На саботната седница на Собранието на акционери на „Макпетрол“ не се разгледувала намерата за преземање на компанијата, што неколку дена претходно ја достави британската „Балкан петролеум холдинг лимитед“, нудејќи да ги откупи сите акции по цена од вкупно 47,3 милиони евра. Ова го потврдија од нашата најголема нафтена компанија. Понудата за преземање на ’Макпетрол‘ не можеше да се разгледува на Собранието, кое се одржа во саботата, бидејќи доставената документација во ’намерата за преземање на Макпетрол‘, не беше уредна“, велат од компанијата. Од таму додаваат и дека засега компанијата нема информации дали некој од акционерите воопшто планира да ги продава своите акции.
На саботната седница на Собранието на акционери на „Макпетрол“ не се разгледувала намерата за преземање на компанијата, што неколку дена претходно ја достави британската „Балкан петролеум холдинг лимитед“, нудејќи да ги откупи сите акции по цена од вкупно 47,3 милиони евра.
Ова за „Утрински весник“ го потврдија од нашата најголема нафтена компанија.
„Понудата за преземање на ’Макпетрол‘ не можеше да се разгледува на Собранието, кое се одржа во саботата, бидејќи доставената документација во ’намерата за преземање на Макпетрол‘, не беше уредна“, велат од компанијата. Од таму додаваат и дека засега компанијата нема информации дали некој од акционерите воопшто планира да ги продава своите акции.
„Но, тоа е нивна одлука, во која ’Макпетрол‘ нема да се меша“, додаваат од најголемиот нафтен дистрибутер во земјава.
Ова следува откако во петокот „Макпетрол“ преку Берзата објави дека не го прифаќаат полномоштвото од „Балкан петролеум“, што е уште еден доказ дека во нафтениот дистрибутер не се наклонети кон намерата за преземање.
„По разгледување на документацијата се утврди дека полномоштвото не може да се прифати, од причина што се потврдува дека тоа е дадено за лицето Васко Митев, а не за лицето Петар Стојановски, кој е потпишан како полномошник“, изјавија од „Макпетрол“.
Инаку, на Собранието на акционери биле усвоени поголем број одлуки, како што се оние за распределба на добивката, за усвојување на годишната сметка и финансиските извештаи, за одобрување на работењето на членовите на Управниот и на Надзорниот одбор, и други слични одлуки.
Како што пишувавме, најголем акционер во „Макпетрол“ е командитното друштво „Оилко“ со 22,27 отсто од акциите, и само тоа има над пет отсто, а сите други акционери располагаат со помалку од пет проценти. Во „Оилко“, пак, има двајца акционери со над пет отсто, и тоа Андреја Јосифовски, претседателот на УО на „Макпетрол“, со 14,98 отсто, и самиот „Макпетрол“, со 35,61 отсто од акциите на „Оилко“.
Инаку, во финансиските извештаи кои биле усвоени на Собранието, меѓу другото се наведува и дека во 2015 „Макпетрол“ остварил приходи од работењето од дури 302 милиони евра, иако имало неповолни услови во земјава, а биле намалени и цените на дериватите.
„’Макпетрол‘ оствари позитивни резултати во своето работење. Во овој период е остварен вкупен приход во износ од 18,6 милијарди денари (302,44 милиони евра), кој е помал од минатогодишниот за 1,9 милијарди денари. Ова намалување на приходите се должи на ефектот од намалувањето на цените на дериватите во однос на истиот период од минатата година, кои достигнаа најниско ниво во последните 12 години“, се вели во извештајот.
Од „Макпетрол“ велат дека овие резултати биле остварени во година во која земјава на економски план не забележала значаен напредок, а се зголемила и задолженоста на земјата. Од компанијата додаваат и дека на политички план Македонија во 2015 западна во најголема криза од осамостојувањето.
Во образложението се наведува и дека лани продолжиле нападите и кражбите на нивните малопродажни објекти, а судскиот спор меѓу „Макпетрол“ и Владата за утврдување на конечната сопственичка структура во АД „ГА-МА“ и во 2015 година, не е решен.
Инаку, минатата година нафтената компанија остварила добивка по оданочување од 13.067.686 денари, или 213 илјади евра. Но, со оглед на фактот што во 2014 фирмата работела со загуби, целата оваа добивка ќе оди за покривање на загубата.
На средината на минатата недела британската фирма преку оглас ги извести сите акционери на „Макпетрол“ дека има намера да објави понуда за преземање на ова друштво, по цена од 25.908 денари за една акција. Таа компанија е основана пред само петнаесетина дена, на 28 мај годинава. Има двајца вработени и основачки влог од 1.000 евра. Нејзиниот директор, Васили Евдокимов, е роден во 1957 година и има британска националност.
Акционерите во саботата донеле и одлуки за одобрување на работењето на членовите на Управниот одбор, чиј претседател е Андреја Јосифовски, како и на членовите на Надзорниот одбор.
Прифатена е и објавената зделка со заинтересирана страна, односно со „Оилко“, на вредност од 551.207.100 денари, или околу девет милиони евра, односно 7,4 отсто во однос на вредноста на активата на друштвото.
Притоа, „Оилко“ се јавува како продавач на стоки и давател на услуги, и тоа за транспортни услуги, закуп на деловен простор, закуп на транспортни средства и останати стоки и услуги. А, во помал дел од оваа зделка „Оилко“ се јавува и како купувач на стоки и давател на услуги, и тоа гориво за возила, резервни делови и потрошен материјал, и услуги преку картички „верна“.