Засега нема голем интерес кај граѓаните за купување половни патнички автомобили со повисок, еуро 4 стандард. Од една страна, причина за тоа е заситениот пазар со возилата со еуро 3 стандард, а од друга страна е и значително повисоката цена по која се продаваат возилата со еуро 4. Состојбата е таква, како што е познато, по воведувањето на забраната за увоз на коли со еуро 3, од 1 јули годинава, а со цел да се возат поквалитетни возила што емитуваат помалку штетни гасови и помалку ја загадуваат околината. Според сопственици на плацеви со половни автомобили, сепак, иако веќе не се увезуваат коли со еуро 3, се' уште кај одредена категорија на граѓани има интерес за купување на вакви автомобили, кои се поевтини.
Засега нема голем интерес кај граѓаните за купување половни патнички автомобили со повисок, еуро 4 стандард. Од една страна, причина за тоа е заситениот пазар со возилата со еуро 3 стандард, а од друга страна е и значително повисоката цена по која се продаваат возилата со еуро 4.
Состојбата е таква, како што е познато, по воведувањето на забраната за увоз на коли со еуро 3, од 1 јули годинава, а со цел да се возат поквалитетни возила што емитуваат помалку штетни гасови и помалку ја загадуваат околината. Според сопственици на плацеви со половни автомобили, сепак, иако веќе не се увезуваат коли со еуро 3, се' уште кај одредена категорија на граѓани има интерес за купување на вакви автомобили, кои се поевтини. „Секако, станува збор за граѓани со поплиток џеб, кои најчесто ставаат плински уреди за поекономично возење“, вели сопственик на плац со половни коли. Тој додава дека овој бизнис оди се' послабо, за разлика од пред неколку години, особено откако во 2006 се дозволи увоз на евтини половни возила со еуро 3 стандард, без акцизи, царина и други давачки. „Тогаш кај граѓаните настана вистинска еуфорија за купување семејни автомобили, кои можеа да се набават во солидна состојба и по пристојни цени, во просек меѓу 2.000 и 3.000 евра. Се постигна социјалниот ефект, но сега е многу неизвесно како ќе тече продажбата на коли во наредниот период. Бидејќи од една страна ќе се увезуваат само автомобили со еуро 4 стандард, кои ќе се продаваат по повисока цена, што автоматски ќе значи дека дилерите ќе имаат ограничени можности за нивно увезување и за продавање во земјава“, вели еден сопственик на плац.
Цената на половните автомобили со еуро 4 е поголема поради давачки околу обезбедување потврда за потекло од ЕУ, без која не може да се примени преференцијална царинска стапка. Односно, овие возила ќе се царинат по редовна стапка.
И податоците од Царинската управа потврдуваат дека има значителен пад на увозот на половни автомобили во изминатите месеци од годинава, како и драстично намалување во споредба со пред неколку години, додека бројот на увезени нови возила има благ пораст. Според најновата царинска статистика, за 8 месеци, односно од јануари до крајот на август годинава биле увезени вкупно 18.959 употребувани и 3.446 нови патнички автомобили. Во 2015 година, пак, се увезле 4.244 нови и 23.196 половни автомобили, во 2014 бројот на увезените половни коли изнесувал 29.558, а на нови 3.052, додека во 2011 се увезле 34.326 половни и 5.795 нови автомобили. Во 2010 година, кога се воведоа законските измени за увоз на коли со еуро 3 стандард, беа увезени најмногу половни патнички автомобили, 51.399, а увозот на нови коли изнесуваше 7.183.
Со други зборови, времето на купување евтини автомобили поминува, односно ќе трае уште извесно време, се' додека на пазарот не се „потрошат“ возилата со еуро 3.
Со цел да се намали загаденоста на животната средина од употреба на стари возила со еуро 3, Владата пред два дена најави субвенции за увоз на нови електрични возила, со нула проценти царина, без акциза и со повластена даночна стапка од 5 проценти, наместо сегашните 18 проценти. Ќе се даваат по 3.500 евра за возило со вредност до 25.000 евра и 5.000 евра за оние со цена над 25.000 евра. Освен тоа, ќе се субвенционира вградување на плински систем во автомобили со еуро 1, 2 и 3 стандард, или постари од 10 години, а за тоа од следната година ќе се даваат ваучери од 300 евра за набавка на плински уред, кои ќе се распределуваат на јавен повик секоја година.