Градежните компании во земјава лани ги зголемиле своите профити во однос на претходната година. Ова го покажуваат билансите на успех на две позначајни градежни фирми во земјава, кои деновиве беа доставени до Македонската берза на хартии од вредност. Градежниот гигант „Гранит“ лани реализирал профит од близу 3,6 милиони евра, што е раст за 17 отсто во однос на 2014, говори неревидираниот неконсолидиран биланс на успех на оваа компанија. „Бетон“, пак, во минатата година остварила профит од 1,5 милиони евра, што покажува зголемување од дури 31 отсто во однос на претходната година.
Градежните компании во земјава лани ги зголемиле своите профити во однос на претходната година. Ова го покажуваат билансите на успех на две позначајни градежни фирми во земјава, кои деновиве беа доставени до Македонската берза на хартии од вредност.
Градежниот гигант „Гранит“ лани реализирал профит од близу 3,6 милиони евра, што е раст за 17 отсто во однос на 2014, говори неревидираниот неконсолидиран биланс на успех на оваа компанија. „Бетон“, пак, во минатата година остварила профит од 1,5 милиони евра, што покажува зголемување од дури 31 отсто во однос на претходната година.
За потсетување, податоците за растот на домашната економија што неодамна ги објави Државниот завод за статистика покажаа дека таа лани пораснала за 3,7 отсто, како и дека главниот двигател е токму градежниот сектор, чии раст изнесувал 16,8 отсто.
Ова значи дека градежните фирми добро се „офајдиле“ од растот во нивната дејност и ја зголемиле профитабилноста, дотолку повеќе што, како што информираат, значаен дел од приходите ги оствариле од работењето на домашниот пазар.
„Гранит“ информира дека лани остварил позитивни финансиски резултати. Нето-добивката на оваа компанија е 219,92 милиони денари, или 3,58 милиони евра, што е раст за 17 отсто.
„Остварените вкупни приходи во 2015 изнесуваат 4.240.711 илјади денари и во споредба со остварените во 2014 бележат раст од 3,92 отсто. Во структурата на вкупните приходи најголемо учество има реализацијата од основната дејност, од 57,21 отсто“, велат од „Гранит“ во образложението.
Остварените вкупни расходи се во износ од 4 милијарди денари и бележат раст од 3,5 отсто. „На Годишното собрание на акционери е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2014 година во износ од 47милиони денари, односно 16 денари бруто за една акција“, информираат од компанијата.
Вкупните инвестиции во основни средства лани изнесувале 660,6 милиони денари. „Деловната активност на ’Гранит‘ е целосно насочена кон остварување на динамичките планови според договорените работи, и целосна активност кон добивање нови проекти во земјата и странство“, велат од компанијата.
Позитивен резултат има и „Бетон“, односно добивка лани од 91,09 милиони денари, или 1,48 милиони евра, што е раст за дури 31 отсто во однос на претходната година.
„Остварените вкупни приходи во 2015 се повисоки за 9,18 отсто. Во структурата на вкупните приходи најголемо учество од 93,32 отсто, имаат приходите од основна дејност, остварени од изградба на градежни објекти на домашен пазар“, велат од компанијата.
Вкупните расходи во 2015 година се 2.902.861.644 денари и се зголемени за 8,64 отсто. Лани е исплатена дивиденда во вкупен износ од 53.639.300 денари. Вкупните инвестиции во основни средства во 2015 година изнесуваат 46.606.389 денари и опфаќаат инвестиции во градежни објекти, машини и опрема. Во периодот јануари-декември лани се реализирани дополнителни 90 нови вработувања, велат од компанијата.