На местото на постојната депонија во Кавадарци ќе се гради фабрика за процесирање или преработка на комуналниот отпад. Италијанскиот конзорциум „Еко енерџи“ вчера најави дека ќе инвестира десетина милиони евра во Кавадарци. Претставникот на компанијата на јавната расправа за разгледување на студијата за оцена на влијанието врз животната средина истакна дека тоа е дел од проектот за енергетска независност на општините. Оваа постројка во согласност со европските норми за ваков тип концесии ќе врши преработка на комуналниот отпад за производство на гориво коешто понатаму ќе се користи за техничка енергија, односно за загревање на училишта и други јавни простории.
На местото на постојната депонија во Кавадарци ќе се гради фабрика за процесирање или преработка на комуналниот отпад. Италијанскиот конзорциум „Еко енерџи“ вчера најави дека ќе инвестира десетина милиони евра во Кавадарци.
Претставникот на компанијата Стефан Поп Дучев на јавната расправа за разгледување на студијата за оцена на влијанието врз животната средина истакна дека тоа е дел од проектот за енергетска независност на општините.
Оваа постројка во согласност со европските норми за ваков тип концесии ќе врши преработка на комуналниот отпад за производство на гориво коешто понатаму ќе се користи за техничка енергија, односно за загревање на училишта и други јавни простории.
„Станува збор за современ тип на опрема и концепција, што се користи во Европа, каде што комуналниот отпад веќе не се депонира, туку се преработува“, истакна Поп Дучев.
Според него целта е да се искористат енергенсите и енергетските потенцијали на општината тие да се употребат во производството на термичка енергија, односно комуналниот отпад да се претвори во термичка енергија.
„Постројка е наменета за третирање на локалниот комунален отпад од десетина општини од вардарскиот регион, а методологија на работа е согласно постојните европски нормативи и препораки за ваков тип на процеси. Фабрика нема да загадува, нема звук, нема емисија на штетни гасови и води, што е во согласност со европските нормативи за ваков вид процеси“, потенцира Поп Дучев.
Тој додаде дека транспортот на комуналниот отпад ќе се организира соодветно на европските препораки. Од другите општини нема да доаѓаат поединечно камиони туку ќе се направи транспортна станица во близината на Велес.
„Кавадарци е првата општина во која напредуваат процесите. Значи Италијанците прво ќе инвестираат во Кавадарци и во Велес, а потоа во Гевгелија и во Струмица, па Штип и Кочани, Куманово и Битола, Охрид и Струга и Тетово и Гостивар. Каде што ќе се изградат фабрики како директна замена на постојните депонии кои се целосно нелегални и во согласност со европските директиви треба да се затворат до 2020 година“, рече Поп Дучев.
Фабриката во Кавадарци ќе вработи педесетина лица. Од еколошкото друштво „Еко-живот“ од Кавадарци, најавија дека детално ќе ги разгледаат сите документи во врска со оваа инвестиција и дека дополнително ќе го достават своето мислење до Министерството за животна средина и просторно планирање.