Владата ќе го менува Законот за договорен залог со кој сака да го заживее пазарот на корпоративни обврзници во земјава, односно обврзниците што ги издаваат компаниите за да приберат капитал. Со овие обврзници, всушност, компаниите не се задолжуваат преку класичен кредит во банка, туку издаваат хартии од вредност, обврзници, кои се со одреден рок и со утврдена каматна стапка, а ги купуваат повеќе инвеститори. Со измените на Законот за договорен залог се планира да се воведе можност во улога на потписник на Договорот за залог да може да се јави заеднички застапник на имателите на обврзници. Со тоа ќе се обезбеди поголема сигурност за инвеститорите што купуваат обврзници обезбедени со имот.
Владата ќе го менува Законот за договорен залог со кој сака да го заживее пазарот на корпоративни обврзници во земјава, односно обврзниците што ги издаваат компаниите за да приберат капитал. Со овие обврзници, всушност, компаниите не се задолжуваат преку класичен кредит во банка, туку издаваат хартии од вредност, обврзници, кои се со одреден рок и со утврдена каматна стапка, а ги купуваат повеќе инвеститори.
Со измените на Законот за договорен залог се планира да се воведе можност во улога на потписник на Договорот за залог да може да се јави заеднички застапник на имателите на обврзници. Со тоа ќе се обезбеди поголема сигурност за инвеститорите што купуваат обврзници обезбедени со имот.
Брокерите со кои разговаравме велат дека станува збор за значајна новина, со која ќе се отстрани една од техничките пречки при тргувањето со корпоративните обврзници. Всушност, станува збор за обврзници, кои заради тоа што се обезбедени со имот, се атрактивни заради пониските каматни стапки.
Инаку, досега во земјава само две банки имаат издадено корпоративни обврзници, што го прави овој пазар помалку од доволно развиен.
Измените треба да ги подготви Министерството за правда. Во својот опис зошто има потреба од измени од Владата велат со цел да се зголеми заинтересираноста кај фирмите за издавање на овие обврзници, тие треба да бидат атрактивни за инвеститорите, но и да му обезбедат сигурност на инвеститорот дека ќе биде исплатен навремено.
„Покрај другото, како проблем во целата постапка за издавање корпоративни обврзници обезбедени со имот е и запишувањето на тој имот во заложен регистар, врз основа на претходно склучен Договор за залог, а тој е уреден во Законот за договорен залог. Согласно прописите, договорот за залог се склучува меѓу две познати страни, доверител од една (купувач на обврзница) и должник од друга страна (издавач). Поради фактот што сопствениците на обврзници може да се менуваат на дневна основа, а во Законот стои дека договорот се склучува само меѓу две познати страни, треба да се овозможи на страната на доверителите како склучувач на договор да се јави заеднички застапник. Тој во име на имателите на обврзници ќе го потпише договорот за залог. Во ситуација кога постои неможност тие да бидат исплатени од страна на издавачот, заедничкиот застапник ќе ја почне постапката за активирање на залогот“, се вели во описот за потребата од измени.
Коста Костадиновски, извршен директор на „Илирика“, вели дека таа законска измена ќе биде навистина важна за заживување на овој пазар, особено во случај кога имаме обезбедувана обврзница, со одреден колатерал.
Компанијата што ја издава обврзницата дава одредено обезбедување, или имот или друг тип обезбедување.
„Најчесто тој тип на обврзници со обезбедување се сметаат за помалку ризични, и затоа имаат пониски каматни стапки. Тоа е многу важно за компанијата која ги издава тие обврзници, заради тоа што на овој начин се отвора алтернатива во финансирањето на проектите на компаниите, а по конкурентни каматни стапки. Ова беше еден од проблемите, односно една од техничките мани на Законот за залог, што требаше да се отстранат. Не значи дека тоа ќе донесе радикален пресврт и ќе се случат чуда, но ќе помогне“, објаснува Костадиновски.
Односно, Законот за договорен залог бараше познати страни при склучувањето на договорот, а тоа прави проблем кога обврзницата се продава и неа ја купува друг инвеститор. Се очекува дека овој проблем ќе се надмине со законските измени.