Монетарната власт бара банките во земјава да бидат потранспарентни кон своите клиенти, односно попрецизно да ги дефинираат каматните стапки во договорите за штедење и за кредитирање што со нив ги склучуваат на подолги рокови. Таа деновиве до банките испратила допис со препораки за зголемена транспарентност, со што клиентите би имале појасна слика за тоа колку ќе добиваат камата на своите влогови или колку ќе и' плаќаат на банката за земените кредити во наредниот период, додека трае договорот. Банкарите, пак, објаснуваат дека тие и сега работат максимално транспарентно, почитувајќи ги целосно законските прописи. Од Народна банка на Македонија вчера ни потврдија дека на 21 октомври испратиле до банките допис, со кој им препорачуваат во новите договори за кредити и депозити да обезбедат поголема транспарентност.
Монетарната власт бара банките во земјава да бидат потранспарентни кон своите клиенти, односно попрецизно да ги дефинираат каматните стапки во договорите за штедење и за кредитирање што со нив ги склучуваат на подолги рокови. Таа деновиве до банките испратила допис со препораки за зголемена транспарентност, со што клиентите би имале појасна слика за тоа колку ќе добиваат камата на своите влогови или колку ќе и' плаќаат на банката за земените кредити во наредниот период, додека трае договорот. Банкарите, пак, објаснуваат дека тие и сега работат максимално транспарентно, почитувајќи ги целосно законските прописи.
Од Народна банка на Македонија вчера ни потврдија дека на 21 октомври испратиле до банките допис, со кој им препорачуваат во новите договори за кредити и депозити да обезбедат поголема транспарентност. „Станува збор за превентивна мерка, која од една страна ќе овозможи поголем степен на транспарентност и разбирање за условите кои банките ги нудат на своите клиенти, додека во исто време ќе помогне да се намали правниот степенот на ризик кај банките. Народна банка им препорача на банките во новите договори за кредити и депозити да обезбедат поголема транспарентност во однос на начинот на определување на каматните стапки. Имено, во договорите треба да биде јасно определена или определива висината на каматната стапка или начинот на нејзиното менување. Во суштина, каматната стапка треба да биде фиксна, односно непроменета во текот на целиот период или дефинирани периоди според договорот, или променлива. Променливата стапка треба да биде јасно, прецизно и недвосмислено определена во договорот и нејзината висина да зависи од избрана референтна каматна стапка или референтен индекс врз чија основа таа ќе се менува“, објаснуваат од централната банка.
Исто така, додаваат од НБМ, треба јасно да биде определен временскиот период во кој ќе се врши периодично утврдување на висината на променливата каматна стапка, како и изворот на информации каде што ќе бидат јавно достапни или објавени договорно избраната, пазарна, референтна каматна стапка или референтниот индекс.
„Со оваа препорака се очекува клиентите на банките да имаат само појасна слика за начинот на формирање, но и за евентуалната промена на каматните стапки за производите за времетраењето на договорниот однос со банките. Оваа препорака не се очекува да има влијание врз тековната висина на каматните стапки“, децидни се од централната банка.
Банкарите во земјава веќе размислуваат на таа тема. Антонио Аргир, претседател на Управен одбор на НЛБ банка, вели дека генерално, тој тренд е се' поприсутен, и во регионот, а во Европа и многу порано. „Јас, во име на НЛБ банка, би изјавил дека ние веќе од 2009 имаме депозитни продукти кои паралелно ги нудиме со стандардните, и кои во себе имаат фиксна каматна стапка, или варијабилна која е врзана за некоја референтна каматна стапка со која се постигнува таа транспарентност. Со тоа даваме можност клиентите сами да изберат кој тип на депозит ќе го земат“, вели Аргир. Според него, сега засега, заради традицијата и затоа што клиентите се навикнати на традиционалните типови на штедење, тие многу повеќе ги избираат нив отколку двата типа продукти со транспарентни клаузули во себе. „Но, очекувањата се дека трендот се' повеќе ќе оди кон такви типови на продукти, каде што движењата на каматните стапки ќе бидат врзани во однос на некакви референтни каматни стапки или индекс на цени“, вели Аргир.
Кога станува збор за договорите за кредитирање, банкарите велат дека тие целосно ги почитуваат законите. „Од аспект на транспарентност досега ние апсолутно, пред се' ги почитуваме законските правила и норми, законите за заштита на потрошувачи и сите кредитни продукти ни се усогласени со тие закони и правила. Што се однесува до овие продукти кои во првиот момент се со фиксни каматни стапки, а после тоа се со променливи, тоа се истите оние продукти кои се и во моментот со променлива каматна стапка, само што ние ја фиксираме за првите две до три години. Како ќе се движи натаму каматата, тоа ќе зависи од политиката на каматни стапки на банката, која таа ја прави врз основа на макроекономските движења, промените на генералната побарувачка и понуда на слободни средства, референтната каматна стапка за девизи и благајнички записи, и слично“, вели Аргир.
Каматите до крајот на годинава не се менуваат
Банкарите велат дека каматните стапки до крајот на годинава нема да се менуваат. „Во моментов НЛБ банка ги прави своите анализи и согласно своите планови за прибирање депозити и пласирање кредити, можам да кажам дека сега засега, до крајот на годината, не планираме некои поголеми корекции на каматните стапки ниту на депозитите, ниту на кредитите. Сигурно е дека ќе одиме со продуктни кампањи, каде што ќе имаме некои поповолни услови за клиентите, но тоа се сепак продажни кампањи, а не е генерално зголемување или намалување на каматните стапки“, објасни вчера првиот човек на НЛБ банка, Антонио Аргир.