Производителите на бакар, челик и другите производи од металната индустрија ги живеат веројатно најтешките денови од осамостојувањето на земјата до сега. Падот на цените на светските пазари сериозно се одразува врз плановите за производство. Луѓето од овој сектор посочуваат дека некои од претпријатијата работат со намален капацитет, како „Фени“, еден од водечките извозници во земјава, каде што е згасната една од печките, „Југохром“ каде што работат две печки, други, пак целосно го прекинале производството. Во „Макстил“ производствените кампањи се повремени, што се должи на нередовните нарачки, со помал обем е и производството во валалницата, леарниците во земјава се исто така во лоша состојба. Рудникот „Бучим“ е на граница на рентабилноста како последица на големиот пад на цените на бакарот на светските берзи. „Ситуацијата е крајно неизвесна и неблагодарно е да се прогнозира како ќе се развива“, вели Митко Кочовски, од скопски „Макстил“ и доцент на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Производителите на бакар, челик и другите производи од металната индустрија ги живеат веројатно најтешките денови од осамостојувањето на земјата до сега. Падот на цените на светските пазари сериозно се одразува врз плановите за производство.
Луѓето од овој сектор посочуваат дека некои од претпријатијата работат со намален капацитет, како „Фени“, еден од водечките извозници во земјава, каде што е згасната една од печките, „Југохром“ каде што работат две печки, други, пак целосно го прекинале производството. Во „Макстил“ производствените кампањи се повремени, што се должи на нередовните нарачки, со помал обем е и производството во валалницата, леарниците во земјава се исто така во лоша состојба... Рудникот „Бучим“ е на граница на рентабилноста како последица на големиот пад на цените на бакарот на светските берзи...
„Ситуацијата е крајно неизвесна и неблагодарно е да се прогнозира како ќе се развива“, вели Митко Кочовски, од скопски „Макстил“ и доцент на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Инаку, за значењето на овој сектор за целокупното македонско стопанство, зборува и податокот дека само индустријата за основни метали во 2007 година, кога капацитетите работеа со полн капацитет учествувала со 5,7 отсто во домашниот бруто-производ. Вкупните ефекти врз економијата, пак, преку поврзаните индустрии се проценуваа на околу 24 отсто. Иако сега овие проценти се значително намалени (на помалку од 2 отсто во БДП), сепак значењето на секторот е големо, бидејќи влијае врз активноста во многу други стопански гранки - како производство на енергија, транспортот итн.
За лошите денови на оваа индустрија на светско ниво деновиве се осврна и „Си-Ен-Ен“, кој повикувајќи се на анализите на „Блумберг“ објави дека производителите се соочуваат со поголема криза од онаа во 2008 година. „Ситуацијата е толку лоша што стоковниот индекс на ’Блумберг‘, кој ги следи во голем дел суровините и материјалите падна на најниско ниво од јуни 1999 година“, се вели во информацијата. Причината е „непријатната комбинација од поголема понуда и слаба побарувачка, која што предизвика хаос во индустријата“. Слично е и со алуминиумот, платината и паладиумот.
Ваквите состојби се одразија и врз работењето на домашните производители на бакар. Така, рудникот „Бучим“ работи на границата на рентабилноста.
„Ние во рудникот направивме планови за следната година и ако цената на бакарот не падне под 4.500 долари за тон имаме шанси да ја поминеме 2016 година“, вели заменик-директорот Николајчо Николов. Тој смета дека оваа криза ќе биде подолготрајна и компаниите ќе треба соодветно да се подготват за да ја пребродат.
„Сега состојбата е многу покомплексна во однос на 2007-2008 година, кога стануваше збор за финансиска криза, сега пак, кризата е и политичка и економска и финансиска. Нарушени се многу односи“, вели Николов. Состојбата се усложнува со забавувањето во Кина, каде што се продаваа околу 40 отсто од целокупното производство на бакар. Но, таму се намалуваат прогнозите за раст на производството од 6,8 отсто на околу 4 отсто, што значи дека тие 2,8 процентни поени помалку сигурно ќе се одразат и врз побарувачката на металите, а со тоа и на бакарот, прогнозира Николов.
Од „Бучим“ многу надежи полагаа и во отворањето нови капацитети за што беа инвестирани значителни средства. Еден од проектите е и рудникот „Кадаица“ за кој е добиена концесијата, иако се доцнеше. Засега е извадена пробно количество руда, но Николов вели дека во 2016 година нема да се случува ништо битно со овој рудник. Повеќе надежи се полагаат во „Боров Дол“, кој претставува континуитет за „Бучим“ по 2020 до 2030 година.
Неодамна кај нас престана производството во два рудника - „Злетово“ и „Тораница“, откако беше отворена стечајна постапка, а сопственикот, индиската компанија „Индоминерали“, ја врати концесијата.
„’Злетово‘ и особено ’Тораница‘ треба што побрзо да се рестартираат, бидејќи станува збор за подземен коп, кој ако се запостави и остане надвор од функција, поради еродирањето потоа е многу потешко да се рестартираат“, вели Николов, кој воедно е и претседател на Македонската асоцијација на рударство при Стопанската комора на Македонија. Тој вели дека цените на оловото и цинкот во моментов не се причина за неработење на овие два рудника и дека идните сопственици можат да очекуваат позитивни финансиски ефекти. Неодамна, од МАР ја повикаа владата и министерството за економија што побрзо да најдат решение за рудниците, но до сега, како што вели Николов, немаат повратен одговор.
„Во изминатиот период од 25 години во Македонија нема отворено поголем рудник, па должни сме барем да ги сочуваме постојните“, вели Николов, кој додава дека не треба да се заборават 2003 - 2005 година, што значеше тоа за рударските краеви, но и земјата во целина кога не работеа рудниците.