Четири нови странски инвестиции во Тетовско, серија инвестиции и нови работни места во источниот дел на Македонија, во Битолско, во Скопје... Сите овие беа најавени во неколку наврати деновиве, што уште еднаш ги ставија во фокусот технолошко-индустриските развојни зони каде што постојните компании, со вкупно околу 3.500 вработени, реализираат околу третина од вкупниот извоз на нашата земја. Така, вкупната вредност на извезените производи од компаниите кои работат во економските зони надмина 325 милиони евра во првите три месеци годинава. Ако ваквиот тренд продолжи, како што се очекува, годинава ќе биде надминат и минатогодишниот резултат, кога странските компании извезоа производи во вредност од 1,17 милијарди евра.
Четири нови странски инвестиции во Тетовско, серија инвестиции и нови работни места во источниот дел на Македонија, во Битолско, во Скопје... Сите овие беа најавени во неколку наврати деновиве, што уште еднаш ги ставија во фокусот технолошко-индустриските развојни зони каде што постојните компании, со вкупно околу 3.500 вработени, реализираат околу третина од вкупниот извоз на нашата земја.
Така, вкупната вредност на извезените производи од компаниите кои работат во економските зони надмина 325 милиони евра во првите три месеци годинава. Ако ваквиот тренд продолжи, како што се очекува, годинава ќе биде надминат и минатогодишниот резултат, кога странските компании извезоа производи во вредност од 1,17 милијарди евра.
„Извозот од зоните минатата година беше за 54 отсто повеќе во однос на претходната 2013 година, а според процените, на среден рок, треба да се очекува извоз од околу 2 милијарди евра“, беа прогнозите кои на јавноста и беа соопштени од страна на надлежните, кои велат дека речиси секое трето евро од вкупниот извоз веќе сега отпаѓа на извозот на овие компании. Извозот од зоните во вкупниот извоз на Македонија учествува со 31отсто.
Во последните неколку години, како што покажуваат и статистичките податоци, растеле и извозот и увозот. Така на пример, во 2012 година вкупниот извоз бил 4,01 милијарди долари, а истата година вредноста на увозот била 6,52 милијарди долари. Наредната 2013 година извозот се зголемил на 4,26 милијарди, а увозот на 6,59 милијарди долари. Минатата година, пак, извозот се зголемил на 4,93 милијарди долари, додека пак увозот растел со нешто помало темпо и достигнал 7,27 милијарди долари. Ваквата динамика продолжи и годинава. Тоа придонесе и за подобрување на покриеноста на увозот со извоз.
„Во 2014 година извозот во Македонија се зголеми за 15,6 отсто, а увозот порасна за 10,3 отсто, односно покриеноста на извозот со увозот изнесува 67,8 отсто, додека пак во 2013 година покриеноста на извозот со увозот изнесуваше 64,7 отсто“, изјави во интервју за „Утрински весник“, првиот човек на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Виктор Мизо.
Странските инвестиции во зоните ја променија и структурата на надворешно трговската размена на земјата. Така, сега во увозот најмногу доминираат благородните метали, како платината, која е суровина за производство на катализаторите кои се наменети за автомобилската индустрија, кои, пак, станаа еден од поважните извозни производи на земјава.
Странските инвестиции, засега, повеќе влијаат врз структурата на размената отколку што придонесуваат да се намали трговскиот дефицит, бидејќи тие покрај тоа што се големи извозници, се и големи увозници на неопходните суровини и репроматеријали, кои кај нас не можат да се набават.
Така според статистиката, во првите два месеца годинава во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производите од железо и челик (валани производи) и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), електричната енергија и други метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Со производството на високо-технолошки производи, каде што додадената вредност е поголема во споредба со традиционалните домашни извозни производи (на пример текстилот), се смета дека има влијание врз намалување на дефицитот. Според некои процени од минатата година тоа влијание изнесуваше околу 60-70 милиони долари.
Во иднина, сепак, динамиката на зголемување на извозот се чини дека нема да расте со толкаво темпо изразено во проценти како досега. Тоа е и разбирливо, бидејќи се зголемува основата за споредба, иако во апсолутни износи ваквиот пораст и натаму ќе биде забележителен.
Според процените и помали стапки на пораст значајно влијаат врз вкупната надворешно трговска размена на земјата, како и врз подобрување на покриеноста на увозот со извоз, во што свое влијание ќе имаат и оние домашни фирми кои ќе успеат да вградат дел од своето производство во крајниот производ кој оди за извоз, или едноставно ќе бидат снабдувачи со други неопходни производи кои им се неопходни за секојдневното работење на странските компании. Тоа,според последните податоци, веќе им успеа на околу 500 домашни фирми.