Годинава треба 20 промотори во 20 држави низ светот да работат на привлекување странски инвеститори. Првично, на последниот оглас од септември минатата година Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот бараше 33 промотори. Според директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Висар Фида, од објавените 33 работни места за економски промотори, 13 не се избраа од повеќе причини. Од пријавените кандидати за тие земји, при селекцијата и интервјуата беше утврден недостиг од соодветен степен на познавање странски јазици или дел од кандидатите немаа меѓународно признати сертификати за познавање англиски јазик, а некаде и за третиот странски јазик, зависно од земјата за која се пријавиле. Како и недоволно работно искуство, недоволно познавање на економските услови на земјата за која аплицираат и слично, вели Фида.
Годинава треба 20 промотори во 20 држави низ светот да работат на привлекување странски инвеститори. Првично, на последниот оглас од септември минатата година Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот бараше 33 промотори.
Според директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Висар Фида, од објавените 33 работни места за економски промотори, 13 не се избраа од повеќе причини. „Од пријавените кандидати за тие земји, при селекцијата и интервјуата беше утврден недостиг од соодветен степен на познавање странски јазици или дел од кандидатите немаа меѓународно признати сертификати за познавање англиски јазик, а некаде и за третиот странски јазик, зависно од земјата за која се пријавиле. Како и недоволно работно искуство, недоволно познавање на економските услови на земјата за која аплицираат и слично“, вели Фида.
Тој додава дека последниот оглас беше пролонгиран на два пати, со цел да се овозможи пројавување на поголем интерес за наведените позиции и да се даде шанса на поголем број кандидати кои сметаат дека имаат квалификации и се подготвени да одговорат на предизвикот кој го носи работната позиција на економски промотор.
„Избраните промотори се очекува да стапат во работен однос од почетокот на февруари годинава“, посочува Фида.
Во изминатите повеќе од десет години, ниту од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, ниту од Владата, немаше образложение колку и кои од досега ангажираните промотори се заслужни, за која конкретна инвестиција, како и колку средби, со кои компании оствариле додека престојувале во одредена земја. Со други зборови, нема никаква транспарентност за нивното работењето кое веројатно останува познато само за Министерството за надворешни работи и Агенцијата.
Така, не се знае колку од досегашните странски инвестиции во земјава се резултат на многуте роуд-шоуа на Владата, колку се на промоторите или, пак, на бизнисмените од македонско потекло кои работат и живеат во странство.
Според досегашните изјави на надлежните, вредноста на економската промоција не може да се оцени на кус рок, туку за подолго време, бидејќи од моментот на испраќање на промоторите, па до влезот на некој странски инвеститор во земјава, неопходно е да поминат неколку години.
Она што е познато е дека од буџетот се издвојуваат значајни средства за промоција на нашите економски потенцијали низ сите страни на светот.
На последниот оглас, на кој се бараа промотори, меѓу другото, и за Брисел, Париз, Милано, Шангај, Вашингтон, Чикаго, Женева, Истанбул, Торонто, Лондон, Лос Анџелес, Москва, Бугарија, Србија, Албанија, Косово... се понуди месечна плата меѓу 2.100 и 3.000 евра, за работно време од 8 часа дневно.
Или, со други зборови тоа значи дека годишно за новите 20 промотори од државната каса ќе треба да се издвојуваат по 50 илјади евра месечно, односно 600 илјади евра годишно.
Инаку, овој износ на плати е понизок во однос на оние од претходните години. На пример, во 2013 година од буџетот беа издвоени 1,65 милиони евра за економски промотори, од кои 740 илјади евра беа за плати и за надоместоци, а другите за киријата за станови, за изнајмување возила и други дневни расходи.
Сепак, досегашните напори, како на Владата така и на промоторите за привлекување инвеститори, не се воодушевувачки ако се има предвид годишниот износ на остварените инвестиции. Според последните податоци од Народна банка на Македонија, во третиот квартал од 2016 година СДИ зафаќале само 0,4 отсто од БДП, а во периодот од јануари до октомври лани во земјава влегле 197 милиони евра СДИ. Сумата е помала за 8,3 милиони евра во однос на истиот период од 2015 година, но и од ветувањата во предизборните програми каде што се посочуваат годишно меѓу 200 и 400 милиони евра инвестиции или од 3 до 5 отсто од БДП.
Според истражувањето на БИРН, „Странски инвестиции под лупа“, во периодот од 2007 до 2016 година во Македонија се инвестирани за седум пати помалку средства отколку што биле најавени, и за три пати помалку се отворени работни места од што беа ветени. Во истражувањето биле опфатени 138 инвестиции што биле најавени или промовирани, од кои во споменатиот период 43 отсто воопшто не се реализирале.
Во анализирани десет години во Македонија, според БИРН, биле вложени вкупно 579,6 милиони евра, а во таа сума е вклучена и државната помош на инвеститорите за градење на фабриките. Податоците покажале дека до крајот на 2016 година се отворени вкупно 20.246 работни места што е за три пати помалку од најавениот број.