Државниот завод за статистика вчера објави дека бруто-домашниот производ во првото тримесечје од годинава пораснал со стапка од 3,2 отсто. Овој економски раст, сепак, е на пониско ниво од просечната стапка што за оваа година ја очекуваа Владата и Народна банка на Македонија, а кои се движат на околу 4 проценти. Што ја придвижило напред македонската економија во првите три месеци? За разлика од минатата година кога главни мотори на економскиот раст беа градежништвото и преработувачката индустрија, сега тие сектори веќе не се во својата најдобра кондиција. Па така, во првиот квартал од годинава преработувачката индустрија има дури и пад од 1,8 отсто, што се должи на лошите резултати во обемот на индустриското производство во овој период. Минатата година, пак, преработувачката индустрија имала просечна стапка на раст од дури 10 проценти, што значи дека сега сериозно потфрла овој значаен чинител во БДП.
Државниот завод за статистика вчера објави дека бруто-домашниот производ во првото тримесечје од годинава пораснал со стапка од 3,2 отсто. Овој економски раст, сепак, е на пониско ниво од просечната стапка што за оваа година ја очекуваа Владата и Народна банка на Македонија, а кои се движат на околу 4 проценти.
Што ја придвижило напред македонската економија во првите три месеци?
За разлика од минатата година кога главни мотори на економскиот раст беа градежништвото и преработувачката индустрија, сега тие сектори веќе не се во својата најдобра кондиција. Па така, во првиот квартал од годинава преработувачката индустрија има дури и пад од 1,8 отсто, што се должи на лошите резултати во обемот на индустриското производство во овој период. Минатата година, пак, преработувачката индустрија имала просечна стапка на раст од дури 10 проценти, што значи дека сега сериозно потфрла овој значаен чинител во БДП.
Градежништвото, пак, во првиот квартал пораснало со стапка од 3,1 отсто, наспроти 6,1 отсто стапка на раст со која ја заврши минатата година. Притоа треба да се има предвид дека градежништвото и минатата година како да го забави претходниот голем раст, кој во 2013 достигнуваше и до двоцифрени стапки.
Додека, пак, најголем пораст во првото тримесечје забележал секторот стручни, научни и технички дејности, административни и помошни услужни дејности, и тоа стапка на раст од 9,9 отсто, а секторот уметност, забава и рекреација пораснал за 6,6 отсто.
Значаен придонес за растот на БДП има и трговијата на големо и мало, поправката на моторни возила и мотоцикли и транспортот и складирањето, каде што растот изнесува 6,3 проценти, а солидна стапка имаат и финансиските дејности и осигурувањето, од 6,2 проценти.
Во првиот квартал од годинава во негатива било и земјоделството, кое е намалено за 0,4 отсто.
Инаку, во првиот квартал бруто-инвестициите имаат раст од 2,4 отсто, што е значајно пониска стапка од просекот од лани, кога тие пораснаа за 13,5 проценти.
Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во првото тримесечје номинално порасна за 1,6 отсто, а нејзиното учество во структурата на БДП изнесува 69,6 проценти. Во истиот период извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 13,4 отсто, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од 5,5 проценти, се вели во соопштението од статистика.
Инаку, минатата година економијата на земјава ја заврши со стапка на раст од 3,8 отсто. Оваа стапка нема доживеано ревизија ниту нагоре ниту надолу и со последното соопштение на заводот за статистика.
Инаку, Светска банка за Македонија за оваа година очекува раст од 3,5 проценти, за следната година растот се очекува да биде 3,8 отсто, а во 2017 година да достигне 4 отсто. Меѓународниот монетарен фонд во април излезе со прогноза за раст од 3,8 отсто за годинава, проекцијата на Владата е дека растот годинава ќе биде 4, а според Народната банка на Македонија 4,1 отсто.
Инаку, бизнисмените предупредуваат дека веќе во наредниот период може да се очекуваат уште посилни последици од политичката криза за економијата на земјава, доколку побргу не се најде солуција за оваа состојба. Дел од економските експерти веќе укажаа дека треба да се ревидира прогнозираната стапка на раст во надолна линија, односно дека таа не може да достигне 4 отсто.