Од денес стартуваат средбите меѓу македонската страна и заинтересирани инвеститори од Соединетите Американски Држави и Европа, кои би вложувале во новата еврообврзница што планира да ја издаде земјава. Овие средби ќе ги организираат трите банки што ги ангажираше Владата, Ситигруп, Дојче банк и Ерсте груп. Земјата ги избра Ситигруп, Дојче банк и Ерсте груп да организираат средби на инвеститори во САД и Европа, почнувајќи од 4 ноември, јавува извор запознаен со плановите, кој бара да остане анонимен, бидејќи информациите се доверливи, се вели во текст што вчера го објави „Блумберг“. Според него, Македонија планира да се врати на меѓународните пазари на капитал, прв пат по повеќе од една година. Всушност, за земјава се нагласува дека тоа е нејзин обид да ги искористи предностите од пониските трошоци за позајмување, во време кога Европската централна банка испраќа сигнали дека може да ја прошири својата стимулативна програма.
Од денес стартуваат средбите меѓу македонската страна и заинтересирани инвеститори од Соединетите Американски Држави и Европа, кои би вложувале во новата еврообврзница што планира да ја издаде земјава. Овие средби ќе ги организираат трите банки што ги ангажираше Владата, Ситигруп, Дојче банк и Ерсте груп.
„Земјата ги избра Ситигруп, Дојче банк и Ерсте груп да организираат средби на инвеститори во САД и Европа, почнувајќи од 4 ноември, јавува извор запознаен со плановите, кој бара да остане анонимен, бидејќи информациите се доверливи“, се вели во текст што вчера го објави „Блумберг“.
Според него, Македонија планира да се врати на меѓународните пазари на капитал, прв пат по повеќе од една година. Всушност, за земјава се нагласува дека тоа е нејзин обид да ги искористи предностите од пониските трошоци за позајмување, во време кога Европската централна банка испраќа сигнали дека може да ја прошири својата стимулативна програма.
Односно, оваа обврзница ќе следува откако во јули лани Македонија ја издаде третата еврообврзница, на износ од 500 милиони евра, со рок на достасување од 7 години, и каматна стапка од 3,975 отсто на годишно ниво. Првата нејзина рата беше отплатена во јули оваа година, а ќе се отплаќа се' до јули 2021.
Инаку, „Блумберг“ јавува и дека приносот на оваа еврообврзница се намалил за 39 основни поени, во однос на највисокото ниво во јули.
Со овој потег Македонија практично ќе ги следи Романија, Полска и Литванија, кои минатиот месец заедно продале обврзници од 5,25 милијарди евра. Од агенцијата нагласуваат дека приносите опаѓаат како што се зголемува притисокот врз ЕЦБ да се разгледаат мерките да се помогне растот, вклучувајќи проширување на програмата за купување обврзници, или намалување на каматните стапки.
„Тајмингот е одличен“, изјавил Кристијан Мејруп, финансиски менаџер на „Глобал еволушен А/С“. Според него, „ризикот за Македонија е што се продлабочуваат разликите во периферни европски земји, како Шпанија и Португалија, што индиректно може да доведе инвеститорите да бараат повисоки распони на новото издавање еврообврзница од Македонија“.
Агенцијата, во својот текст за македонската еврообврзница, јавува и дека приносот од долгот на Владата кој достасува во 2021 година, во понеделникот се зголемил за еден основен поен, односно на 4,72 отсто.
Во текстот се потсетува и дека Македонија, земја кандидат за членство во ЕУ од 2005, веќе има издадено пред 10 години еврообврзница од 150 милиони евра, која ќе достаса во декември годинава, па, како што се нагласува, „на земјата и' се потребни пари за да го покрие надворешното финансирање“.
Инаку, Владата своите намери за издавање еврообврзница ги најави во предложениот буџет за идната година. И од агенцијата потсетуваат дека „Владата планираше надворешно задолжување од 314 милиони долари во буџетот за 2015 година, исклучувајќи ги средствата собрани преку финансиски институции, како ММФ, ЕБОР и Европската инвестициска банка“.
Неодамна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески изјави дека од условите на меѓународните пазари ќе зависи на која сума ќе се издаде еврообврзницата, како и нејзината рочност.
Оваа обврзница ќе биде четврта издадена од земјава.