Се реализира најавата на Владата за пад на каматите на субвенционираните станбени кредити од проектот "Купи куќа, купи стан". Измените на Законот за субвенционирање станбен кредит поминаа во Собранието, а со нив на новите корисници на ваквите кредити, освен помали камати, им се овозможуваат и други поповолни услови за полесно да дојдат до покрив над главата. Кај моделот половина рата каматата за првите три години од отплатата од 4,99% се намалува на 3,95%, а за четвртата и за петтата година од 5,5% на 4,44%. Како што образложи пред пратениците заменик-министерот за финансии, Ардиан Џеладини, кај вториот модел, со кој се субвенционира половина од учеството за кредитот за стан и 75% од учеството за изградба на куќа, каматната стапка ќе биде шестмесечна плус 4,5 процентни поени за сето времетраење на исплатата на кредитот.
Се реализира најавата на Владата за пад на каматите на субвенционираните станбени кредити од проектот "Купи куќа, купи стан". Измените на Законот за субвенционирање станбен кредит поминаа во Собранието, а со нив на новите корисници на ваквите кредити, освен помали камати, им се овозможуваат и други поповолни услови за полесно да дојдат до покрив над главата.
Кај моделот половина рата каматата за првите три години од отплатата од 4,99% се намалува на 3,95%, а за четвртата и за петтата година од 5,5% на 4,44%. Како што образложи пред пратениците заменик-министерот за финансии, Ардиан Џеладини, кај вториот модел, со кој се субвенционира половина од учеството за кредитот за стан и 75% од учеството за изградба на куќа, каматната стапка ќе биде шестмесечна плус 4,5 процентни поени за сето времетраење на исплатата на кредитот.
Пресметките на Владата кажуваат дека со ова намалување на каматите за пет години отплата на кредит од 50.000 евра се заштедуваат 1.800 евра, додека во однос на комерцијалните кредити заштедата е од 2.000 до 3.000 евра.
Разликата од намалените камати на банките ќе им се исплати од државниот буџет.
Кредитокорисниците, пак, нема да ја враќаат субвенцијата доколку редовно го отплатуваат кредитот, кој е на 20 години, но имаат таква обврска ако дојде до присилна или предвремена исплата, и тоа само пред истекот на десеттата година.
- Во случај на наплата на субвенционираниот кредит во постапка за присилна наплата, односно извршување, надоместот достасува за наплата заедно со субвенционираниот кредит и корисниците се должни да го вратат веднаш на Министерството за финансии преку деловната банка. Во случај на предвремена доброволна отплата на субвенционираниот станбен кредит пред истекот на десеттата година од отплатата на кредитот, надоместот достасува за наплата заедно со субвенционираниот станбен кредит и корисниците се должни да го вратат веднаш на Министерството за финансии преку деловната банка - се наведува во измените на Законот.
Сепак, како исклучок им се овозможува на граѓаните да не ги враќаат парите добиени од државата доколку кредитот го вратат во целина предвреме, но по истекот на 10 години.
- По исклучок, во случај на предвремена доброволна отплата на субвенционираниот станбен кредит по истекот на десеттата година од отплатата на кредитот, средствата за надоместот се неповратни, односно корисниците не ги враќаат на Министерството за финансии преку деловната банка - гласи членот со кој се воведува оваа поволност.
Ова е значително олеснување ако се знае дека со првичната верзија на Законот на стартот на проектот "Купи куќа. купи стан" за секоја предвремена отплата беше предвидено враќање на државната субвенција.
Најновите измени на Законот за субвенциониран станбен кредит, кои треба да стапат на сила наскоро и нема да важат за лицата кои веќе зеле вакво кредит, се само дел од низата подобрувања со кои последниве години проектот Купи куќа, купи стан" стана достапен за поширок круг корисници. Со претходните измени од февруари годинава се подигна лимитот на примањата на апликантите како услов за добивање на кредитот. Така, границата од најмногу 900 евра остана за самците, а за семејствата се зголеми на 1.200 евра. Исто така, се отстрани пречката сопствениците на имот да не можат да аплицираат за субвенциониран станбен кредит. Со тие законски измени се овозможи да го добиваат и лица кои поседуваат половина од стан или куќа.