Македонската и бугарската текстилна индустрија имаат исти маки и проблеми, од кои во моментот најглавен е континуираното намалување и стареење на работната сила, поради масовното иселување на младите во западноевропските земји и ниските плати. Дополнителен проблем за македонските текстилци е и застарената технологија. Но, и во такви услови текстилните сектори во двете земји, со вкупно околу 140.000 вработени, се меѓу водечките три и шијат облека за најпознатите европски марки. Свесни за заедничките проблеми, но и за перспективите, македонскиот и бугарскиот текстилен кластер веќе неколку години спроведуваат интензивна заедничка соработка, а викендов, во Штип го почнаа третиот заеднички проект, финансиран од фондовите на ЕУ преку ИПА-програмата, за градење интернационална конкурентност, со кој е предвиден и заеднички настап на трети пазари.
Македонската и бугарската текстилна индустрија имаат исти маки и проблеми, од кои во моментот најглавен е континуираното намалување и стареење на работната сила, поради масовното иселување на младите во западноевропските земји и ниските плати. Дополнителен проблем за македонските текстилци е и застарената технологија. Но, и во такви услови текстилните сектори во двете земји, со вкупно околу 140.000 вработени, се меѓу водечките три и шијат облека за најпознатите европски марки.
Свесни за заедничките проблеми, но и за перспективите, македонскиот и бугарскиот текстилен кластер веќе неколку години спроведуваат интензивна заедничка соработка, а викендов, во Штип го почнаа третиот заеднички проект, финансиран од фондовите на ЕУ преку ИПА-програмата, за градење интернационална конкурентност, со кој е предвиден и заеднички настап на трети пазари.
„Намерата е на странските партнери да им покажеме дека на овие простори може да се прават многу квалитетни производи, уште повеќе да ја зголемиме довербата и да ги задржиме овде. За жал, државните институции и во Бугарија и во Македонија не му ја даваат заслужената поддршка на текстилниот сектор. Причината можеби е тоа што речиси 99 отсто од компаниите работат лон-производство, па сметаат дека нашиот производ ја нема потребната вредност. Но, и покрај опаѓањето во последните години, најчесто поради заминување на младите во странство, во текстилството во Бугарија во моментот има 100.000 вработени и за тоа треба да се води сметка“, рече Јордан Беловодски, претседател на Браншовата организација за текстил и облека на Бугарија.
Проблемот со работната рака е присутен и во речиси сите македонски текстилни фирми. „Во конфекциите во Делчево работат околу 1.200 луѓе и сите се судираме со тој проблем. Младите масовно заминуваат во Италија, Швајцарија, Германија... Во делчевската гимназија сега се запишуваат само по стотина ученици, а во нејзината текстилна паралелка само по десетина. Нашата бранша е потценета и од државата“, вели Влатко Ристов, сопственик на делчевската конфекција „Не-фи“, која произведува работна облека.
Со третиот проект се предвидени и заеднички настап на еден штанд на врвен европски моден саем и заедничка модна ревија во Штип. Интенцијата била и да се создаде и еден вид жиг, веројатно златно сонце, како гаранција за квалитетот на произведеното во прекуграничниот регион на Македонија и Бугарија.
„Заеднички создаваме стандарди и градиме визија и стратегија за промоција на регионот и можноста тој да нуди поголем асортиман на производи. Размислуваме и во насока на градење заеднички бренд, иако засега имаме многу малку компании што се подготвени за развивање бренд“, истакнува Наташа Сивевска, извршен директор на македонскиот Текстилен кластер.
Претседателката на Кластерот, Маријана Перковска нагласува дека во овој период текстилните фирми кај нас имале помали нарачки од странските партнери, поради меѓусезоната, а за политичката криза во која се наоѓа Македонија смета дека засега не се одразува на довербата кај традиционалните европски партнери, но оти би можела да се одрази кај потенцијалните нови.