Народна банка на Македонија ја намали каматната стапка на благајничките записи за 0,25 процентни поени, на 3,75 отсто. Истовремено, понудата на благајнички записи на аукцијата што се одржа вчера се зголеми од 22 милијарди на 23 милијарди денари, соопшти денеска НБМ. Од мај годинава, ова е прво намалување на референтната каматна стапка на НБМ, која служи како ориентир и за каматните стапки на деловните банки кои што тие ги одредуваат за кредитите и за депозитите кон стопанските субјекти и кон граѓаните. Практично, со ова намалување, каматната стапка на благајничките записи се враќа на истото ниво кое што го имаше пред ескалација на политичката криза во земјава, која услови притисок врз девизниот пазар, што беше и причина тогаш НБМ да реагира со зголемување на каматата на записите на 4 отсто, за да ја задржи монетарната стабилност.
Народна банка на Македонија ја намали каматната стапка на благајничките записи за 0,25 процентни поени, на 3,75 отсто. Истовремено, понудата на благајнички записи на аукцијата што се одржа вчера се зголеми од 22 милијарди на 23 милијарди денари, соопшти денеска НБМ.
Од мај годинава, ова е прво намалување на референтната каматна стапка на НБМ, која служи како ориентир и за каматните стапки на деловните банки кои што тие ги одредуваат за кредитите и за депозитите кон стопанските субјекти и кон граѓаните. Практично, со ова намалување, каматната стапка на благајничките записи се враќа на истото ниво кое што го имаше пред ескалација на политичката криза во земјава, која услови притисок врз девизниот пазар, што беше и причина тогаш НБМ да реагира со зголемување на каматата на записите на 4 отсто, за да ја задржи монетарната стабилност.
„Ваквата реакција на монетарната политика е одраз на видливото стабилизирање на очекувањата на економските субјекти, коешто во континуитет е присутно во последните шест месеци, и на значително повисоката структурна ликвидност на банкарскиот сектор“, се вели во соопштението на НБМ од вчерашната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија.
Сигналите за стабилизација, според НБМ, се видливи во двата пункта каде што политичката криза имаше најголеми ефекти - девизниот пазар и депозитите во банкарскиот систем.
Така, НБМ и во текот на декември интервенирала со откуп на девизи, шести месец последователно. Првичните податоци за ноември покажаа продолжување на растот на штедењето на населението во банкарскиот систем, присутен во континуитет од јуни наваму. „Поволните остварувања се во услови кога оцените за стабилноста на економските фундаменти и натаму остануваат позитивни“, велат од НБМ.
Инаку, кога во почетокот на мај беше зголемена каматата на благајничките записи, што се случи прв пат по три години, мерката одекна во економската јавност. Од НБМ беа категорични дека затегањето на монетарната политика е последица на зголемена побарувачка за девизи и притисоците врз депозитната база на банките, а банкарите најавија преиспитување на нивните камати. Економските експерти оценија дека мерката е очекувана, но дека ќе се одрази врз економскиот раст.
Сега, како што објаснуваат од НБМ, домашната економија во третиот квартал продолжи да расте, со солидна стапка на раст од 2,4 отсто, којашто воедно е и нешто повисока во однос на проекцијата. Растот на економската активност е поттикнат од личната потрошувачка и извозот.
Во однос на инфлацијата, просечната годишна промена на домашните потрошувачки цени во периодот јануари - ноември 2016 година и натаму е во негативната зона (-0,2 отсто, во просек), при пониски цени на храната и енергијата. Од друга страна, базичната инфлација бележи позитивни годишни стапки на раст.
Расположливите податоци за четвртиот квартал покажуваат дека трговскиот дефицит е нешто понизок од очекувањата, а нето-откупот на менувачкиот пазар, како показател за приватните трансфери, е во рамки на очекувањата.
Од НБМ соопштуваат и дека заклучно со последните податоци од декември, веќе шест месеци по ред банките имаат вишок на девизна ликвидност, што овозможи НБМ да интервенира со откуп на девизи во вкупен износ од 135 милиони евра.
„Со ова во целост се надополни делот од девизните резерви којшто беше искористен за стабилизација на курсот во периодот на шокот во април/мај. Високиот откуп на девизи во овој период од страна на НБМ се должи на поволните движења на девизниот пазар на банките во трансакциите со клиентите“, се вели во соопштението.
Вкупната понуда на девизи беше повисока од вкупната побарувачка, при годишен раст на понудата на девизи од фирмите и годишно намалување на побарувачката од страна на фирмите. Кај останатите клиенти има годишен раст на откупот на девизи од менувачниците, нерезидентите и физичките лица.
„Интервенциите на НБМ за откуп на девизи придонесоа за значително подобрување на денарската ликвидност на банките, коишто вишокот средства го насочија кон краткорочните расположливи депозити кај НБМ, при што нивната состојба достигна високо ниво“, се вели во соопштението.
Првичните податоци за ноември покажуваат понатамошен солиден раст на вкупните депозити, како кај населението, така и кај корпоративниот сектор. Во ноември, растот на вкупната депозитна база на банките изнесува 4,4 проценти на годишна основа што е во рамки на очекувањата. Податоците за кредитниот пазар во ноември исто така се поволни и покажуваат месечен раст на вкупните кредити на приватниот сектор, што доаѓа по нивното намалување во претходниот месец.
„Растот произлегува од зголеменото кредитирање на населението, при благ пад на кредитирањето на корпоративниот сектор. Кредитните текови во периодот октомври - ноември се послаби од проектираните за последното тримесечје, но со оглед на стабилизирањето на состојбите и растот на депозитната база, во следниот период е можна побрза динамика на кредитен раст“, се вели во соопштението од денешната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБМ.