На новиот автопат од Кичево до Охрид веќе се пробиени вкупно над 1.000 метри од двата тунели. Градежната компанија „Синохидро“ од Кина со подизведувачите деновиве работи паралелно на двете тунелски цевки кои ќе бидат со должина од по околу 2.000 метри. Динамиката на работа на новата сообраќајница од Коридорот 8 не е нарушена, иако деновиве на повеќе делници од новиот автопат не се забележуваат механизација и работници. Пробиена е целата траса на автопатската делница, а според најавите до крајот на годината еден дел во должина од 18 километри треба да биде асфалтиран и пуштен во употреба.
На новиот автопат од Кичево до Охрид веќе се пробиени вкупно над 1.000 метри од двата тунели. Градежната компанија „Синохидро“ од Кина со подизведувачите деновиве работи паралелно на двете тунелски цевки кои ќе бидат со должина од по околу 2.000 метри.
Динамиката на работа на новата сообраќајница од Коридорот 8 не е нарушена, иако деновиве на повеќе делници од новиот автопат не се забележуваат механизација и работници. Пробиена е целата траса на автопатската делница, а според најавите до крајот на годината еден дел во должина од 18 километри треба да биде асфалтиран и пуштен во употреба.
Од Јавното претпријатие за државни патишта информираат дека градежните работи се одвиваат според предвидениот динамички план со мали отстапувања. Во моментов акцентот на градежните работи е ставен на тунелите.
„При реализација на големи инфраструктурни проекти секогаш се појавуваат непредвидени работи, но тие се решаваат тековно, без застој во изградбата на автопатот“, велат во Јавното претпријатие.
Пробивањето на тунелите, кои ќе минуваат под превојот Пресека, започна во март минатата година. Широчина на тунелските цевки е 10 метри, а висината 7 метри. Автопатот од Охрид до Кичево ќе има осум потпорни ѕида, седум вијадукти и четири мостови, како 13 потпатника и 6 натпатника.
Новата сообраќајница ќе има две ленти со вкупна широчина од 25,2 метри, а планирано е да има и една патарина. Во насока од Кичево, новата сообраќајница ќе води преку Подвис, Пресека и Песочани до Требеништа, од каде што преку Подмоље се поврзува со Охрид.
Рокот на изградба на целата автопатска делница од Коридорот 8, со должина од 57 километри е до февруари 2018 година. Целата инвестиција ќе чини 375 милиони евра, дел од 500 милиони евра кинески пари, со кои освен овој се гради и автопатот од Миладиновци до Штип.
Освен главниот изведувач кинеската „Синохидро“, на патот од Кичево до Охрид работат и „Гранит“ и „Трансмет“ од Скопје, „Илинден“ од Струга и „Викторија“ од Албанија.
Новата сообраќајница треба да обезбеди подобра патна конекција на нашиот најголем туристички центар со остатокот од државата.
За целосно комплетирање на автопатот од Скопје до Охрид ќе треба да се доизгради и делницата од Гостивар до Кичево. Неодамна таа беше понудена на јавен повик за јавно-приватно партнерство, но понудените услови не ги заинтересираа потенцијалните инвеститори.
Според најавите, се работи на подготовка на нови услови за јавен повик, но не се исклучува ниту можноста поврзувањето на Кичево и Гостивар со автопат да се финансира и со кредит од Европската банка за обнова и развој.