Германија, Лихтенштајн и Италија биле најголеми инвеститори во земјава во првиот квартал од годинава, додека, пак, холандските компании повлекле најголема сума средства назад во својата држава. Ова го покажуваат податоците на Народна банка на Македонија за инвестициите по одделни земји за првото тримесечје, што е последен ваков податок објавен од централната банка. Последните показатели, пак, за вкупното ниво на директни странски инвестиции во земјава ги опфаќаат првите пет месеци од годинава.
Германија, Лихтенштајн и Италија биле најголеми инвеститори во земјава во првиот квартал од годинава, додека, пак, холандските компании повлекле најголема сума средства назад во својата држава.
Ова го покажуваат податоците на Народна банка на Македонија за инвестициите по одделни земји за првото тримесечје, што е последен ваков податок објавен од централната банка. Последните показатели, пак, за вкупното ниво на директни странски инвестиции во земјава ги опфаќаат првите пет месеци од годинава.
Прва на листата странски инвеститори во земјава во првиот квартал се најде Германија, со вложени речиси 9 милиони евра, а како втор позначаен инвеститор е Лихтенштајн, од каде се вложени 7,6 милиони евра. На третата позиција е Италија, со инвестирани 4,4 милиони евра, а на четвртото место е Австрија, со вложени 3,4 милиони евра.
И додека најголемите инвеститори во првиот квартал од годинава вложиле релативно помали износи, на страната на повлекувањето има значајна сума од само една држава. Како што покажуваат бројките на НБМ, во првите три месеци од годинава од Холандија биле повлечени 23,6 милиони евра.
Нема информации која е компанијата или компаниите од Холандија што во еден квартал повлекле, односно вратиле во својата матична држава толку голема сума средства, и која била основата за тој нивни потег.
Покрај од Холандија, повлекување од земјава по основ на странски инвестиции имало од Романија, и тоа три милиони евра, од Хрватска два милиони евра, а по 500 илјади евра биле повлечени од Грција и од Албанија.
Кога станува збор за вложувањата, односно земјите со кои Македонија има позитива, покрај Германија, Лихтенштајн, Италија и Австрија, тука влегуваат и Соединетите Американски Држави, со 3,3 милиони евра, Луксембург и Словенија со по 2,7 милиони евра, Бугарија со два милиони евра, Британија со 1,8 милиони, како и Србија и Турција со по 1,5 милиони евра.
Интересно е дека во земјава во првиот квартал од годинава инвестиции влегле и од Сирија, и тоа 530 илјади евра, иста сума дошла и од Кипар, потоа од Бермуди се инвестирани 520 илјади евра, а од Обединетите Арапски Емирати 450 илјади евра.
Според овие податоци, со сите овие влезови и излези на средства по основ на СДИ од разните држави, вкупниот нето-ефект на странски инвестиции е 16,4 милиони евра. Во првиот квартал е регистриран и влез на 42,3 милиони евра преку ставката „нераспределено - реинвестирање на добивката и дел од должнички инструменти“.
Така што, вкупниот износ на странски директни инвестиции во првите три месеци од годинава изнесува 58,7 милиони евра, покажуваат податоците на Народна банка на Македонија.
Централната банка објавува и месечни податоци за СДИ, но не прецизирани според држави. Најновите месечни податоци се заклучно со мај, кога во земјава влегле странски инвестиции од 46,2 милиони евра.
Во првите пет месеци од годинава, пак, вкупното ниво на странски инвестиции во земјава изнесува 141,4 милиони евра, што е за околу 50 милиони евра повеќе во однос на истиот период лани, или порастот изнесува околу 54 отсто.