Македонците живеат исто како и лани, односно трошат еднакво како во периодот од пред една година. И додека многумина би се согласиле дека со речиси секое влегување во маркет се соочуваат со нови, повисоки цени, пред се' на храната и на средствата за хигиена, според Државниот завод за статистика, ДЗС, за една година немало промени во висината на трошоците на живеење, односно нема инфлација. Поточно, најновите податоци на ДЗС покажуваат дека индексот на трошоците на живот во февруари годинава, во споредба со истиот месец лани, бил на исто ниво, додека цените на мало се намалени за само 0,4 отсто. Во февруари, во споредба со февруари минатата година, поевтиниле храната и пијалаците за 0,7 отсто, домувањето, водата и електриката за 1 отсто, транспортните услуги паднале за 3,2 отсто, а комуникациските за 3 отсто.
Македонците живеат исто како и лани, односно трошат еднакво како во периодот од пред една година.
И додека многумина би се согласиле дека со речиси секое влегување во маркет се соочуваат со нови, повисоки цени, пред се' на храната и на средствата за хигиена, според Државниот завод за статистика, ДЗС, за една година немало промени во висината на трошоците на живеење, односно нема инфлација.
Поточно, најновите податоци на ДЗС покажуваат дека индексот на трошоците на живот во февруари годинава, во споредба со истиот месец лани, бил на исто ниво, додека цените на мало се намалени за само 0,4 отсто.
Во февруари, во споредба со февруари минатата година, поевтиниле храната и пијалаците за 0,7 отсто, домувањето, водата и електриката за 1 отсто, транспортните услуги паднале за 3,2 отсто, а комуникациските за 3 отсто. Додека статистиката регистрирала зголемување на цените кај алкохолните пијалаци и тутунот, за 3,4, кај облеката и обувките за 1,6, мебелот и покуќнината за 4,3, а услугите за сместување поскапеле за 1 процент.
Во споредба со јануари, пак, во февруари оваа година индексот на трошоци на животот бил помал за само 0,1 отсто, што било резултат на минималните поевтинувања на пекарските производи и на јајцата, за 1,4 отсто, потоа на оризот и на лебот за 0,9 отсто, на маслото и маснотиите за 0,8 отсто, на алкохолните пијалаци за 0,6 отсто и друго.
Исто така, се намалиле и трошоците за течните горива за домаќинствата за 10,8 отсто, за авионскиот превоз на патници за 9,8 отсто, другите течни горива и мазива поевтиниле за 6,4 отсто, гасот за домаќинствата за 4,7 отсто, а средствата за лична хигиена и здравје за 1,3 отсто.
Додека минатиот месец пораст на трошоците, во споредба со јануари, имало кај свежиот и разладен зеленчук, освен компирот, за 4,9 отсто, кај замрзнатото овошје за 1,2 отсто, рибата и морските плодови поскапеле за 1,1 отсто, а шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи поскапеле за 0,6 отсто.
Се зголемиле и цените на болничките услуги за 13,2 отсто, на информатичката опрема за 2,2 отсто и на средствата за чистење и одржување на домаќинството за 1,7 отсто.