Третиот квартал од годинава им донесе голем профит на две од македонските големи банки - нивната профитабилност во билансите на успех е повеќе од одлична. Во следните денови се очекува финансиски извештаи да достават и другите две од „големата четворка“, Стопанска банка Скопје и Охридска, како и другите банки во земјава. Вчера поволно изненадување на банкарската сцена беше добивката што за деветте месеци ја прикажа Комерцијална банка, по подолг период негативен резултат. Пред неколку дена својот профит го презентираше и НЛБ Тутунска банка, добивка за трите квартали од дури 13 милиони евра.
Третиот квартал од годинава им донесе голем профит на две од македонските големи банки - нивната профитабилност во билансите на успех е повеќе од одлична. Во следните денови се очекува финансиски извештаи да достават и другите две од „големата четворка“, Стопанска банка Скопје и Охридска, како и другите банки во земјава.
Вчера поволно изненадување на банкарската сцена беше добивката што за деветте месеци ја прикажа Комерцијална банка, по подолг период негативен резултат. Пред неколку дена својот профит го презентираше и НЛБ Тутунска банка, добивка за трите квартали од дури 13 милиони евра.
Од Комерцијална банка објавија дека таа во првите три квартали има добивка од 5,15 милиони евра, наспроти близу 3 милиони евра загуба регистрирана во истата временска отсечка лани. Она што е интересно е дека во првите шест месеци од годинава Комерцијална банка имаше загуба од 2,88 милиони евра, што значи дека во третиот квартал успеала да оствари толку висок профит и за да го покрие претходниот значаен минус, и да прикаже одличен резултат.
„Остварената добивка пред исправка на вредност, која е показател за оперативната способност на банката да ги покрива расходите од работењето, е за 29 отсто повисока во однос на лани, што се должи во најголем дел на зголемените нето-приходи од камата и на останатите приходи, пред се од капитални добивки од продажба на средства и од девизно работење, при истовремено намалување на оперативните расходи, пред се' на материјалните трошоци и премиите за осигурување на депозити“, се вели во образложението од банката.
Вкупните приходи од работењето пораснале за 12,7 отсто. Најзначаен дел од нив се нето-приходите од камати, кои во однос на истиот период лани се зголемени за 12,9 проценти, а го натфрлиле и планот за првите три квартали, за 3,9 отсто. Додека, пак, нето-приходите од провизии и надоместоци се намалиле и во однос на лани, и во однос на планот на банката. Голем пораст од над 80 отсто е забележан кај другите приходи.
Наспроти зголемените приходи, оперативните расходи се намалени за 5,8 отсто, главно како резултат на намалена амортизација, материјални трошоци и премии за осигурување на депозити. Загубите поради оштетување на нефинансиските средства изнесувале нето 367,2 милиони денари и се зголемени за 28,6 отсто. Исправката на вредност на финансиските средства на нето основа достигнала минус 1.284 милиони денари, и во однос на истиот период лани е намалена за 9,8 отсто.
За наредниот период од банката велат дека таа ќе биде фокусирана, пред се', на подобрување на квалитетот на портфолиото. Растот на кредитната активност се очекува да биде на ниво на растот на БДП. „Во текот на 2015 ќе се продолжи со дополнителни активности за дорезервирање на кредитните изложености кон клиенти кај кои во изминатите години се забележани трендови на влошување на финансиската состојба“, најавуваат од банката.
НЛБ Тутунска банка, која во изминативе години остварува се' повисоки профити, за првите девет месеци од годинава, има фантастична добивка од 13 милиони евра, што е значаен пораст, од 52,8 отсто во однос на истиот период лани, кога остварила добивка од околу 9,5 милиони евра.
Заклучно со третото тримесечје од 2015 нето каматните приходи биле повисоки за 19,5 отсто во однос на истиот период лани. „Приходите од камати се повисоки за 1,8 отсто, поради повисоки остварени приходи во сегментот население, како резултат на повисока состојба на пласирани кредити, при намалени каматни стапки во однос на лани, како и поради повисок износ на наплатени камати од сомнителни и спорни побарувања. Расходите по камати се пониски за 25,5 отсто, како резултат на намалување на каматните стапки на депозитите, пониска состојба на обврски по кредити и пониска состојба на депозити од пензиски фондови и останати финансиски институции“, велат од НЛБ Тутунска банка во својот коментар на билансот на успех.
Вкупните приходи од работење на банката во овој период се зголемиле за 14 отсто, а вкупните оперативни трошоци се повисоки за 6,1 проценти.
Заклучно со третото тримесечје биле издвоени исправки на вредноста на финансиските средства на нето-основа од 524.272 илјади денари, кои, како што велат од банката, соодветствуваат на структурата и на квалитетот на пласманите.