Македонија ќе произведува лешници за "Нутела"

Bez autora
Aug 09 2016

Македонија може да стане атрактивна дестинација за одгледување на лешници. „Фереро“, светски познатата италијанска компанија по производството на еурокремот „Нутела“, како и чоколадните бонбони „Рафаело“ и „Фереро рошер“, сака да започне со производство на лешници во Македонија. Компанијата ќе постави опитни парцели со лешници и во наредните четири - пет години ќе испитува кој вид лешник најдобро успева на македонската почва. Потоа би се започнало и со производство. За таа цел од државава бара да се даде под концесија, меѓу 10 и 20 хектари земјоделско земјиште. Претставниците на компанијата „Фереро“, Гофредо Перна и Томасо Патикнина, денеска остварија средба со министерот за земјоделство, Михаил Цветков и со државниот секретар Бесир Јашари

Македонија ќе произведува лешници за "Нутела"Македонија може да стане атрактивна дестинација за одгледување на лешници. „Фереро“, светски познатата италијанска компанија по производството на еурокремот „Нутела“, како и чоколадните бонбони „Рафаело“ и „Фереро рошер“, сака да започне со производство на лешници во Македонија.

Компанијата ќе постави опитни парцели со лешници и во наредните четири - пет години ќе испитува кој вид лешник најдобро успева на македонската почва. Потоа би се започнало и со производство. За таа цел од државава бара да се даде под концесија, меѓу 10 и 20 хектари земјоделско земјиште.

Претставниците на компанијата „Фереро“, Гофредо Перна и Томасо Патикнина, денеска остварија средба со министерот за земјоделство, Михаил Цветков и со државниот секретар Бесир Јашари.

„Ќе и излеземе во пресрет на италијанската компанија со единствена цел, да се реализира поголемо и квалитетно производство на лешник. Ќе утврдиме каде има слободни површини, а за најповолни се сметаат регионите на Охрид, Струга и Ресен“, истакна Јашари.

Тој додаде дека за поттикнување на производството на лешници веќе е интервенирано со законски измени според кои се дава земјиште под концесија на 70, а не на 30 години како што беше досега.

„На терен тоа веќе дава резултати. Површините засадени со лешници во последните години се зголемени од 400 на 600 хектари, а просечното производство на нелупен лешник, каков што се бара на европскиот пазар, е меѓу два и три тони по единица површина. Дополнително, државата обезбедува и субвенции од 33.000 денари за одржување на насадите, 2,5 денари за предаден род, 25 денари за производство на садници од домашни компании, а на располагање се и ИПАРД средства за модернизација на производството“, укажа Јашари.

„Фереро“ ја реализираше денешната посета на Македонија на покана од фирмата „Ал Јунајтед“ со која соработува, а која во Македонија има 37 хектари засадени со лешник. Според Перна, уште пред повеќе од десет години се скенирани состојбите за производство во Македонија.

„Ги опсервиравме сите можности за продолжување на овој бизнис тука. Задоволни сме од законските измени за одгледувањето“, истакна Перна, претставникот на „Фереро“, компанија која консумира 25 отсто од светското производство на лешници.

Од чоколадниот крем „Нутела“ годишно се продаваат 180 милиони килограми, а во Италија се засадени огромни површини под ова јаткасто овошје.

Поради големата побарувачка на земјата, постојано има недостиг од лешници кои се увезуваат од Чиле, Аргентина, Турција... и други подалечни земји, при што се плаќаат високи транспортни давачки. Токму затоа, односно поради блискоста, Италијанците ја сметаат Македонија за привлечна за инвестирање во насади со лешници.

Во последните години производството на лешници во земјава станува с` поатрактивно и голем број на земјоделци се интересираат за начинот на производство, набавка на садници, производствени трошоци и заработувачката.

Некои математики покажуваат дека инвестицијата чини околу 2.500 евра, кои се враќаат за две, до три години. Според агро експерти, Македонија има почвени и климатски услови за одгледување на лешници. Досега во земјава се посадени околу 300 хектари, а производството се продава во Турција, Шпанија и Грција.

Инаку, „Фереро“ во 2013 година купи 100 отсто од турската компанија „Олтан Груп“, на која и отпаѓаше една третина од турското производство на лешници.

Во пролетта 2014 година поради невреме во Турција, компанијата претрпе големи загуби, по што цената на лешникот порасна за 60 отсто. Односно, после само десетина денови по невремето, цената на турскиот лешник порасна на берзата од 3.800 на над 7.000 фунти за тон.

„Фереро“ се шири и во Србија. Во 2014 година компанијата и српската влада потпишаа меморандум за разбирање, врз чија основ, италијанската фирма основа сопствено производство на лешници на 1.000 хектари во Србија. До 2020 година под лешник треба да бидат заседени 10.000 хектари.

Историјата на „Нутела“

„Таткото“ на кремот „Нутела“, Мишел Фереро, кој почина минатата година, ја изгради својата „чоколадна“ империја, наследувајќи го од својот татко, слаткар, малото претпријатие и рецептот на „суперкрем“, направен од лешници и од какао. Го измени и во 1964 година го нарече „Нутела“, со цел да го извезува во цела Европа. Рецептот го смислил сосема случајно. Имало недостиг на какао, но лешници во изобилие.

Успехот стигнал брзо, а групацијата „Фереро“ набрзо успеала да лансира и други брендови на чоколада како: „Киндер“, „Фереро Роше“, „Мон Шери“...

Според некои статистики во светот секоја секунда се продаваат 2 и пол тегли „Нутела“. Чоколадниот крем лани постави нов рекорд, достигнувајќи продажба во вредност од 2,46 милијарди долари, а заедно со другите производи, „Фереро“ оствари заработувачка од вкупно 8,1 милијарда долари. Во САД на „Нутела“ отпаѓаат 70 отсто од продажбата на чоколадни кремови за мачкање.

Групацијата денес вработува 22.000 работници низ целиот свет и има годишен промет од осум милијарди евра. Само „Нутелата“ во прометот учествува со 1,7 милијарди евра. Секоја година, 11 фабрики во светот произведуваат 365.000 тони од овој крем.

Според „Форбс“ имотот на семејството „Фереро“ е проценет на 23,4 милијарди долари, со што тоа е најбогато во Италија и 30-то во светот.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik