Вечната тема за банките, кои голем дел од граѓанството и бизнисот ги доживуваат како своевидни „искористувачи“, не само во границите на земјава туку речиси во целиот свет, повторно се актуализира по објавените најнови податоци и извештаи, како и на нивните биланси на успех. Тие по којзнае кој пат покажаа дека „лавовскиот“ дел од банкарските профити се прават благодарение на нето- каматните приходи, или во превод разликите од приходите од камати кои тие ги наплатуваат за кредитите, и оние што ги плаќаат на штедачите за нивните влогови. Неколку граѓани со кои разговаравме не сакаат да прифатат дека има логична и оправдана причина за големата разлика меѓу активните и пасивните каматни стапки. Тие сметаат дека банките се своевидни „заштитени видови“, кои профитираат на грбот на населението, и неможноста тоа со сопствени приходи да си ги задоволи сите потреби. Банкарите, пак, возвраќаат дека не е точно оти им ја „дерат кожата“ на своите клиенти, напротив, како што велат, во нашата како и во секоја пазарна економија важи основниот закон на понудата и побарувачката, кој ја диктира и висината на каматните стапки.
Вечната тема за банките, кои голем дел од граѓанството и бизнисот ги доживуваат како своевидни „искористувачи“, не само во границите на земјава туку речиси во целиот свет, повторно се актуализира по објавените најнови податоци и извештаи, како и на нивните биланси на успех. Тие по којзнае кој пат покажаа дека „лавовскиот“ дел од банкарските профити се прават благодарение на нето- каматните приходи, или во превод разликите од приходите од камати кои тие ги наплатуваат за кредитите, и оние што ги плаќаат на штедачите за нивните влогови.
Неколку граѓани со кои разговаравме не сакаат да прифатат дека има логична и оправдана причина за големата разлика меѓу активните и пасивните каматни стапки. Тие сметаат дека банките се своевидни „заштитени видови“, кои профитираат на грбот на населението, и неможноста тоа со сопствени приходи да си ги задоволи сите потреби. Банкарите, пак, возвраќаат дека не е точно оти им ја „дерат кожата“ на своите клиенти, напротив, како што велат, во нашата како и во секоја пазарна економија важи основниот закон на понудата и побарувачката, кој ја диктира и висината на каматните стапки.
Во својот последен извештај, кој се однесува на ризиците на банкарскиот сектор во првиот квартал од годинава, Народна банка на Македонија предупредува дека одржувањето на профитабилноста ќе биде значаен предизвик за банките во наредниот период, бидејќи нивните добивки сега главно се темелат на историски најниските камати на заштедите, но во иднина ќе има се помалку простор за нивно натамошно поголемо кратење.
На крајот на јуни годинава, просечната камата на кредитите изнесувала 6,8 отсто, додека таа на депозитите е три пати пониска, односно 2,2 отсто.
„Во последните неколку години се забележува постојано намалување на
каматните стапки на депозитите на физичките лица, и тоа како за пократките, така и за подолгите рокови на орочување. Ваквите промени кај повеќето банки се делумно поврзани со движењата на референтните камати за поодделните валути, но и од надолното приспособување на каматните стапки на самите банки“, се вели во извештајот на НБМ.
Многумина од граѓаните сметаат дека сега веќе немаат причина да штедат во банка, бидејќи каматите се ниски и заработувачката што ја носат влоговите е мала, особено во споредба со пред неколку години.
„Како да штедам, кога за орочени влогови во денари на една година, каматата во една од банките изнесува 1,8 отсто. Од друга страна, огромна е разликата меѓу каматата за штедење и каматата што ја плаќам за кредитната картичка, таа е на ниво до 11,5 отсто“, вели еден граѓанин од Скопје. Тој има извесна сума што од поодамна ја вложил во банка, но додава дека толку е „ситна“ заработката од каматите, што во последно време немал ни мотив да отиде и да ја подигне. Негово размислување е дека не може банкарите во земјава постојано да „се вадат“ на пазарната логика, во услови кога, како што вели „во земјава за многу граѓани не функционираат пазарните законитости“.
Со еден збор, времето на третирање на заштедата во банка како можност за добра добивка, одамна е поминато, вели друг соговорник, кој се сеќава на времето кога каматите на заштедите, особено на денарските, беа неколкукратно повисоки.
Она што не можат да сфати голем дел од населението, е зошто се толку високи каматите на кредитните картички и на минусите на тековна. „Па како да штедам кога мислам дека сите пари ги трошам да ги исплатам високите камати за кредитните картички. А и не сум сигурен дали е тоа паметно, особено после банкарските кризи што се случија во светот“, вели 50 годишен жител на главниот град. За него банките се привилегирани институции.
Но, така не мислат банкарите. „Во земјава има голема понуда на пари, а нема каде да се пласираат, и нормално е да паѓаат каматите на депозитите. Тоа е основниот закон на понудата и побарувачката“, вели Ѓорги Јанчевски, претседател на Управен одбор на НЛБ Тутунска банка и прв човек на Здружението за банкарство. Тој додава дека не е точно оти се високи каматите на кредитите, напротив, како што вели, тие се на историски најниско ниво. Околу забелешките конкретно дека каматите на кредитните картички се екстремно високи, и до 12 отсто, како и на минусите на тековна, овој банкар вели дека тоа зависи од банка до банка. Го посочува и примерот со каматите на станбените кредити, вели дека тие никогаш досега немале камата од околу 5 отсто.
„Банките се исто така фирми, што сакаат да работат профитабилно. И банките имаат ризици, и како што се зголемуваат нефункционалните кредити, кои сега се на ниво од 11,6 отсто, тоа го зголемува и ризикот на банката, а со тоа растат и нивните трошоци“, вели Јанчевски.
Во мај и во јуни годинава за прв пат по подолг период НБМ регистрираше намалување на штедењето на домаќинствата. Според овој банкар, првата причина може да биде политичката криза, а втората, можно е граѓаните парите да ги вложуваат на друг начин, купување станови, недвижности..., бидејќи штедењето веќе не носи високи приходи.
На прашањето дали банките не ги плаши овој тренд, Јанчевски вели дека ако тој продолжи, тие ќе реагираат. „Ако се намалува штедењето, ние би дошле во ситуација да се скратат нашите извори, односно депозитите, кои ни требаат за кредитирање. Во тој случај ќе настојуваме да дојдеме до депозити, преку зголемување на каматите на заштедите. Значи, ако дојде до недостиг на пари, ќе порасне нивната цена. Тоа е основен принцип на пазарот“, вели Јанчевски. Банкарите не сакаат да избрзуваат со претпоставки како натаму ќе се движи граѓанското штедење.