Нафтената компанија „Макпетрол“ и годинава прикажа загуба од редовното работење, која заклучно со септември достигна 129,5 милиони денари (или околу 2 милиони евра), што е четирикратно повеќе од истиот период лани. Истовремено, нејзината фирма-ќерка „Оилко“ реализира добивка пред оданочување од 50,7 милиони денари (или околу 824 илјади евра), речиси три пати повеќе од истиот период лани кога таа изнесуваше 18,7 милиони денари. Инаку, годинава „Макпетрол“ вкупно продала 258.025 тони нафтени деривати, биодизел (ФАМЕ), глицерин и природен гас што претставува зголемување во однос на истиот период лани кога биле продадени 231.404 тони, се наведува во извештајот.
Нафтената компанија „Макпетрол“ и годинава прикажа загуба од редовното работење, која заклучно со септември достигна 129,5 милиони денари (или околу 2 милиони евра), што е четирикратно повеќе од истиот период лани. Истовремено, нејзината фирма-ќерка „Оилко“ реализира добивка пред оданочување од 50,7 милиони денари (или околу 824 илјади евра), речиси три пати повеќе од истиот период лани кога таа изнесуваше 18,7 милиони денари.
Инаку, годинава „Макпетрол“ вкупно продала 258.025 тони нафтени деривати, биодизел (ФАМЕ), глицерин и природен гас што претставува зголемување во однос на истиот период лани кога биле продадени 231.404 тони, се наведува во извештајот.
„Макпетрол“ за загубата погледот го насочува кон Регулаторната комисија за енергетика, чии одлуки придонеле компанијата да оствари 240,9 милиони денари помалку од дополнителната маржа при набавката на нафтените деривати, поради лошиот сооднос помеѓу реалните и пропишаните набавни цени. „Ова е доказ дека пропишаните маржи од страна на Регулаторната комисија, кои не се променети уште од 2003, се неоправдано ниски и недоволни за рентабилно работење“, констатира „Макпетрол“.
Покрај ова, од компанијата велат дека биорафинеријата работи со недоволен капацитет поради отсуство на домашна регулатива за задолжително намешување на дизел-горивата со чист биодизел. Поради ова, биле принудени да преработуваат суровини и да извезуваат готови производи во неповолни ценовни услови, што придонеле за негативен финансиски резултат од 115,6 милиони денари. Трета причина за загубата, според „Макпетрол“, се високите трошоци за камати, кои сепак имаат тренд на намалување, а врз финансиските резултати влијаеле и високите трошоци за одржување на складовите за нафтени деривати, кои целосно се на товар на компанијата, иако сосопственик е Агенцијата за стоковни резерви и Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати.
Од „Макпетрол“, сепак, нагласуваат дека загубата има тенденција на опаѓање, односно дека од 243,4 милиони денари, колку што изнесувала на крајот од јуни, е сведена на 129,5 милиони денари. „Во третиот квартал годинава, компанијата прикажа добивка во износ од 113,9 милиони денари (1,8 милиони евра), што може да биде основа за очекување на подобри резултати до крајот од годината“, оптимистички велат во „Макпетрол“.
Оваа компанија се најде во фокусот откако во август годинава МВР поднесе кривична пријава против 21 лице поврзани за наводно незаконско прелевање на капитал од акционерското друштво „Макпетрол“ во командитното друштво со акции „Оилко“, меѓу кои и раководните лица на двете фирми. Претходно, уште од формирањето на „Оилко“, пред седум години, досега финансиската состојба, односно загубата се повторуваше.
Инаку, според неревидираниот биланс на успех, вкупниот приход на„Макпетрол“ изнесува 13,9 милијарди денари и е помал од лани за 1,6 милијарди денари, што се должи на пониските цени на дериватите, објаснуваат од компанијата.
„Оилко“, пак, во периодот јануари - септември годинава оствари приходи во износ од 301,5 милиони денари и расходи од 249,6 милиони денари, при што добивката пред оданочување изнесува 50,8 милиони денари. Од ова командитно друштво објаснуваат дека зголемените приходи главно се должат на зголемениот обем на транспорт, што е и нивна основна дејност.