Банките минатата година повеќе кредитирале отколку што примиле депозити. Конкретно, банките лани одобриле речиси 400 милиони евра нови кредити, а истовремено, примиле депозити во висина од нешто повеќе од 300 милиони евра. На крајот на декември минатата година вкупните депозити од граѓаните и компаниите достигнале 4,95 милијарди евра, што е пораст за 301 милион евра за период од една година. Истовремено, граѓаните и фирмите вкупно должеле 4,55 милијарди евра, што означува дека за една година вкупното кредитирање се зголемило за 395 милиони евра.
Банките минатата година повеќе кредитирале отколку што примиле депозити. Ова го покажуваат најновите податоци на Народна банка на Македонија, кои се однесуваат за минатата година.
Конкретно, банките лани одобриле речиси 400 милиони евра нови кредити, а истовремено, примиле депозити во висина од нешто повеќе од 300 милиони евра.
На крајот на декември минатата година вкупните депозити од граѓаните и компаниите достигнале 4,95 милијарди евра, што е пораст за 301 милион евра за период од една година. Истовремено, граѓаните и фирмите вкупно должеле 4,55 милијарди евра, што означува дека за една година вкупното кредитирање се зголемило за 395 милиони евра.
Населението и фирмите лани многу повеќе вложувале депозити во денари отколку во странска валута, во која, пак, главно доминира еврото. Во банките има вкупно 2,98 милијарди евра депозити во денари, што во однос на почетокот на минатата година е пораст за 203 милиони евра.
Депозитите во денари се за речиси една милијарда евра повисока сума од депозитите што се чуваат во странска валута, а кои според најновите податоци изнесуваат 1,99 милијарди евра. Влоговите во странска валута во текот на минатата година пораснале за 116 милиони евра.
Штедењето во денари стана особено атрактивно пред неколку години, кога каматните стапки за влоговите во домашна валута беа дури и неколкукратно повисоки од оние на депозитите во евра. Иако каматите за денарите и сега се повисоки, сепак, постојаниот пад на каматните стапки општо на штедењето, веќе носи опасност дека овој тренд може да биде дестимулативен за штедачите. НБМ лани веќе го отвори тоа прашање и донесе мерки со кои би станало поатрактивно денарското штедење.
Инаку, граѓаните традиционално имаат многу повисоки штедни влогови од компаниите. Лани за цела година влоговите на домаќинствата во банкарскиот сектор пораснале за 136 милиони евра, достигнувајќи 3,45 милијарди евра на крајот на годината.
Штедењето на домаќинствата отсекогаш покажувало нагорна линија, но за минатата година се забележува забавување. Лани дури имаше и два месеца, мај и јуни, во кои се намали штедењето на граѓаните, во екот на најсилните политички и безбедносни превирања, но потоа граѓаните повторно ги вратија средствата во банките и штедењето продолжи, но со малку забавено темпо.
Депозитите на фирмите се зголемиле за 107 милиони евра, и сега се на ниво од 1,17 милијарди евра.
Ако се набљудува само декември, интересно е што токму во тој месец има огромен пораст на депозитите, за дури 132 милиони евра. Особено многу во последниот месец од минатата година пораснале депозитите на компаниите, за 78 милиони евра, додека кај граѓаните месечниот раст на депозитите е за 55 милиони евра.
Кога станува збор за кредитирањето, ако за цела година тоа има раст од 395 милиони евра, само во декември тоа зголемување е на ниво од 145 милиони евра.
Компаниите во текот на минатата година добиле вкупно нови кредити од банките од 169 милиони евра, но дури 89 милиони евра нови кредити биле одобрени во декември лани. Во текот на минатата година кредитирањето на компаниите доживуваше и подеми и падови, а на крајот на годината значајниот износ на одобрени кредити во декември ја подобрува сликата, и за фирмите се одобрени вкупно 169 милиони евра.
Граѓаните, пак, и лани важеле за омилени клиенти за банките за одобрување кредити. За една година населението влегло во нов долг кон банките за 224 милиони евра, а само во декември се доделени 16 милиони евра нови заеми.
Народна банка од почетокот на годинава воведе мерки за ограничување на потрошувачките кредити, со оглед што лани бил забележан голем раст кај овие заеми.