Девет австриски компании од различни индустрии се претставија на вчерашниот бизнис-форум во Стопанската комора на Македонија. Нивни претставници остварија директни средби со македонски фирми со цел да најдат нови деловни партнери и да ја зајакнат трговската соработка. Како што беше речено на форумот, соработката со австриските фирми е од големо значење затоа што ќе придонесе за зголемување на потенцијалите за извоз на македонските компании како и на конкурентноста. Дојдовме да утврдиме дали има интерес кај македонските фирми за соработка, изјави Симон Адлер од австриската фармацевтска компанија „Рокитан“.
Девет австриски компании од различни индустрии се претставија на вчерашниот бизнис-форум во Стопанската комора на Македонија. Нивни претставници остварија директни средби со македонски фирми со цел да најдат нови деловни партнери и да ја зајакнат трговската соработка.
Како што беше речено на форумот, соработката со австриските фирми е од големо значење затоа што ќе придонесе за зголемување на потенцијалите за извоз на македонските компании како и на конкурентноста.
„Дојдовме да утврдиме дали има интерес кај македонските фирми за соработка“, изјави Симон Адлер од австриската фармацевтска компанија „Рокитан“.
Јадранка Аризанковска од Стопанската комора потенцира дека ова е досега најбројната бизнис-делегација од Австрија која учествува на деловен форум.
„Соработката со Австрија е од особено значење бидејќи овие средби често завршуваат со позитивни резултати. Австриските компании може да придонесат за трансфер на нови технологии и знаења и да им го отворат патот на македонските фирми на европските пазари“, рече Аризанковска.
Инаку, Австрија е 14. трговски партнер на Македонија и втора земја во делот на инвестициите. Во 2013 година остварени се најмногу инвестиции од оваа земја, во вредност од 73,8 милиони долари.
Вкупната трговска размена во првите три месеци од 2016 изнесува 40 милиони долари, што е раст од десет проценти во однос на истиот период лани.
Извозот изнесува 11 милиони долари или за над 50 отсто повеќе, додека увозот изнесува 28 милиони долари, што е намалување за 0,6 отсто во споредба со истиот период минатата година.