Во ноември лани во земјава биле инвестирани околу 18 милиони евра странски капитал, по октомвриските нецели 11 милиони. Вкупна сума, пак, од 213,6 милиони евра се регистрирани во земјава во единаесетте месеци од минатата година во форма на директни странски инвестиции, говорат податоците на Народна банка на Македонија. Во споредба со истиот период од 2015 година кога во Македонија биле вложени 192,6 милиони евра, значи дека за 11 месеци лани сме имале пораст за околу 21 милиони евра или за 10,9 проценти. Останува да се види каков според странските вложувања бил декември, за кој НБМ ќе ги објави бројките по еден месец, по што ќе се има појасна слика за минатата година. Сепак, овој износ, како и во претходните неколку години, е послаб од оној што го најавуваше Владата, како и во однос на серијата бенефиции што им се одобруваа на странските инвеститори. Конкретно, во 2012 година во земјава влегле СДИ од 111 милиони евра, во 2013 сме имале 252 милиони, а 2014 година завршила со 205 милиони евра. Додека, пак, за цела 2015 во земјава влегол странски капитал од околу 217 милиони евра.
Во ноември лани во земјава биле инвестирани околу 18 милиони евра странски капитал, по октомвриските нецели 11 милиони. Вкупна сума, пак, од 213,6 милиони евра се регистрирани во земјава во единаесетте месеци од минатата година во форма на директни странски инвестиции, говорат податоците на Народна банка на Македонија.
Во споредба со истиот период од 2015 година кога во Македонија биле вложени 192,6 милиони евра, значи дека за 11 месеци лани сме имале пораст за околу 21 милиони евра или за 10,9 проценти. Останува да се види каков според странските вложувања бил декември, за кој НБМ ќе ги објави бројките по еден месец, по што ќе се има појасна слика за минатата година.
Сепак, овој износ, како и во претходните неколку години, е послаб од оној што го најавуваше Владата, како и во однос на серијата бенефиции што им се одобруваа на странските инвеститори. Конкретно, во 2012 година во земјава влегле СДИ од 111 милиони евра, во 2013 сме имале 252 милиони, а 2014 година завршила со 205 милиони евра. Додека, пак, за цела 2015 во земјава влегол странски капитал од околу 217 милиони евра.
Многу аналитичари, конкретно за лани, вината ја посочија во долготрајната политичка криза, која придонесе потенцијалните странски инвеститори да ги одложат своите одлуки за вложување во Македонија и да чекаат некои подобри и постабилни времиња.
Инаку, за 11 месеци лани биле вложени 258,3 милиони евра во форма на сопственички капитал и реинвестирање на добивката, но затоа се одлеале околу 44,7 милиони евра по основ на должнички инструменти, по што се добива финалниот резултат од 213,6 милиони евра.
Гледано по месеци, во јануари биле вложени 29 милиони евра, а февруари бил подобар со 50 милиони. Следува март со 42 милиони евра, април со 25, исто колку што биле вложени и во мај. Во јуни се одлеале надвор околу пет милиони евра, а во јули сме биле домаќин на околу 10 милиони. Во август во земјава влегле солидни 44 милиони евра, но затоа во септември имало значајно одлевање, од над 35 милиони евра. Во октомври и во ноември е регистриран влез на околу 11 и 18 милиони евра соодветно.
Неодамна истражувачката мрежа БИРН објави дека во земјава во последниве 10 години се инвестирале седум пати помалку пари од најавеното и биле отворени три пати помалку работни места. Односно, од вкупно 138 најавени странски инвестиции, објекти изградија 51 компанија, а наместо 3,8 милијарди евра, биле инвестирани само 580 милиони. Вкупно 26 од странските компании добиле државна помош. Податоците покажуваат дека само четири странски компании кои инвестирале во земјава, вложиле онолку пари колку што ветиле, или повеќе, а останатите инвестирале значително помалку средства, или воопшто.