Она што македонските бизнисмени го говорат од пред два месеца сега се потврдува и низ статистичките податоци - кризата се' посилно влијае врз стопанството. Најновите бројки што ги обзнанија државните статистичари покажуваат драматичен пад на извозот од земјава, кој во првите четири месеци е помал за 11,4 отсто во однос на истиот период минатата година. Април е особено неповолен, бидејќи во тој месец во однос на април лани минусот кај извозот е 24 отсто. Организирани преку своите комори, но и поединечно, бизнисмените не престануваат да ги повикуваат политичките партии да најдат решение за кризата. Бизнисменот Аце Антевски од „Раде Кончар“ вели дека оваа компанија, која се занимава со сервисирање на трансформатори, има се' помалку работа како последица на политичката криза и загриженоста на странските партнери.
Она што македонските бизнисмени го говорат од пред два месеца сега се потврдува и низ статистичките податоци - кризата се' посилно влијае врз стопанството. Најновите бројки што ги обзнанија државните статистичари покажуваат драматичен пад на извозот од земјава, кој во првите четири месеци е помал за 11,4 отсто во однос на истиот период минатата година. Април е особено неповолен, бидејќи во тој месец во однос на април лани минусот кај извозот е 24 отсто. Организирани преку своите комори, но и поединечно, бизнисмените не престануваат да ги повикуваат политичките партии да најдат решение за кризата.
Бизнисменот Аце Антевски од „Раде Кончар“ вели дека оваа компанија, која се занимава со сервисирање на трансформатори, има се' помалку работа како последица на политичката криза и загриженоста на странските партнери.
„Ние веќе немаме работа, дури сме дојдени во ситуација да размислуваме што ќе правиме со нашите вработени. Имено, нашата компанија се занимава со сервисирање на трансформатори, чии цени се огромни и поради тоа нивните сопственици не сакаат да ризикуваат, па и при мала нестабилност ги носат на сервисирање на друго место. Тоа особено го почувствувавме по настаните во Куманово, а нашите конкуренти од другите земји веднаш сакаат да ја искористат приликата. Компаниите со кои досега соработувавме веќе почнаа да работат со фирми во Србија, Хрватска, Албанија, без разлика што можеби тие имаат повисоки цени за сервисирањето, но трансформаторите се многу скапи и затоа тие не сакаат воопшто да ризикуваат“, вели Антевски. Според него, многу неповолно врз бизнисот во земјава влијаеле и информациите што ги пренесуваа странските медиуми, особено оние од нашето опкружување, за политичката криза во земјава.
„Не добиваме нарачки, а ако нема нарачки, не може да се работи и ќе нема средства за плати на работниците“, рече Антевски.
Според него, ако ова потрае, ќе изгубиме сите, а особено стопанството.
„Важно е само да се создаде нормална и стабилна клима за да може бизнисот на мира да работи. Значи, крајно време е политичарите да ја решат кризата, за да се спаси стопанството“, вели Антевски.
Компанијата „Факом“, пак, инаку најголема од областа на металопреработувачката индустрија во Југоисточна Европа, како што вели нејзиниот генерален директор Златко Симоновски, нема проблем со нарачките и со соработката со своите долгогодишни деловни партнери, но проблем се јавува со новите клиенти и пазари што сакаат да ги освојат, од кои дел ги одложиле своите најавени посети.
„Генерално, не е спорно дека политичката криза влијае негативно врз економијата. Конкретно нашата компанија нема откажување на нарачките, бидејќи ние уште од почетокот на кризата презедовме сет мерки за да ги амортизираме последиците. Прво, нашите стратешки партнери со кои со години работиме, ги посетивме и се договоривме да ги информираме од прва рака за состојбите во земјава, објаснувајќи им дека во земјава речиси секоја година има избори и фирмите работат во такви услови. Исто така, ги уверивме дека ’Факом‘ има капацитети да ги реализира проектите во роковите кои се договорени. Значи, ние продолжуваме да соработуваме со нашите долгогодишни партнери“, вели Симоновски, додавајќи дека, сепак, иако нарачките не се откажани, се чувствува намалување на нивниот обем.
Но, тој вели дека од друга страна, кога компанијата има контакти со нови клиенти и нови пазари кои сака да ги освои, тука се појавуваат сериозни проблеми. „Посетите кои тие ги најавија, за да се уверат во производните капацитети на ’Факом‘, сега ги одложија. Такви беа најавените посети на потенцијални партнери од Норвешка и од Катар, за кои суптилно се чувствува дека одложувањата на посетите се поради тоа што тие очекуваат разврска на политичката криза во земјава“, вели Симоновски.
Инаку, според статистика, додека вкупниот извоз во земјава паѓа, извозот од слободните економски зони бележи одлични резултати. Во првите пет месеци од годинава, односно од јануари, заклучно со 30 мај, извозот од зоните достигнал 553 милиони евра, или има раст од 25 проценти во однос на истиот период лани.