Македонските компании кои котираат на Берзата вкупно вредат 1,881 милијарда евра, односно толку пари би зеле нивните сопственици доколку ги продале сите акции во последниот ден од минатата година. Ова го покажува Годишниот извештај на Македонската берза кој се однесува на 2016 година, кој говори за пораст на пазарната капитализација на компаниите. Во овие фирми влегуваат и котираните акции, но и акционерските друштва со посебни обврски за известување. Во однос на 2015 година, кога пазарната вредност на сите акции на компаниите тежела 1,672 милијарди евра, во минатата година е забележан пораст за 12,5 отсто на пазарната капитализација на компаниите.
Македонските компании кои котираат на Берзата вкупно вредат 1,881 милијарда евра, односно толку пари би зеле нивните сопственици доколку ги продале сите акции во последниот ден од минатата година. Ова го покажува Годишниот извештај на Македонската берза кој се однесува на 2016 година, кој говори за пораст на пазарната капитализација на компаниите. Во овие фирми влегуваат и котираните акции, но и акционерските друштва со посебни обврски за известување. Во однос на 2015 година, кога пазарната вредност на сите акции на компаниите тежела 1,672 милијарди евра, во минатата година е забележан пораст за 12,5 отсто на пазарната капитализација на компаниите.
Најголема е вредноста на стотина котирани компании на Македонската берза, односно тие ако за еден ден би ги продале сите нивни акции, газдите би заработиле дури 1,826 милијарди евра, покажува извештајот на Берзата. Компаниите кои се во рангот на акционерски друштва со посебни обврски за известување, на крајот на минатата година имале пазарна капитализација од 55 милиони евра.
Од другите параметри на Берзата, лани во однос на претходната година раст покажале и берзанскиот промет и берзанскиот индекс, но се намалува учеството на странските инвеститори во главнината на македонските компании. Односно, лани на Берзата бил реализиран вкупен промет од речиси 50 милиони евра, или прецизно 49,16 милиони евра, што е раст за 13,64 отсто во однос на истиот период претходната година.
Најголемиот промет како и вообичаено е остварен на официјалниот пазар, односно 35,8 милиони евра, што е 73 отсто од вкупниот промет. Потоа, преку блок трансакции е направен промет од 10,5 милиони евра или 21,4 отсто, додека, пак, на редовниот пазар се реализирани два милиони евра или 4,2 проценти. На јавни берзански аукции се должат околу 740 илјади евра или 1,5 отсто. Не е направена ниту една јавна понуда на хартии од вредност, односно на тој начин воопшто не е реализиран промет во текот на минатата година.
Пораст забележал и берзанскиот индекс МБИ10, кој лани достигна 2.134,9 индексни поени, што е раст во однос на претходната година за 15,45 отсто. Индексот ОМБ, пак, кој се однесува на обврзниците, лани имал мал пад од 0,43 отсто.
Најмногу се тргувало со акциите на Комерцијална банка, при што е остварен вкупен промет од 515,6 милиони денари. Истргувани се 210.641 акција, а направени се 2.124 трансакции. Просечната цена што ја остварила акцијата на оваа банка лани била 2.424 денари.
По Комерцијална следува акцијата на нашата најголема фармацевтска компанија „Алкалоид“, со вкупен промет од 230,7 милиони денари, а истргувани се 43.730 акции и направени 1.584 трансакции. Просечната цена на акциите е 5.262 денари. На третата позиција е „Макпетрол“, со промет од 151,1 милион денари, а просечната цена на акцијата на оваа компанија била 21.893 денари. Стопанска банка Скопје е четврта со 136,7 милиони денари остварен промет во минатата година, а просечната цена на акцијата била 556 денари. Со акциите на НЛБ банка, пак, минатата година е направен промет од 110,9 милиони денари со што таа се најде на петта позиција, а просечната цена на акцијата била 7.603 денари.
Она што може да се смета како неповолно, е намалувањето на учеството на странските инвеститори од нашите најзначајни котирани компании на Берзата, односно оние од индексот МБИ10. Од сите десет компании, лани дури во девет се намалило учеството на странските инвеститори, додека само во една компанија се случил пораст на учеството на странските инвеститори во нејзината главнина.
Така, во Комерцијална банка лани учеството на странските инвеститори во главнината се намалило за 3,44 отсто, и изнесува 37,9 отсто. Во „Алкалоид“, пак, минатата година учеството на странските инвеститори во главнината се намалило за 0,38 отсто, а во „Гранит“ за 1,29 проценти. Намалување на учеството во странските инвеститори лани е забележано и кај „Макпетрол“, за 1,79 отсто, како и во „Македонија турист“, Стопанска банка Битола, Стопанска банка Скопје, „Македонски телеком“, како и во НЛБ банка. Зголемување на учеството на странските инвеститори има само во главнината на компанијата „Реплек“.