Тим на Меѓународниот монетарен фонд предводен од Јесмин Рахман од понеделник ќе ја скенира македонската економија. Рехман е нов шеф на мисијата на ММФ за Македонија, на местото на Ивана Владкова Холар. Тимот кој ќе го спроведе годишниот преглед на македонската економија на крајот од мисијата ќе објави прелиминарни заклучоци, а ќе изготви и целосен извештај што ќе се дискутира на состанок на Извршниот борд на ММФ на датум што ќе биде дополнително определен. ММФ со последните априлски прогнози очекува македонската економија годинава да оствари раст од 3,8 отсто, односно ист како и претходната година, а за 2016 година се прогнозира раст од 3,9 отсто. Македонија во февруари се раздолжи со Меѓународниот монетарен фонд, исплаќајќи 174 милиони долари, со што предвреме и во целост го исплати долгот кон Фондот.
Тим на Меѓународниот монетарен фонд предводен од Јесмин Рахман од понеделник ќе ја скенира македонската економија. Рехман е нов шеф на мисијата на ММФ за Македонија, на местото на Ивана Владкова Холар.
Тимот кој ќе го спроведе годишниот преглед на македонската економија на крајот од мисијата ќе објави прелиминарни заклучоци, а ќе изготви и целосен извештај што ќе се дискутира на состанок на Извршниот борд на ММФ на датум што ќе биде дополнително определен. ММФ со последните априлски прогнози очекува македонската економија годинава да оствари раст од 3,8 отсто, односно ист како и претходната година, а за 2016 година се прогнозира раст од 3,9 отсто. Македонија во февруари се раздолжи со Меѓународниот монетарен фонд, исплаќајќи 174 милиони долари, со што предвреме и во целост го исплати долгот кон Фондот. Македонија имаше вкупни обврски кон ММФ во износ од 220 милиони евра, пари што беа повлечени во март 2011 година, а беа дел од кредитната линија за претпазливост ПЛЛ, која ММФ ја одобри за користење во случај на позначајни надворешни шокови, кои би можеле да и наштетат на економијата на земјава. Исплатата требаше да се одвива во осум еднакви квартални рати и да заврши во март 2016 година, но заврши во февруари годинава. Моментно земјава нема аранжман со Фондот, но доаѓањето на мисијата е дел од редовните проверки што ги спроведува фондот во 188 земји членки.
Во последниот извештај на ММФ посветен на земјите од Западен Балкан, Фондот оценува дека македонската економија расте побрзо од останатите во регионот, што се должи на мерките од фискалната политика кои го поттикнуваат растот, но и на странските директни инвестиции.
Сепак, во извештајот стоеше дека економската состојба во Грција може да има последици за земјите од Балканот, вклучувајќи ја и Македонија. Заменик-директорот на Европскиот департмент на ММФ, Јорг Декресин смета дека
филијалите на грчките банки зафаќаат од 14 до 22 отсто од банкарскиот систем на економиите поврзани со Грција, како што се во Бугарија, Албанија, Македонија, Романија и Србија, што значи тие банки ќе имаат потреба од ликвидност ако ситуацијата во Грција се влоши. Освен финансиско-економската поврзаност меѓу Грција и земјите од Југоисточна Европа, има и трговски врски кои може да бидат погодени ако економската ситуација во Грција се влоши.
Од Народна банка на Македонија деновиве постојано се нагласува дека централната банка, во соработка со надлежни државни органи, има подготвено мерки кои би се презеле во случај на излез на Грција од еврозоната, а целта е да се избегне и најмала опасност од контаминација на македонскиот банкарски сектор.