Изградба на гасовод, патишта и пруги, на Македонија очајно и' требаат инвестиции во инфраструктура за да фати чекор со Европа, но и со соседството. Ќе биде ли 2016 пресвртница, кога инфраструктурните проекти конечно ќе добијат повисок приоритет? Министерот за транспорт и врски неодамна најави дека годинава ќе се градат 600 километри патишта. Ќе продолжи изградбата на трите автопатишта, но ќе започнат уште неколку регионални и експресни патишта. Неизвесен останува еден од најважните проекти за гасификација на земјата, која повторно стана особено актуелна со енормното загадување на воздухот во повеќе градови во земјава, делумно предизвикано и од искористувањето на фосилните горива.
Изградба на гасовод, патишта и пруги, на Македонија очајно и' требаат инвестиции во инфраструктура за да фати чекор со Европа, но и со соседството. Ќе биде ли 2016 пресвртница, кога инфраструктурните проекти конечно ќе добијат повисок приоритет?
Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски неодамна најави дека годинава ќе се градат 600 километри патишта. Ќе продолжи изградбата на трите автопатишта, но ќе започнат уште неколку регионални и експресни патишта.
Неизвесен останува еден од најважните проекти за гасификација на земјата, која повторно стана особено актуелна со енормното загадување на воздухот во повеќе градови во земјава, делумно предизвикано и од искористувањето на фосилните горива. Годинава ги чекаме и четирите од шесте нови возови кои беа набавени и за кои нашите пруги треба да се приспособат за да може да се вози до 120 километри на час.
И додека инфраструктурата беше врвен приоритет во соседните земји последните години, кај нас инвестициите постојано се одложуваат за подобри времиња. Стартот на изградбата на гасоводната мрежа, на пример, се најавува со години, но пари за првата фаза беа обезбедени пред само месец и половина.
Со задолжувањето кај Дојче банка и кај Ерсте банка државава ќе добие 90 милиони евра, а останува да видиме дали проектот ќе започне да се реализира. Со задолжувањето се обезбедени финансии за првата фаза на гасификација, која ја опфаќа делницата Штип - Неготино - Битола и делницата Скопје - Тетово - Гостивар.
Иако од гасификацијата зависат не само затоплувањето на домовите, туку и индустријата, земјоделството и градежништвото, досега единствено практично реализирано е заварувањето на првата гасоводна цевка од системот, во март лани, кога беше означен стартот на градежните работи на руската „Стројтранс гас“.
Таа треба да изгради 61 километар од гасоводната примарна мрежа од 96,6 километри, во рамки на првата фаза со која се опфатени Клечовце, Крива Паланка, Штип и Неготино. Истата оваа информација се повторува речиси три години.
Изградбата на патниот и железничкиот „Коридор 8“ е нешто што бизнис-заедницата во земјата го бара веќе долго време. Излез на уште едно пристаниште и втора опција за транспортот на стоки кон Европа е инвестиција која требаше да биде одамна направена.
По речиси една деценија игнорирање на инфраструктурните зафати започна изградбата на три автопати кои чинат над 800 милиони евра. Демир Капија-Смоквица годинава треба да се доизгради и да го комплетира „Коридорот 10“ на ниво на автопат. Делницата Миладиновци – Штип треба да биде готова до крајот на идната година, а Кичево – Охрид во должина од 57 километри ќе се гради до 2018 година.
Министерот Мисајловски најави дека во втората половина од годинава ќе почне изградба на автопатот Требениште -Струга, како и дека ќе продолжи реконструкцијата на 13 регионални патишта и ќе започне изградба на 5 нови експресни патишта.
Еден од нив Охрид-Пештани, веќе е контроверзен заради тоа што зафаќа голем дел од заштитеното подрачје на националниот парк „Галичица“. Во текот на годинава во план е да се рехабилитира и делницата Неготино – Демир Капија во должина од околу осум километри, како и ќе се автопатот од Смоквица до Гевгелија и од Куманово до Скопје.
Граѓаните, заради условите во домашните возови, но и заради лошата поврзаност на нашата земја се' повеќе го избегнуваат железничкиот транспорт. За разлика од кај нас, Европа се повеќе се врти кон железницата, како поеколошко и поекономично решение. Освен железничкиот Коридор 10, кој не' поврзува со Грција и Србија, Македонија со години се обидува да се поврзе и со Бугарија и Албанија. Пред две години започна рехабилитација на пругата кон Бугарија, поточно на делниците од Куманово до границата.
За годинава во најава е проектирањето на пругата од Кичево до Лин, која е дел од Коридорот 8. Проценетата вредност за изградба на западниот дел од овој Коридор изнесува околу 550 милиони евра, а се очекува изградбата да почне во 2018 година.