа, кој земјоделец колку ќе има на картичката, ќе зависи од видот на производството кое го пријавил за субвенции. Согласно методологијата, за хектар јаболко, круша, слива, вишна, кајсија, цреша, јагода на отворено, малина, капина и боровинка, поддршката по хектар ќе биде 2.800 денари, за пченица, јачмен, пченка, овес, ‘рж, ориз, хељда, изнесува 750 денари по хектар и во согласност со тоа, кој колку хектари има пријавено толку ќе биде вкупната поддршка за субјект. Најнискиот износ кој ќе биде одобрен за мали производители е 500 денари, додека највисокиот износ е лимитиран до 100.000 денари.
„Досега исплативме речиси 300 милиони евра субвенции, вложивме 70 милиони евра во системи за наводнување, започнуваме капитални инвестиции во изградба на ладилници, се враќа земјата во рацете на вистинските земјоделци и го решаваме најважното прашање-пласманот“, подвлече премиерот Заев додавајќи дека продолжува практиката за враќање на парите кај граѓаните, со што се засилува економијата и се отвораат шанси за сите.
Министерот Димковски информираше дека освен земјоделците од Подрачната единица на Битола своите персонализирани платежни картички ќе може да ги подигнат и сите земјоделски стопанства кои спаѓаат во подрачните единици на ресорното Министерство во Битола, Прилеп, Кривогаштани, Штип, Свети Николе.
„Висината на средствата на платежната картичка зависи од големината на површините и земјоделските култури, а согласно барањата за финансиска поддршка во земјоделството за 2018 година. Земјоделците треба до крајот на април 2020 година целосно да ги искористат средствата кои им се на картичките. Со утврдениот износ, ќе можат да купат исклучиво „Еуродизел“ гориво за земјоделска механизација, а картичката ќе можат да ја користат повеќекратно, се до исцрпување на нејзината вредност“, подвлече министерот Димковски.
Тој апелира до сите корисници на оваа мерка пред да почнат со искористување на средствата, прво да ја активираат картичката на најблиската бензинска станица. Бабовски објасни дека доколку износите од решението и картичката не се исти, корисникот треба да изврши пријава во подрачната единица на Министерството од каде што ја подигнал истата, а ја објасни и процедурата за плаќањето на горивото со картичката, која може да се користи само од лицето чие име е наведено.
„Корисникот ја става картичката во читачот и по звучниот сигнал го внесува ПИН кодот. По извршеното плаќање ќе му биде издадена фискална сметка заедно со интерната сметка од точењето на горивото. На интерната сметка, корисникот може да го прочита преостанатиот лимит на картичката“, додаде директорот Бабовски.
На најблиската бензинска станица претставниците на Владата го презентираа начинот на кој се користат персонализираните картички за ,,Еуродизел” гориво за земјоделска механизација, со кои државата субвенционира 30 проценти од трошокот за горивото.