Владата вчера потпиша Меморандум за разбирање за проектот „Вардарска Долина“ со Кинеската меѓународна корпорација за води и електрична енергија (КВЕ) и со Кинеската банка за развој (КРБ), со кој се предвидува во наредните 12 до 18 месеци да се подготви физибилити-студија по која ќе следува проектот на изведување, што ќе се спроведува во четири фази. Проектот предвидува изградба на 12 хидроцентрали, од кои две поголеми, скалесто распоредени по текот на реката Вардар до границата со Грција. Неговата вредност се проценува на 1,5 милијарда евра, а се очекува да се спроведе за 12 до 15 години. Инвеститор на проектот за кој преговорите почнаа пред повеќе од шест месеци ќе биде Владата на Република Македонија со учество од 15 проценти од сопствени извори и со кредит од КРБ во износ од 85 отсто од вредноста.
Владата вчера потпиша Меморандум за разбирање за проектот „Вардарска Долина“ со Кинеската меѓународна корпорација за води и електрична енергија (КВЕ) и со Кинеската банка за развој (КРБ), со кој се предвидува во наредните 12 до 18 месеци да се подготви физибилити-студија по која ќе следува проектот на изведување, што ќе се спроведува во четири фази.
Проектот предвидува изградба на 12 хидроцентрали, од кои две поголеми, скалесто распоредени по текот на реката Вардар до границата со Грција. Неговата вредност се проценува на 1,5 милијарда евра, а се очекува да се спроведе за 12 до 15 години.
- Инвеститор на проектот за кој преговорите почнаа пред повеќе од шест месеци ќе биде Владата на Република Македонија со учество од 15 проценти од сопствени извори и со кредит од КРБ во износ од 85 отсто од вредноста. Се работи за најголем проект досега во Република Македонија, што ќе биде значаен за градежниот сектор, но и за водоснабдувањето, транспортот и туризмот, како и за економијата во целост - рече вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, кога со министерот за економија Фатмир Бесими го потпишаа документот од македонска страна.
Вицепремиерот Пешевски нагласи дека со Меморандумот се прецизира како ќе се одвива процесот во иднина и додаде дека, согласно со процените, КРБ ќе обезбеди заем од 1,2 милијарда евра, а Владата ќе учествува со 225 милиони евра од буџетски средства или, пак, преку други извори.
- За секоја фаза од реализацијата на проектот се предвидува посебен кредит во износ од 85 отсто од вкупната инвестиција на фазата. За секоја фаза посебно ќе се дефинира точниот износ и рочноста и каматата за кредитот - рече Пешевски и додаде дека станува збор за исклучително поволни услови под кои се нуди кинескиот заем, но нагласи дека засега не се' прецизно дефинирани.
Министерот Бесими нагласи дека станува збор за стратегиски интегрален проект значаен за енергетиката, но и за земјоделството, транспортот и туризмот во Македонија и додаде дека и досега се изработени неколку студии за „Вардарска Долина“.
Вршителот на должноста кинески амбасадор во Македонија, Цуи Жимин, рече дека реализацијата на проектот „Вардарска Долина“ ќе значи по 100 милиони евра кинеска инвестиција во Македонија во наредните 12 до 15 години.
- Тоа ќе овозможи секоја година по 3.000 директни и 20.000 индиректни вработувања, а убеден сум дека ќе даде придонес и за економскиот развој на Македонија, како и за продлабочување на одличните односи со НР Кина - истакна Жимин.
Ванг Ју од КВЕ нагласи дека реализацијата на проектот значително ќе го подобри снабдувањето со електрична енергија во Македонија, но и ќе придонесе за намалување на емисијата на стакленичките гасови во атмосферата. Тој посочи дека во 2004 година КВЕ ја изгради ХЕЦ „Козјак“, како и двете најголеми хидроцентрали во соседна Албанија во 70-тите години од минатиот век.