Светска банка прогнозира дека македонската економија годинава ќе порасне за 3,4 отсто. Оваа проекција светските банкари ја наведоа во својот најнов извештај, кој се однесува на прогнозите за раст на глобалната економија. Во однос на проекциите што биле направени во јуни лани, очекуваниот раст од 3,4 отсто за годинава значи намалување на претходните проекции за 0,4 процентни поени. Светска банка ги имаше намалено проекциите за раст на македонската економија уште во октомври минатата година, кога го објави својот редовен економски извештај за земјава. Тогаш банката наведе дека се намалуваат проекциите и за 2015 и за 2016 година, односно растот за лани се очекува дека ќе се заокружи на 3,2 отсто, а за годинава на 3,4 проценти, а како главна причина за тоа беше наведена политичката криза во земјава.
Светска банка прогнозира дека македонската економија годинава ќе порасне за 3,4 отсто. Оваа проекција светските банкари ја наведоа во својот најнов извештај, кој се однесува на прогнозите за раст на глобалната економија. Во однос на проекциите што биле направени во јуни лани, очекуваниот раст од 3,4 отсто за годинава значи намалување на претходните проекции за 0,4 процентни поени.
Светска банка ги имаше намалено проекциите за раст на македонската економија уште во октомври минатата година, кога го објави својот редовен економски извештај за земјава. Тогаш банката наведе дека се намалуваат проекциите и за 2015 и за 2016 година, односно растот за лани се очекува дека ќе се заокружи на 3,2 отсто, а за годинава на 3,4 проценти, а како главна причина за тоа беше наведена политичката криза во земјава. Од тоа како ќе се разрешуваат политичките превирања, ќе зависат и предвидените стапки на економски пораст.
Како што е познато, Владата очекува дека годинава домашната економија ќе порасне за 4 отсто, и таа прогноза е наведена во буџетот. Од Владата сметаат дека оваа стапка на пораст е реално остварлива, и дека вонредните избори нема да и' наштетат на економската активност.
Ако се погледнат прогнозите и за другите земји од регионот, светските банкари очекуваат највисок раст за Косово, и тој треба да изнесува 3,5 отсто. Потоа следуваат Македонија и Албанија со предвидени стапки од по 3,4 проценти, а за Црна Гора се предвидува пораст од 2,9 отсто. Економијата на Босна и Херцеговина треба да испорача раст од 2,3 проценти, бугарската ќе порасне за 2,2 отсто, а онаа на Србија за 1,8 отсто.
Оваа меѓународна финансиска институција во својот последен извештај за Македонија како клучни предизвици ги наведе последиците од политичката криза, потребата од одржлива и веродостојна фискална консолидација, и решавање на проблемот со невработеноста кај младите. Во извештајот беше наведено и дека од 2008 година досега јавниот долг на земјава е двојно зголемен, а растечкиот тренд се очекува да продолжи и во следниот период.
За 2017 и 2018 година Светска банка за Македонија очекува стапки на раст од по 3,7 отсто, и овие прогнози се исто така намалени во однос на претходните.
Инаку, во својот најнов извештај светските банкари предвидуваат намалување на растот на глобалната економија. Односно, таа годинава се очекува да порасне за 2,9 отсто, што е намалување за 0,4 процентни поени во однос на претходните јунски прогнози.
Прогнозите се намалени и за минатата година, на глобален раст од 2,4 отсто. Како причини се наведуваат намалувањето на меѓународната трговија и капиталните текови, флуктуациите на финансиските пазари и падот на цените на нафтата. Во тој знак всушност и почна оваа година.
Знаците на слабоста во Кина, пак, веќе предизвикаа огромни потреси на финансиските пазари.
СБ прогнозира дека економиите на Европа и Централна Азија годинава ќе пораснат за 3 отсто, што е намалување на прогнозата за 0,4 процентни поени. За земјите од Западен Балкан се препорачува фискална консолидација. „Поголем дел од земјите од Западна Европа и Централна Азија имаа корист од олеснувањето на фискалните притисоци во 2014 и 2015 година, што беше помогнато од намалените трошоци за гориво.
Сепак, неколку земји, односно Албанија, БиХ, Косово, Македонија и Србија, имале значителни буџетски дефицити во поголемиот дел од периодот по 2008 година, и тие ќе треба да ја забрзаат фискалната консолидација, со цел да се изгради фискалниот простор“, се вели во извештајот.
Најголемите пазари во развој, Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка истовремено забележуваат забавување, но ситуацијата во Кина може да има значаен негативен ефект врз останатите земји во светот. Очекувањата се дека економијата на Кина ќе порасне за 6,7 отсто оваа година.
Прогнозите за Русија се дека таа ќе има негативна стапка од 0,7 отсто. БДП на еврозоната ќе се зголеми за 1,7 отсто оваа година, што е мал пад на прогнозата за 0,1 процентен поен во однос на јуни, лани. Растот на еврозоната е најзначаен за македонската економија, бидејќи тие земји се најголемите трговски партнери на нашата држава.
Американската економија оваа година ќе има помал раст од тој што претходно се очекувал за 0,1 процентни поени, односно БДП на САД во 2016 се предвидува дека ќе порасне за 2,7 отсто.