Повеќе од 500 домашни компании во моментов соработуваат со странските инвеститори. Ваквата соработка на овие фирми им овозможува зголемен обем на работа, но и трансфер на знаења и нови технологии, усвојување нови стандарди и зголемена конкурентност и можност за извоз на странски пазари. Зголемување на соработката меѓу странските инвеститори и домашните компании ќе биде приоритет на Советот на странски инвеститори за оваа година. Странските инвестиции не само што придонесуваат за зголемување на конкуренцијата и за пораст на извозот и на вработеноста, туку носат и нови практики, технолошки иновации и знаења, како и поефикасно корпоративно управување.
Повеќе од 500 домашни компании во моментов соработуваат со странските инвеститори. Ваквата соработка на овие фирми им овозможува зголемен обем на работа, но и трансфер на знаења и нови технологии, усвојување нови стандарди и зголемена конкурентност и можност за извоз на странски пазари.
Ова, меѓу другото, беше истакнато вчера на прес- конференцијата во Стопанската комора на Македонија, посветена на можностите за натамошен раст на економијата и креирање работни места.
Зголемување на соработката меѓу странските инвеститори и домашните компании ќе биде приоритет на Советот на странски инвеститори за оваа година. Како што истакна вчера Ирена Јакимовска, потпретседателка на Советот, странските инвестиции не само што придонесуваат за зголемување на конкуренцијата и за пораст на извозот и на вработеноста, туку носат и нови практики, технолошки иновации и знаења, како и поефикасно корпоративно управување.
„За странските инвеститори е секогаш од голем интерес да најдат добавувачи на локално ниво кои би ги задоволиле нивните потреби наместо да увезуваат од други земји“, уверува Јакимовска, која нагласува дека се зголемува бројот на македонски компании кои соработуваат со странските директни инвеститори.
Таа објавува дека локалните добавувачи се посигурни, пофлексибилни и побрзо се приспособуваат на барањата на странските партнери.
„Тие не се директно изложени на глобалните ризици во трговијата, поради близината значајно ги намалуваат транспортните трошоци, а на тој начин се редуцира и факторот на несигурност и непредвидливост при испорака на нарачките“, вели Јакимовска.
Од друга страна, странските компании имаат и други поволности од соработката со домашните фирми - ги намалуваат трошоците за набавка и го забрзуваат времето на испорака на производите.
„Домашните компании, пак, имаат корист од соработката бидејќи ги согледуваат стандардите кои се потребни за извоз во европските и во други земји, и по одреден период ќе можат да соработуваат не само со странските компании во земјава, туку и директно да извезуваат на европските пазари“, истакна Јакимовска, додавајќи дека резултатот на сето тоа е пораст на економијата и креирање работни места.
Меѓу препораките за унапредување на соработка меѓу странските инвеститори и локалните добавувачи, од Советот на странски инвеститори ги истакнаа креирање на унифицирана и интегрирана онлајн-база на податоци на домашни компании кои претставуваат потенцијални добавувачи, иницирање редовни деловни средби, детектирање на постојните проблеми и елиминирање на бирократските процедури за добавувачите при влезот во слободните економски зони, ангажирање меѓународни консултанти и обезбедување техничка поддршка на домашните компании за надградување на квалитетот на работењето, активно вклучување на банките и финансиските институции со цел обезбедување поволни кредити за надградба на техничките капацитети на домашните компании, диверзификација при привлекувањето на странските инвеститори во различни стопански сектори итн.
Платите во зоните не отстапуваат од македонските
Бруто-платите во технолошко-индустриските развојни зони не отстапуваат многу од бруто-платите на ниво на Македонија, истакнаа од Советот на странски инвеститори при Стопанската комора. Според податоците од Државниот завод за статистика, нето-платата надвор од ТИРЗ земајќи ги предвид само индустриските сектори кои се присутни во слободните зони, изнесува 17.555 денари (со вклучени превоз и хранарина), додека нето- платата кај странските инвеститори во зоните е 16.143 денари (без хранарина и превоз).
Со оглед на тоа што работните места се оддалечени, имајќи во вид дека зоните се надвор од населените места, најголем дел од компаниите вршат организиран превоз со автобуси, како и организиран ручек за вработените, кои не се вкалкулирани во месечната бруто- плата на работниците. Целосно се исплаќаат придонесите за здравствено и пензиско осигурување, додека кај оние компании кои не вршат организиран превоз и исхрана, таквите издатоци се инкорпорирани во вкупната бруто-плата.
„Отстапувањето во платите е минимално. Работниците се исплаќаат според законски гарантираната минимална плата, а дел од раководителите дури се и подобро платени од оние кои работат во истите индустрии надвор од зоните“, истакна Влатко Стојановски од Стопанската комора, додавајќи дека на вработените во ТИРЗ целосно и редовно им се исплаќаат и придонесите.
Потпретседателката на Советот на странски инвеститори Ирена Јакимовска дополни дека за да се зачува работната сила, која особено во овој период многу тешко се наоѓа, од интерес на компаниите е да обезбедат плата. „Се соочуваме со зголемена конкуренција на работната сила и се' потешко се наоѓа соодветен кадар. За тој да се зачува, треба да се инвестира“, посочи Јакимовска.