Огромен раст на добивката за минатата година, објави вчера една од големите банки во земјава, Комерцијална банка. Како што покажува нејзиниот биланс на успех, оваа банка лани остварила консолидирана добивка од 524,5 милиони денари, или 8,53 милиони евра. Инаку, во консолидираните резултати, освен на Комерцијална, влегуваат и резултатите на КБ Публикум инвест, друштвото за управување со инвестициски фондови и КБ Прво пензиско, друштвото за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови. Според неконсолидираните податоци, Комерцијална банка во минатата година успеала да оствари вкупна нето-добивка од 8,54 милиони евра, што е фантастичен раст.
Огромен раст на добивката за минатата година, објави вчера една од големите банки во земјава, Комерцијална банка.
Како што покажува нејзиниот биланс на успех, оваа банка лани остварила консолидирана добивка од 524,5 милиони денари, или 8,53 милиони евра. Инаку, во консолидираните резултати, освен на Комерцијална, влегуваат и резултатите на КБ Публикум инвест, друштвото за управување со инвестициски фондови и КБ Прво пензиско, друштвото за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови.
Според неконсолидираните податоци, Комерцијална банка во минатата година успеала да оствари вкупна нето-добивка од 8,54 милиони евра, што е фантастичен раст, односно за 5,5 пати поголем профит во споредба со оној остварен во 2014 година, од 1,55 милиони евра.
Во образложението на билансот на успех, од Комерцијална велат дека остварената добивка пред исправка на вредност, која е показател за оперативната способност на банката да ги покрива расходите од работењето, е за 26,8 отсто повисока во однос на претходната година.
Тоа, пак, во најголем дел се должи на зголемените нето-приходи од камата и зголемувањето на останатите приходи од дејноста, при истовремено намалување на останатите расходи од дејноста. Лани банката го подобрила кредитното портфолио и имала зголемена наплата на побарувања, што го намалило износот на издвоени дополнителни исправки на вредност по основ на кредити.
Вкупните приходи лани се зголемени за 12,9 отсто, а нето-приходите од провизии и надоместоци се намалени за 1,3 проценти. Останатите приходи од работењето се зголемени за 88,1 проценти, главно резултат на зголемувањето на наплатените претходно отпишани побарувања и на приходите по основ на девизно работење.
Добрите резултати се очекува дека сигурно ќе го зголемат интересот за тргување со акциите на Комерцијална банка на берзата, во очекување дека таа годинава ќе подели дивиденда за акционерите.