Јавниот долг лани повисок за 484 милиони евра

Bez autora
Feb 02 2017

Јавниот долг на Македонија останува над 50 проценти од бруто-домашниот производ на земјата. Според меѓународните финансиски институции, тој треба да се стабилизира под таа граница. На крајот на минатата година земјава должела 4,71 милијарди евра, или 50,1 отсто од БДП. Со оглед што третиот квартал лани нашата држава го заврши со јавен долг од 4,76 милијарди евра, или 50,6 отсто од БДП, излегува дека во последното тримесечје лани долгот се намалил за 48 милиони евра, или за 0,5 процентни поени. Но, показателите говорат за голем раст на јавниот долг во текот на целата мината година, во споредба со претходната 2015.

Јавниот долг лани повисок за 484 милиони евраЈавниот долг на Македонија останува над 50 проценти од бруто-домашниот производ на земјата. Според меѓународните финансиски институции, тој треба да се стабилизира под таа граница. На крајот на минатата година земјава должела 4,71 милијарди евра, или 50,1 отсто од БДП.

Со оглед што третиот квартал лани нашата држава го заврши со јавен долг од 4,76 милијарди евра, или 50,6 отсто од БДП, излегува дека во последното тримесечје лани долгот се намалил за 48 милиони евра, или за 0,5 процентни поени. Но, показателите говорат за голем раст на јавниот долг во текот на целата мината година, во споредба со претходната 2015. Тие покажуваат дека лани, само за една година, задолженоста на земјава се зголемила за речиси половина милијарди евра, или конкретно за 484 милиони. Изразено како учество во БДП, долгот е повисок за 3,4 процентни поени. Во јули минатата година земјава издаде еврообврзница тешка 450 милиони евра, што е главна причина за ланскиот пораст.

Експертите предупредуваат дека годинава ќе има ново зголемување на јавниот долг за околу три отсто од БДП, а за заемите ќе треба да се плаќаат уште повисоки камати. Социјалдемократите излегоа со критики, потенцирајќи дека власта во заминување, како што велат, ја остава земјата со критично ниво на јавен долг од над 50 отсто од БДП. Возвратија од Министерството за финансии, од каде што велат дека и Меѓународниот монетарен фонд потврдил дека земјава води прудентна политика.

Податоците говорат дека земјава кон надворешните кредитори на крајот на минатата година должела 3,29 милијарди евра, што во однос на 2015 е пораст за 439 милиони. Во споредба со третиот квартал има намалување на надворешниот долг за 68 милиони евра. Внатрешниот долг, пак, на крајот на 2016 достигнал 1,43 милијарди евра, што е раст за 46 милиони евра за една година, како и за 20 милиони евра во однос на третиот квартал.

Академик Абдулменаф Беџети предупредува дека идните задолжувања на земјава ќе бидат со уште повисоки камати, поради политичката криза.

„Објавениот релативен индикатор - процентуалното учество на јавниот долг во БДП се намалува од 50,6 на 50,1 отсто, со образложение дека е резултат на платени стасани обврски. Последните три месеци, речиси сите платени обврски биле со однапред ново задолжување, дури за неколку милиони евра во поголем износ од стасаните обврски. Можеби е променета структурата на изворите на задолжување од внатрешна или надворешна природа, но не и обемот. Другото може да биде како резултат на ’статистички пораст‘ на БДП!“, вели академик Беџети.

За годинава тој прогнозира дека ќе дојде до пораст на јавниот долг за уште околу два до три отсто во однос на БДП

„Реално се очекува јавните буџетски расходи да се реализираат потполно, ако не и зголемени, а проектираните јавни приходи да бидат потфрлени, со што ќе порасне буџетскиот дефицит, т.е. кумулативно јавниот долг. Згора на се', со текот на политичката криза и оваа година, уште повеќе расте политичката неизвесност, со тоа и намалување на кредитниот рејтинг на државата и зголемување на цената на идните задолжувања, пред се' на надворешниот пазар на капитал“, објаснува Беџети.

Бранимир Јовановиќ од Институтот за општествени и хуманистички науки, вчера ни изјави дека Владата продолжила да троши непродуктивно. „Јавниот долг во четвртиот квартал има намалување од околу 50 милиони евра во однос на претходниот квартал, што на прв поглед делува како добра вест. Сепак, намалувањето на долгот е првенствено заради отплатата на заемот од 130 милиони евра кој беше земен во ноември 2011 од Дојче банк и Сити банк, што значи дека без оваа отплата, јавниот долг би имал раст од околу 80 милиони евра. Дополнително, во четвртиот квартал имаше сериозно потфрлање во реализацијата на капиталните трошења на владата, кои имаа пад од 17б отсто во однос на истиот период од претходната година. Ова е уште полошо доколку се согледа дека во истиот период тековните расходи на владата имаа раст од околу 6 отсто. Тоа значи дека владата и во четвртиот квартал на 2016 продолжи со праксата на трошење на непродуктивни работи, а кратење на продуктивни“, вели Јовановиќ.

Вчера реагираше СДСМ. Според партијата, долгот на земјава е се' уште на критичното ниво над 50 отсто, како што предупредија и меѓународните финансиски институции, кога изразија загриженост. „Граѓаните се тие кои ќе ги враќаат огромните долгови. Затоа е итно потребна нова влада според мнозинската волја на граѓаните, која ќе води реални одговорни политики и посветено ќе работи на стабилизирање на нивото на јавниот долг“, потенцираат од партијата.

Од Кабинетот на министерот Кирил Миноски, пак, возвратија дека „соопштението на СДСМ е уште една класична манипулација на партијата“. Од таму велат дека секој кој ќе ја отвори веб-страницата на Министерството може да го прочита извештајот за јавниот и државниот долг и да види дека и двата се намалени во последниот квартал од 2016. „Иако СДСМ постојано се повикува на ММФ, за јавниот долг испуштаат да кажат дека Фондот истакна дека Македонија води прудентна политика на јавен долг. Исто така, Фондот препорачува за земјите во развој каква што е Македонија, јавниот долг да се движи во границите меѓу 49 до 58 отсто“, објаснија од Финансии.

Инаку, во својот последен извештај на Извршниот одбор за земјава, кој датира од ноември лани, од ММФ сугерираа дека фискалната консолидација треба да почне без одлагање, а јавниот долг да се стабилизира на нивото под 50 отсто од БДП. ММФ смета дека без да се преземат мерки, долгот на среден рок ќе порасне и до 55 отсто од БДП. Светска банка, пак, прогнозираше дека јавниот долг на земјава во 2018 ќе изнесува 54,1 отсто од БДП. Причината се гледа во тоа што не се спроведоа најавите за фискална консолидација, и се случи експанзија на дефицитот.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik