Сузбивањето на неформалната економија во земјата, која изнесува над 30 проценти од севкупната економија, е главниот предизвик за обезбедување стабилен деловен амбиент и работа под еднакви и фер услови за сите субјекти во приватниот сектор, велат од Сојузот на стопанските комори. Со моментните состојби на удар се особено малите и средни претпријатија, кои како двигател на македонската економија сочинуваат 99,7 проценти од сите компании и имаат учество од 70 отсто во домашниот бруто-производ. Во анализите на Сојузот на стопанските комори на Македонија, кој застапува над 20.000 члена од сите сектори, заедничко е континуираното барање за координирана акција со цел справување со еден од најголемите предизвици за стопанството, сивата економија.
Сузбивањето на неформалната економија во земјата, која изнесува над 30 проценти од севкупната економија, е главниот предизвик за обезбедување стабилен деловен амбиент и работа под еднакви и фер услови за сите субјекти во приватниот сектор, велат од Сојузот на стопанските комори.
Со моментните состојби на удар се особено малите и средни претпријатија, кои како двигател на македонската економија сочинуваат 99,7 проценти од сите компании и имаат учество од 70 отсто во домашниот бруто-производ. Во анализите на Сојузот на стопанските комори на Македонија, кој застапува над 20.000 члена од сите сектори, заедничко е континуираното барање за координирана акција со цел справување со еден од најголемите предизвици за стопанството, сивата економија.
„Особено е критично да се обезбеди механизам за справување со оние што работат во неформалната зона со милионски профити, производители, трговците на стоки и услуги што заработуваат големи суми не плаќајќи ниту денар во буџетот. За регистрирани компании ова е погубно бидејќи тешко се справуваат со притисокот поради тоа што нерегистрираните субјекти имаат поконкурентни производи и услуги, а со кои им преземаат сè поголем дел од потрошувачите“, велат од ССК.
Според анализите од анкетите на Сојузот на стопанските комори на Македонија, вршителите на дејност што работат без формално регистрирање на својата дејност, т.е. без фирма, се повеќе од 50 проценти поконкурентни на пазарот од регистрираните фирми поради тоа што не придонесуваат со обврска за плаќање на ДДВ, придонеси по основ на социјално и пензиско осигурување, тековните трошоци им се многу пониски бидејќи не плаќаат по индустриска тарифа, со што не само што го оштетуваат буџетот туку и нудат цени за производи и услуги на пазарот кои се значително пониски, цени што регистрирана компанија што ги плаќа сите давачки не може да ги постигне поради тоа што повисоките трошоци мора да ги пресмета во крајната цена на чинење.
Водени од моментниот деловен амбиент во земјата во услови на најави на регистрирани субјекти за прибегнување во неформалната зона, неопходно е да се релаксираат субјектите што регистрирано работат од инспекциски надзори со цел намалување на трендот кон тивок премин во сивата зона. Потребни се здружена акција и искористување на соодветните механизми со цел менување на перцепцијата дека неформалната е сигурна зона каде што нема контроли и казни. Во спротивно, и оние што работат во согласност со законите и плаќаат даноци тивко ќе почнат да преоѓаат во сивата зона, смета ССК.
Механизам за надминување на оваа состојба со волја и акција на инспекциските служби е почнување со континуирано дејствување по пријави за нерегистрирани субјекти, но и јавно истакнување на оние што ќе добијат глоба за тоа бидејќи не само што нивното изигрување на прописите претставува затајување данок туку е и дестимул за сите што сакаат да работат почитувајќи ги законите.
Предложените иницијални чекори за справување со сивата економија се неопходни за демонстрирање јасна волја дека ќе има последици за оние што работат нерегистрирано, а не како во моментот кога на удар се само регистрираните фирми, велат од ССК.
Бараат иимплементација во пракса на Законот за забрана и спречување вршење нерегистрирана дејност, со што би се регулирало работењето во сивата зона, почнување постапка за трансформација на неформалните активности во формални, поточно доброволна регистрација во прва фаза на контроли за оние што нерегистрирано работат, а со тоа и нивен влез во системот на обврски.
Понатаму, велат во втората фаза, доколку во првата субјектите одбијат да се регистрираат и не престанат да вршат дејност во сива зона, да се применат репресивни мерки со изрекување значителни глоби и кривични санкции, со што би се обиделе институциите да ги спречат нелегалните текови на пари.
ССК вели дека е неопходна потребата од јакнење на свеста дека сивата економија е штетна за сите граѓани на нашата земја. Тешко е во услови на сиромаштија да се спречи оваа појава, но нејзиното намалување ќе го зголеми обемот на работа кај оние што работат и плаќаат данок, а со тоа и ќе придонесе за природно општо намалување на продажните цени.
Анализите на Светската банка покажуваат дека учеството на компаниите што се соочуваат со нерегистрираните или неформални вршители на дејност во Македонија е 55,5 отсто или најмногу во регионот пред Црна Гора со 52,4 отсто, Хрватска со 48,2 отсто, Албанија со 40,2 отсто, Србија со 37,5 отсто и Словенија со 26,5 отсто.