Ново намалување на каматните стапки на штедните влогови на граѓаните објавија дел од банките во земјава. Конкретно, овој чекор вчера го повлече НЛБ Тутунска банка, која пред околу еден месец навести дека до крајот на годинава најверојатно ќе следува уште едно намалување на каматите на депозитите во оваа банкарска институција. Од другите „припадници“ на големата банкарска четворка засега нема информација дали и тие планираат надолна корекција на каматите на депозитите во наредниот период. НЛБ Тутунска банка вчера на својата веб-страница соопшти дека ги намалила каматните стапки на депозитите за физички лица. Каматните стапки на депозитите за физички лица во денари и евра се намалени од 0,01 до 0,3 процентни поени. Новите каматни стапки за физички лица се со важност од 15 ноември годинава, се наведува во објавата од банката. Од НЛБ Тутунска банка додаваат дека новите каматни стапки на депозитните продукти се однесуваат на сите постојни и новосклучени договори за депозити.
Ново намалување на каматните стапки на штедните влогови на граѓаните објавија дел од банките во земјава. Конкретно, овој чекор вчера го повлече НЛБ Тутунска банка, која пред околу еден месец навести дека до крајот на годинава најверојатно ќе следува уште едно намалување на каматите на депозитите во оваа банкарска институција.
Од другите „припадници“ на големата банкарска четворка засега нема информација дали и тие планираат надолна корекција на каматите на депозитите во наредниот период.
НЛБ Тутунска банка вчера на својата веб-страница соопшти дека ги намалила каматните стапки на депозитите за физички лица. „Каматните стапки на депозитите за физички лица во денари и евра се намалени од 0,01 до 0,3 процентни поени. Новите каматни стапки за физички лица се со важност од 15 ноември годинава“, се наведува во објавата од банката. Од НЛБ Тутунска банка додаваат дека новите каматни стапки на депозитните продукти се однесуваат на сите постојни и новосклучени договори за депозити. Па така, во моментов, според веб-страницата на НЛБ Тутунска банка, кога станува збор за традиционалниот депозит, каматните стапки за орочени депозити во денари, на пример, имаат камата од 1,4 отсто, на оние што се орочени на 24 месеци им се пресметува камата од 2,5 отсто, за 36 месеци орочување каматата е 2,9 отсто и за депозити со рок од 60 месеци, каматната стапка изнесува 3,3 отсто. Каматните стапки се повисоки кај златниот и златниот плус депозит.
Членот на Управниот одбор на НЛБ Тутунска банка, кој од стартот на наредната година ќе ја извршува функцијата прв човек на банката, Антонио Аргир, вчера ни изјави дека ова намалување било планирано, како и дека банката веќе најави дека до крајот на годинава ќе има уште едно намалување на каматните стапки на депозитите. „Каматните стапки се формираат во зависност од понудата и побарувачката. Бидејќи немаше промени во побарувачката на пари, банката го реализираше планот за намалување на каматните стапки на депозитите за физички лица“, вели Аргир. Според него, доколку во наредниот период се отвори покрупен инвестициски циклус во земјава, што би значело и поголема побарувачка за кредити, каматните стапки ќе одат нагоре. Движењата сега укажуваат дека каматните стапки овде ќе се стабилизираат.
Инаку, централната банка неодамна донесе една првична мерка во насока на поттикнување на штедењето. „Првата мерка беше донесена во септември, кога задолжителната резерва за денарските депозити над една година се намали на нула. Со тоа се намали трошокот на банките за тој тип депозити. Очекуваме таа заштеда банките да ја пренесат на штедачите преку нудење повисока камата за тој вид депозити“, изјави неодамна гувернерот Богов. Тој тогаш потврди дека централната банка разгледува и дополнителни мерки, но видот и тајмингот ќе се дефинираат во наредниот период.
Инаку, заштедите на домаќинствата во банкарскиот сектор во земјава во последниве неколку години постојано растеа. Тоа се случуваше и во време на светската економска криза во 2009 година, како и во периодот на европската должничка криза во 2012.
Но, намалувањето на штедните влогови на домаќинствата за прв пат се почувствува во мај, годинава, кога тие за еден месец се намалија за близу 22 милиони евра во однос на април, а во јуни следуваше нов месечен пад за над 13 милиони, или само за два месеца штедните влогови на домаќинствата се „стопија“ за околу 35 милиони евра. Јули донесе оптимизам и штедните граѓански влогови во тој месец се зголемија за 17 милиони евра, но веднаш во наредниот месец, во август, се намалија за истата сума. Најновите податоци на централната банка за септември годинава покажуваат дека во тој месец навистина е регистрирано позначајно заздравување, за 24 милиони евра. Но, и покрај тоа што нивото на крајот на септември е зголемено во однос на август, тоа е, сепак, пониско од сумата во април, последниот месец пред да почне намалувањето.
Овој тренд го потврди и гувернерот Богов, на последната прес-конференција, кога потенцираше дека годинава големо влијание врз движењата на депозитите имаа двата шока, политичката и грчката криза. Депозитите годинава ќе пораснат за 4 отсто, што е под вообичаената стапка на раст. Се очекува тој да се забрза на близу 7 отсто во 2016 година и да се врати на стандардниот раст од 9 отсто во 2017 година.
Богов малку неочекувано најави и една друга новина, дека НБМ ќе ги заостри критериумите за добивање потрошувачки кредити. Околу оваа новина од НЛБ Тутунска банка велат дека очекуваат да видат каква мерка ќе донесе НБМ. „Го следиме трендот. Задоволни сме од порастот и задоволни сме од трендот на наплата кај потрошувачките кредити и засега кај нас нема сигнал за пораст на нефункционалните заеми кај овие кредити“, велат од НЛБ Тутунска банка.